СЛАВЈЕТО СО ПУТИН НА 9 МАЈ МОЖЕ ДА ГО ЧИНИ ВУЧИЌ БЛОКАДА Брисел будно ќе следи кој ќе ескивира од славјето во Киев
Се разговараше многу јасно и неколку земји-членки рекоа дека секое учество на паради или прослави на 9 мај во Москва нема да биде сфатено лесно од европската страна, имајќи предвид дека Русија води вистинска, сеопфатна војна во Европа, изјави шефицата на европската дипломатија Каја Калас.
Србија би можела да биде блокирана во процесот на пристапување во Европската унија доколку нејзиниот претседател Александар Вучиќ следниот месец отпатува во Русија на парадата за Денот на победата, пишува британски Телеграф.
– Мораме јасно да им ставиме до знаење дека одредени одлуки имаат цена. Последицата е дека нема да влезат во Европската унија. Русите многу се трудат да доведат странски гости… Ова ќе биде важен тест за нас. Во суштина, гледаме дали се на наша страна или играат за друг тим – рече Џонатан Всевиов, генерален секретар на естонското Министерство за надворешни работи.
Руските државни медиуми објавија дека Александар Вучиќ ќе биде еден од странските државници на настанот и дека Србија ќе учествува со воени единици и опрема на спектаклот на 9 мај. Како одговор, европските претставници го предупредија Вучиќ дека неговата посета ќе биде кршење на критериумите за членство во ЕУ дека и ќе ги загрози европските амбиции на Србија.
Шефицата на дипломатијата на ЕУ Каја Калас изјави дека министрите за надворешни работи на ЕУ на вчерашната средба разговарале за учеството на земјите кандидати на церемонијата во Москва.
– Се разговараше многу јасно и неколку земји-членки рекоа дека секое учество на паради или прослави на 9 мај во Москва нема да биде сфатено лесно од европската страна, имајќи предвид дека Русија води вистинска, сеопфатна војна во Европа – изјави таа за новинарите по состанокот.
Србија долго време се обидува да одржи добри односи и со Брисел и со Москва во исто време.
Земјата аплицираше за членство во ЕУ во 2009 година и доби статус на кандидат во 2012 година.
Белград одби да воведе западни санкции кон Русија како одговор на војната, што повеќето земји-членки на ЕУ го бараат како услов за членство. Русија е сопственик на единствената нафтена рафинерија во Србија и одбива да ја продаде, со што Србија економски зависи од Москва.