БОРЕ СЕ СЕЌАВА ДЕКА ГО ИЗНЕЛ ПИШТОЛОТ ОД ДОМА, АМА НЕ СЕ СЕЌАВА КАДЕ ГО ОДНЕЛ Видевски вели дека никогаш немал закани од Палевски

Третообвинетиот Боре Видевски рече дека не може да наведе посебна причина зошто го изнел пиштолот од дома и дека дома го чувал на разни места.

4,513

Судијата Ивица Стефановски го испрашуваше третообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Боре Видевски од Велес. Видевски ги негираше сите наводи од обвинението, рече дека не може да наведе посебна причина зошто го изнел пиштолот од дома и дека првообвинетиот Љупчо Палевски никогаш не му се заканувал.

– На кој ден се слави Архангел Михаил во Велес? – праша судијата.






– На 20 или на 21 ноември, кој како има можност, јас го славев на 21 ноември. Веќе се не почитуваат старите традиции, слави кој како има можност – рече Боре.

Видевски повтори дека не се евидентирал на работа.

– Во врска со евидентирањето реков дека на тоа работно место не се евидентирам затоа што сум нов, префрлен сум од работна единица магацин во комерција, кои се на различни локации. Последното работно место е во управната зграда на Дервен, во паркот во градот – рече Боре.

– Ги видовте снимките. Зошто клекнувавте со Кешишев зад колата пред дворот на Велибор кога поминува едно возило? – праша судијата.

– Не сум се криел од нешто или некого. Немам поим зошто сум клекнал, можеби ми пречело нешто на главата, па сум се поднаведнал – рече Боре.

– На главата имавте капа, да не ви пречеше капата? – праша судијата.

– Мислам на гранки, но не сум сигурен – рече Боре.

Тој рече дека не се сеќава дека му покажувал нешто на телефон на Велибор дента кога тој ги берел јапонските јаболка.

– На снимките се гледаат радиостаници, дали вие ги видовте и зошто ги носевте? – праша судијата.

– Да. Јас првпат ги видов и мислам дека беа донесени за проба, да видиме дали работат – рече Боре.

– На снимките се гледа дека на одреден датум доаѓате кај Велибор дома со вашата „шкода фелиција“, со изгаснати светла, во раните утриснки часови, се гледа како ставате ракавици. Така ли е и зошто ставате ракавици? – праша судијата.

– Не сум сигурен за саатницата и за датумите, мислам дека тоа не е во раните утрински часови, туку е навечер. Не знам ни сам која беше причината, мислам дека ми се јави Велибор да дојдам и ми рече ајде да се спуштиме надолу по патот и ми ги даде ракавиците. Без да размислам ги ставив и продолживме надолу по улицата, но се вративме за десетина минути, бидејќи не видов никаква цел каде да се оди. Ми беше глупо и му реков да се вратиме – рече Боре.

Тој рече дека Велибор не му кажал каде одат, дека цело време зборувал нејасно и дека затоа се вратил. Боре рече дека Велибор не му го покажал спрејот WD-40.

– Дали некогаш, кога сте се возеле со Велобор, сте виделе лопати во „рено кангу“? – праша судијата.

– Не сум видел лопати – рече Боре.

– Сте биле ли во допир со „рено кангу“? – праша судијата.

– Како и сите други во партијата, го користевме „реното“. Сум го користел при селењето на партијата. Сум ги возел и двата пикапа, „рено канго“ и „фиат добло“ – рече Боре.

Тој додаде дека партијата се селела на крајот на октомври, почеток на ноември 2023 година. После тоа, бидејќи колите биле во дворот една зад друга, имало потреба да се помести едната или другата кола. Почесто го преместувале „кангото“ за да го отворат гепекот и да однесат нешто во канцеларија. Возилото било често отворено и клучот бил оставен во бравата на возилото.

Видевски рече дека Манев го зел „кангуто“ поради работата со градежни работи, зашто неговата кола често била во дефект.

– Зошто ви беа потребни радиостаници? – праша судијата.

– Не знам точно, ова е претпоставка. Партијата планираше одредени активности, собиравме декларации за МПЦ-ОА. Кога ќе соберевме 130.000 декларации, планот беше да се разделат по помесните цркви. Но, да не биде тоа одење и оставање во црква на одредена личност, туку да биде со литија од граѓани од Велес и околината. Планот беше да се тргне од Велес, па да се одржат литии и во другите градови. Радиостаниците, претпоставувам беа за конекција, за да се комуницира ако има повеќе народ. Еден да стои напред, друг позади, трет на страна и да не се користат мобилни за конекција, туку радиостаниците – рече Боре.

– Дали сте седеле кај Манев во куќата, заедно со Палевски и Кешишев и при тоа Велибор и Влатко отишле да купат гориво во галони? – праша судијата.

– Сум бил во куќата, но не знам дали биле по гориво или по друга работа – рече Боре.

– Дали сте имале закани од Палевски? – праша судијата.

-Не. Никогаш – рече Боре.

– Каде е вашиот пиштол? – праша судијата.

– Не знам. Тоа не е од сега, од поодамна. Дека не се најде дома разбрав при претресот. Можам да кажам дека повеќе години не ми текнало на него, ниту каде е ставен. Последната евиденција беше, ако се сеќавам точно, во 2017 година, во полиција, сектор за оружје, кога требаше да се пререгистрираат дозволите. Но, ни тогаш не го барав пиштолот, туку ги однесов само дозволите. После рекоа дека ќе ме викнат, но остана на тоа и не ме викнаа. Ако не ги сметам овие година и пол, тогаш 2 години претходно го немам видено пиштолот. Многу поодамна беше ставан на разни места во куќата и на крај е дислоциран надвор. Не можам да се сетам каде – рече Боре.

– Го изнесе некој комшија или вие? – праша судијата.

– Јас го изнесов, но не се сеќавам каде го дислоцирав – рече Боре.

– Надвор од куќата го изнесовте? – праша судијата.

– Мислам дека да – рече Боре и додаде дека не може да се сети каде го однел.

– Изнесовте пиштол и не се сеќавате каде е? – праша судијата.

– Не можам да се сетам ни кога е изнесен и каде е ставен. Тоа е направено многу поодамна од тие две години кои ги спомнав. Не сум љубител на оружје, купен е, да не речам од помодарство, пред повеќе од 30 години, бидејќи имаше прилика да се набави дозвола за тоа – рече Боре.

– Се сеќавате дека сте го изнеле пиштолот од дома, ама не се сеќавате каде? Зошто го изнесовте пиштолот од дома? – праша судијата.

– Не можам да наведам посебна причина – рече Боре и додаде дека дома го чувал на разни места.

Судијата го праша Видевски зошто не користеле мобилни телефони и дали било вообичаено за активности на партијата да се користат мотороли.

– Никој не рече дека е вообичаено. Тоа се први активности на партијата. Нема ништо невообичаено, затоа што дотогаш и не сме имале никакви активности – рече Боре.

Тој одговори дека не знае чија била идејата да користат мотороли и дека не знае кој ги донел. Ги видел и зел една.

– Не ви беше невообичаено Велибор да ве бара навечер и да ви даде ракавици, да се прошетате и да се вратите? – праша судијата.

– Не знам колку било доцна, но не ми се верува дека било многу доцна. А за тоа зошто ме повикал, знаеше и друг пат да ми каже, имам работа, ако сакаш дојди – рече Боре.

– Овој пат за каква работа ве викна? – праша судијата.

– Не знам, да видиме нешто – рече Боре.

– Видовте ли нешто? – праша судијата.

– Не видовме ништо. Бевме по патот и се вративме, оти јас реков да се вратиме – рече Боре.

Тој додаде дека Велибор не кажал конкретно каде одат и дека кога му рекол да се вратат, Манев веднаш прифатил. Видевски додаде дека не се сеќава дали и претходно се случувало Манев да му се јави и да го повика да прошетаат без да му каже каде и зошто.

Со ова заврши испрашувањето од страна на судијата на обвинетиот Боре Видевски.

ВО ПРВИОТ ИСКАЗ РЕКОЛ ДЕКА ПАЛЕВСКИ ГИ ИЗВРШИЛ УБИСТВАТА, ВО ВТОРИОТ НЕГИРАЛ СЀ Боре Видевски негира дека е вмешан во убиствата на Вања и на Панче

Поврзани содржини