ОТКУПЕНИ СЕ ПОВЕЌЕ ОД 120.000 ЈАГНИЊА Трипуновски најави корекција на основот за субвенција кај јагнињата
Министерот за земјоделство вели дека за 50% се зголемени субвенциите во овој сточарски сектор и сега субвенцијата по грло овца изнесува 3.000 денари.
Располагаме со квалитетно јагне, кое што е барано надвор од нашите граници. Досега се откупени некаде 120.000 јагниња согласно податоците со кои што располагам. Побарувачката на јагниња би требало да заврши во текот на 7 до 10 дена. Се очекува да се откупат дополнително од 8 – 10.000 јагниња, значи дека ќе биде сето откупено, изјави министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.
Во делот на овчарството, вели тој, морам да кажам дека согласно ветувањата и Програмата ние ги зголемивме субвенциите за 50%. Сега субвенцијата за грло овца изнесува 3.000 денари. Дополнително за литар предадено млеко од постоечките 6 денари ги зголемивме за 7 денари за литар.
– Органските производителите добиваат дополнително 1.500 денари по грло. Работиме да се зголеми сточниот фонд и поради тоа предвидовме мерка за зголемување на основното стадо, секој кој што ќе го зголеми своето стадо за минимум 30% ќе добиe 30% зголемени субвенции -рече Трипуновски во гостување на ТВ 24.
Во однос на реакцијата на сточарите дека се намалуваат нивните стада со Програма според која секој фармер треба да има минимум предадено 50% од јагнињата за да може да биде корисник на основната мерка, тој рече дека ќе се направи корекција.
– Ја следиме состојбата и по завршување на откупот, наредниве денови ќе направиме анализа. Ги уверувам фармерите дека секогаш ќе бидеме на нивна страна и ако треба да направиме некоја корекција во делот на Програмата, сигурно ќе ја направиме – нагласи тој.
Тој додаде дека во текот на вчерашниот ден на околу 4.500 млекопроизводители им се исплатени субвенции за цела 2024 година.