ЗА 3 ГОДИНИ ВЛОЖЕНИ 10 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ШТИП Поддршката и развојот ќе продолжат, уверува Перински

Со овие проекти не само што се подобрува инфраструктурата, туку тие се надеж дека во Македонија повторно ќе може соодветно и модерно да се живее. Во таа насока и ќе продолжиме, за да придонесеме и стимулираме развој и поголем квалитет на живот на сите граѓани, веи министерот Златко Перински.

95

Општина Штип денеска беше домаќин на иницијативата „Каде што срцето е дома“, во чии рамки министерот за локална самоуправа, Златко Перински, се сретна со градоначалникот Иван Јорданов и со претставници на општинскиот Совет. На средбата разговараа за тековните проекти, визијата и стратегијата на Општината за понатамошен развој и за подобрување на квалитетот на живот на локалното население.

По средбата, министерот Перински, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, извршија увид на градежни активности на проектот за изградба на обиколницата, капитален проект вреден 141 милион денари, кој Општината го финансира со пари од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти.






Направија увид и на изградба на булеварот Партизанска, кој се финансира со општински средства, а го посетија и Универзитетот „Гоце Делчев“ каде свечено беше отворена современа лабораторија за иновации, истражување и развој, достапна за студентите, академската заедница, стартапите и за претставниците на стопанството.

Владините претставници ја посетија и Општина Карбинци, каде извршија увид на градежните активности на проектот за реконструкција на сервисна улица во село Таринци, проект од првиот владин јавен повик.

Градоначалниците на Штип и Карбинци, Јорданов и Паунов, изразија благодарност за посетата и за безрезервната поддршка која централната власт ја дава за развој на локалната самоуправа и за реализација на суштински проекти за развој на нивните општини.

– Реализацијата на проектите на краток и среден рок ќе значи и ќе овозможи огромен развој на градот Штип, можност за идна урбанизација, за нови населби. Кумулативно, во овие 3 години, заклучно со вториот владин повик, вкупните инвестиции ќе достигнат нешто повеќе од 10 милиони евра за Штип, за развој за доброто на граѓаните. Ова се историски највисоките инвестииции за нашиот град – истакна Јорданов.

Тој информираше дека Општината на вториот повик аплицирала со 6 проекти.

И Карбинци, посочи градоначалникот Паунов, добива историски најголема финансиска поддршка од оваа Влада.

– Благодарни сме на Владата која инвестира и во помалите општини од рурален карактер. Мерките вродуваат со плод, граѓаните се сведоци на реализирани проекти за нивно добро – изјави градоначалникот.

Министерот Перински порача дека поддршката на локалните самоуправи ќе продолжи со несмален интензитет.

– Со овие проекти не само што се подобрува инфраструктурата, туку тие се надеж дека во Македонија повторно ќе може соодветно и модерно да се живее. Во таа насока и ќе продолжиме, за да придонесеме и стимулираме развој и поголем квалитет на живот на сите граѓани – истакна министерот.

Премиерот Мицкоски беше дециден дека владината поддршка ќе продолжи и во годините што следат, независно од политичката припадност на градоначалниците.

– Наш приоритет е квалитетот на живот на нашите граѓани. Оваа Влада е посветена целосно на овие речиси 26.000 квадратни километри, на секое парче да инвестира – рече премиерот Христијан Мицкоски.

Поврзани содржини