🎥 ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ДА СЕ РАЗБЕРЕ КАКО ДОБРА АЛАТКА Марија Кумбароска Ванбeсин во поткастот „Бизнис-клуб“
Според Кумбароска, колку повеќе технологијата ни овозможува да сме подобри и поефикасни, од друга страна, дотолку повеќе е намалена човековата непосредност, што има негативни последици.
Во најновата епизода на поткастот „Бизнис-клуб“ со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески, гостин е Марија Кумбароска-Ванбесин, доверлив советник за стратешки вработувања на високи позиции во одбори и во извршното раководство на консултантското претпријатие „Корн Фери“ во Брисел, која изнесува ставови за значењето на човечките ресурси во остварувањето раст и развој во организациите и за потребата од вложување во нив во насока на зголемување на нивото на нивното знаење и на стекнувањето нови вештини.
Во разговорот Кумбароска Ванбесин истакна дека развојот на технологијата во компаниите оди многу бргу, а тоа бара нов пристап и нов начин на справување со одредени процеси, при што човечките ресурси ќе бидат ставени во прв план и целосно интегрирани за да може сѐ да функционира најдобро. Според неа, во време кога имаме хибриден начин на работење, на различна просторна оддалеченост, треба точно да се знае како да се усогласи тимот за да работи заедно во насока на подигнување на продуктивноста и остварување подобри резултати. Но, сепак, според Кумбароска, колку повеќе технологијата ни овозможува да сме подобри и поефикасни, од друга страна, дотолку повеќе е намалена човековата непосредност, што има негативни последици.
Кумбароска Ванбесин, во емисијата го изнесе мислењето на многумина кои сметаат дека вештачката интелигенција ќе уништи многу професии, меѓу кои и менаџментот и консалтингот, со кои се занимава таа, но, според неа, вештачката интелигенција треба да се разбере само како добра алатка која може секојдневно да се користи за да се биде поефикасен, подобар и побрз во работењето и која помага да се носат заклучоци врз база на податоци и факти, но, сепак, таа не може да биде главната стратешка цел во носењето одлуки.
Својата кариера ја започнала како истражувачки аналитичар во водечка компанија за истражување, па затоа ги знае процесите, а во текот на годините напредувала до оперативен раководител и станала партнер во фирмата. Нејзината последна позиција пред да премине во консултантската фирма „Корн Фери“, во која сега работи, била менаџер за ангажман во фирмата „Ерик Салмон и партнерите“.
Во продолжение на емисијата со претседателот на Стопанската комора Азески, таа зборува за дејноста на нејзината фирма, која се занимава со пронаоѓање професионалци кои би работеле во извршните тела на компаниите и со подигнување на перформансите на човечкиот кадар не само во приватниот, туку и во јавниот сектор, особено во државната администрација. Според анализите што ги прави нејзината фирма, хибридното работење ќе го даде својот ефект – вработените ќе сакаат да имаат поголема флексибилност и таа да биде потврдена од работодавецот, а вештачката интелигенција ќе има голем ефект врз некои индустрии како на пример фармацевтската, банкарството и сл., што ќе поттикне секоја компанија да мора да вложува во обуки за стекнување такви вештини.
Запрашана за проблемот со недостигот од работна сила, Кумбароска Ванбесин, истакнува дека првата причина е иселувањето на младите од нашата земја, и тоа на високоинтелектуален кадар кој би можело да биде на високи лидерски позиции кај нас, а втората причина ја гледа во новиот поглед кон работата на новата генерација млади, која не сака да работи што било. Таа појасни дека тие се генерација која знае што сака и која има цел, а доколку целта што се бара од нив не е компатибилна со нивната лична цел, нема да ја прифатат работата. Начинот на размислување кај нив е сменет во однос на размислувањата на младите во минатото, во поранешна Југославија, кога требало да се работи, да се испорачува, да се постигнуваат резултати и да се оди напред.
Погледнете го интервјуто