ЈОТОВА КОНТРА МЕРЦ, НЕ СЕ СОГЛАСУВА ДА СЕ УКИНЕ ВЕТОТО ПРИ ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ „Не може да има компромиси со условите“

Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова истакна дека во преговарачката рамка договорена во 2022 година, врз основа на францускиот предлог, нема бугарски барања, туку европски критериуми за членство, од кои главен е заштитата на човековите права.

3,551

Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова денеска ја критикуваше идејата да се укине ветото при проширувањето на Европската Унија, што ја заговара идниот германски канцелар Фридрих Мерц.

На форумот „Европската Унија се среќава со Балканот“ таа рече дека билатералните односи на Софија и Скопје не се проблем за Македонија да почне преговори за членство со ЕУ.






Јотова ги критикуваше плановите во ЕУ проблемот со гласањето при проширувањето да се реши со квалификувано мнозинство, наместо со консензус.

– Има некои држави кои сакаат да го променат европското законодавство и начинот на донесување одлуки. Не можам да се согласам со обидите за промена на едногласноста во одлучувањето, особено за прашањето за проширувањето – рече Јотова.

Според неа, не може да има компромиси со условите за проширување.

Јотова додаде дека барањата за Македонија се дел од преговарачкиот процес со Европската Унија, а не се билатерални прашања.

– Бугарија не наметнува дополнителни услови за процесот и преговорите на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европа. Билатералните односи меѓу двете земји не се проблем за неотпочнување на преговорите на Северна Македонија, тоа е теза на политичарите од РСМ, како и на некои европски политичари и експерти. Она што Бугарија го сака е да се почитуваат европските критериуми, како што секоја земја која тргна на патот кон вистинско членство во ЕУ ги почитува овие критериуми по цена на многу тешки одлуки и компромиси. И натаму веруваме дека правата на Бугарите во Република Северна Македонија не се заштитени – рече Јотова.

Таа истакна дека во преговарачката рамка договорена во 2022 година, врз основа на францускиот предлог, нема бугарски барања, туку европски критериуми за членство, од кои главен е заштитата на човековите права. Јотова кажа дека договорената рамка е европски документ што мора да се почитува  да се имплементира и дека не може да се додава, брише, менува или да се става „во втор план“.

Според Јотова, запирањето или замрзнувањето на процесот на проширување на ЕУ ќе донесе уште поголема нестабилност, конфликти и влијание на други непријателски сили во регионот.

– Потребен е јасен одговор на прашањето дали ЕУ сака земјите од Западен Балкан, како и Украина, Грузија и Молдавија да имаат блиска и вистинска европска перспектива – рече потпретседателката на Бугарија.

На борумот во Софија учествуваше и заменик-министерот за надворешни работи на Македонија, Зоран Димитровски, кој истакна дека за Скопје не е проблем промената на Уставот, туку поставените барања за историјата на Македонија и за идентитетот на Македонците.

Поврзани содржини