ИСКРИ ОД ПИРОТЕХНИЧКАТА ФОНТАНА ГО ЗАПАЛИЛЕ ПЛАФОНОТ Пожарот во „Пулс“ почнал во 2.32 часот

За внесување и употреба на пиротехничките средства е осомничен и еден член на музичката група ДНК. Осомничените одговорни лица во дискотеката и членови на обезбедувањето не спречиле за потребите на настапот на групата ДНК да се внесат и да се употребат експлозивни материи – пиротехнички фонтани, иако за тоа дејствие немале задолжителна дозвола“, соопшти Јавното обвинителство.

790

Постои сомнение дека членовите на бендот ДНК околу 2.32 часот, како дел од сценскиот настап и ефект ги активирале експлозивните материи – пиротехнички фонтани, кои исфрлале искри во правец на плафонот над сцената, од кои веднаш се опожарил кровниот дел од објектот и пожарот се проширил по целиот објект.

Ова е дел од соопштението што денеска го испрати Јавното обвинителство, кое информира дека ОЈО Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 27 физички и три правни лица, за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле Тешки дела против општата сигурност од член 292, во врска со член 288 од Кривичниот законик.






За внесување и употреба на пиротехничките средства е осомничен и еден член на музичката група ДНК, на чиј концерт во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март се случи катастрофалниот пожар, во кој загинаа 59 лица, а 197 се повредени.

„Сите осомничени во периодот од 2012 година до 16.3.2025 година, заеднички, но секој од аспект на своето својство, надлежности и одговорности, воопшто не постапиле според прописите за мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и телото на луѓето и имот од големи размери. Верижните пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица, довеле до тоа да при користење на пиротехничките средства на 16.3.2025 година за време на настапот на музичката група ДНК во кабаре КЛУБ ПУЛС во Кочани, биде предизвикан пожар во кој настапила смрт на 59 лица, меѓу кои 6 деца, а биле повредени уште 197 лица, од кои 25 деца“, соопшти Јавното обвинителство.

Доколку се обезбедат докази, се додава, во истрагата ќе бидат опфатени и други засега неутврдени лица кои иако биле свесни дека поради нивното сторување и несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување и придонеле за катастрофалниот исход.

„Тројца осомничени се јавуваат како одговорни лица, сосопственици или управители во извесен период во правното лице чија подружница е клубот. Првиот од нив е закупец на објектот каде е лоциран клубот, реален сопственик и носител на целокупниот деловен потфат и работењето. Објектот со намена за лесна индустрија кој се наоѓал во индустриска зона воопшто не исполнувал услови да биде пренаменет во угостителски објект – кабаре согласно Законот за угостителска дејност, но во континуитет во целиот период осомничените добивале лиценца незаконито и организирале угостителски услуги. Притоа сите знаеле и биле свесни дека клубот не ги исполнува законски пропишаните услови и начин за вршење на угостителска дејност“, соопшти ЈО.

Во тој контекст, се додава во соопштението, конкретно постои основано сомнение дека првоосомничениот за периодот од 13.2.2024 година до 13.2.2025 година директно на осомничено службено лице вработено во Министерството за економија, му дал паричен износ за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши и на тој начин, без притоа да биде спроведена законски пропишаната постапка, обезбедил фалсификувана службена исправа – лиценца за вршење на угостителска дејност. Поради тоа против вработениот во Министерството за економија е поведена постапка и за Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик.

„Една од осомничените е и сопственичка и управителка на осомничено правно лице од Кочани која во текот на 2010 година постапила по барање на осомничениот сопственик и му изготвила основен проект како услов за отпочнување со работа и вршење на угостителска дејност – кабаре, иако знаела дека не постоеле законски услови објектот да биде пренаменет од категорија лесна индустрија во објект што врши угостителска дејност – кабаре. Овој незаконит проект сопственикот во периодот од 2012 до 2023 година во континуитет незаконито го користел во прилог на барање за добивање линценци за вршење угостителска дејност. Во 2023 година тој се обратил на осомничената за да изврши корекција на основниот проект, а таа, без да изврши проверки на лице место, незаконски извршила промена на правните лица во основниот проект и со тоа овозможила кабарето да поднесува барања за лиценца“, соопшти ЈО.

Од Министерството за економија до овој момент осомничени се поранешен министер, но и поранешен државен секретар, раководител на сектор, раководител на одделение и помлад соработник, кои и во моментов работат во Министерството но на други раководни позиции, се додава во соопштението.

„Сите тие со неизвршување на своите службени должности што биле правно должни да ги извршат, не постапиле според прописите и техничките правила за мерките за заштита и на осомниченото правно лице кое не ги исполнувало пропишаните услови и начин за вршење на угостителска дејност во повеќе наврати со лиценци му овозможиле вршење угостителска дејност – кабаре“, информира ЈО.

Двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат и три службени лица инспектори, иако биле должни да вршат инспекциски надзор, не ги извршиле своите службени должности, се додава во соопштението. Во периодот од 9.1.2020 година до 16.3.2025 година во ниту еден наврат не извршиле контрола над работењето на правното лице за да утврдат дали има важечка лиценца, дали ги исполнува пријавените минимално-технички услови наведени во барањето за Лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре, и другите пропишани услови согласно закон, со што овозможиле Кабарето ПУЛС незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност.

„Осомничените тројца градоначалници на Кочани во периодот од 2012 година до 16.3.2025 година, како и осомничени двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување не ги извршиле своите правни обврски согласно Законот за заштита и спасување, со што овозможиле Кабарето ПУЛС незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност, спротивно на Законот за угостителска дејност и другите пропишани услови согласно закон. За целиот тој период општината примала уплати по основ на надоместок за угостителски објект“, соопшти Обвинителството.

Во однос на активностите на Државниот пазарен инспекторат и Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи продолжува да врши проверки во насока на утврдување на сите пропусти во текот на целиот временски период на работа на клубот.

„На 16.3.2025 година, еден од осомничените, одговорно лице во клубот, усно организирал концерт – настап без формално потпишан договор со музичката група ДНК и притоа заедно со осомничените управители и осомничените припадници на агенцијата за обезбедување, свесни дека капацитетот и условите во објектот тоа не го дозволуваат, овозможиле влез на околу 650 посетители, помеѓу кои имало најмалку 31 дете. Едно од осомничените лица вршело продажба на билети, без притоа да води сметка за бројот и возраста на гостите кои смеат да присуствуваат, спротивно на Законот за угостителска дејност, овозможувајќи влез и присуство и на малолетни лица на настанот. Осомничените одговорни лица во дискотеката и членови на обезбедување, не спречиле за потребите на настапот на групата ДНК да се внесат во угостителскиот објект и да се употребат експлозивни материи – пиротехнички фонтани, иако за тоа дејствие немале задолжителна дозвола издадена од надлежни органи за да ракуваат со пиротехнички средства, ниту пак просторните услови дозволувале употреба на такви пиротехнички средства“, се вели во соопштението на ЈО.

Во однос на пропустите на обезбедувањето, се додава, осомничени се сопственикот и управител на фирмата за обезбедување од Скопје, овластеното лице на подружницата во Кочани, тројца вработени и едно лице кое не било вработено во фирмата, но вршело одредени работи за таа фирма.

„Сите тие вршеле работи на физичко обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, без да ги проверат условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, како и другите сигурносни услови, особено во однос на опасности и можности за евакуација. Во текот на критичната вечер, не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот на посетителите во објектот и не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства со кои бил предизвикан пожарот и поради кои настанала несреќата во објектот“, соопшти Обвинителството.

Сите осомничени се обезбедени. Кочанското обвинителство со оглед на тежината на кривичното дело кое им се става на товар и сите други околности, бара притвор за сите осомничени, со исклучок на 3 лица кои се хоспитализирани.

Поврзани содржини