Да се воздржиме и да дочекаме правда

Немојте да подлегнувате на хушкања од политички структури, да ви го киднапираат и насочат револтот. Хушкањето на протести за конкретниот случај е страв од коренитите промени кои се случуваат и тоа што многу луѓе ќе одговараат од изминативе години што довеле до овој хаос.

3,317

Знам дека не е време за било какви писанија, знам дека сите имаме гнев, тага, лутина, очај. Знам дека сите на момент чувствуваме самовина за се ова што се случува изминативе 35 години. Македонија не е млада демократија, Македонија не е нова држава. Мааните и нефункционалноста се таложееа 35 години, без ничија одговорност.

Пред да кажам што мислам, сакам да изразам најдлабоко и најискрено сочувство до семејствата и до блиските на сите загинати, но и до целата држава. Тагува целата држава. Знам дека е капка во морето, но сепак да го кажам. Два дена се чувствувм како без компас и се преиспитувам, како и целиот народ, зошто кај нас се случуваат сите црнила и што треба да се направи тоа да прекине.

Болката и тагата се поголеми, затоа што и јас изгубив во тој пожар некој што ми беше добар пријател и човек којшто сите го сакаа, Андреј, човекот за кој имам многу да кажам како го доживував, човекот кој сите го сакаа.

Преголема е и болката што ја чувствуваме за сите загинати кои се нечии деца. Како родител, тоа ти дава дополнителен момент да ја споделиш болката на ожалостените. Непрекинато се молам сите повредени да бидат добро и да нема повеќе ниту една жртва, а искрено и од срце се молам и за мојот другар и пријател Панчо, како и за сите останати. Бог да е со вас.

Скопје еднаш беше град на солидарноста во 1963 година, целиот свет прати помош. Кочани сега е град на солидарноста, цел свет праќа помош. Македонија стана држава на солидарноста. Зошто? Зошто секогаш некој да се солидаризира со нас?

Е па сега е моментот да се воздржиме и да дочекаме правда. Сега е моментот да го поддржиме и да се приклучиме кон менувањето на криминално-коруптивниот систем.

Зошто го пишувам ова?

Можеби некој на прва ќе ме нападне, обвини, но јас моето мислење ќе го споделам токму денес, во кое искрено и длабоко верувам. Верувам во она што почна и што следи. Верувам и ќе верувам и имам причина да верувам, а искрено до сега вербата не ме изневерила.

Верувам дека почна коренита промена на системот пред 8 месеци. Верувам дека свеста за промена и борбата со корупција на премиерот и со се што е труло во системот, полека, но сигурно, се прелева и по останатите слоеви надолу. Се боревме сите за промени, за одговорност и за промена на системот. За тоа гласавме и за тоа ја добивме довербата.

Тоа се случува. Но, што попрво? 35 години талог и шљам не се чисти за 8 месеци.

Верувам во него, верувам во истрагата и знам дека ќе има разрешница без „наши и нивни“, туку разрешница со виновни и невини. Верувам, затоа што и јас изгубив некој што ми значел како пријател, другар и човек во овој пожар и гневен сум на целиот лош систем што ги поставил работите да дојде до ова, сакам одговорност и правда, но сега не е време и место да се покаже насилие.

Знам, сум бил млад, сум сакал револтот да го покажам преку изливи на анархистичко однесување итн, тоа е порив кај секој млад човек, да биде гладен за правда и тоа да го искаже повеќе или помалку рационално. Но, не е време и место да се покаже гнев со насилни протести, со барање оставки и барање „глави“, за кои истрагата треба да покаже каков удел имале во целиот процес што довел до ова.

Зошто го велам ова?

Во истиот ден цела Влада се крена на нозе, институциите отворија обемна истрага и веќе 20 луѓе се собрани. Брза реакција, истрагата уште трае, ќе се расчисти се. Никогаш претходно немало таква брза реакција со апсења на министри, директори, „ухлебани“ службеници со секоја власт. Излезен е на виделина поривот за правда да ги сруши и оние за коишто целата јавност мисли дека се недопирливи.

Бидете разумни и свесни сите, транспарентно и отворено се води се. Борбата е за секој човечки живот да се спаси од повредените, но и секој загинат да ја добие правдата со менување на системот и одговорноста.

Пак ќе кажам, верувам и имам причина да верувам и вас ве уверувам дека време за протести има – а, тоа е, ако не се донесе правдата. Сега за сега, правдата е тука, присутна и системот коренито почнува да се менува.

Немојте да подлегнувате на хушкања од политички структури, да ви го киднапираат и насочат револтот. Политичари од типот – бараме оставки од Владата, Владата да падне, ќе кољаме, ќе бесиме – не дозволувајте да Ви го управуваат бесот и гневот кон системот што сите наназад со години го премолчувале и одобрувале, само и само за да имаат пратеник плус во Собрание или да воскреснат партија од мртвите која што пропадна последните избори. Хушкањето на протести за конкретниот случај е страв од коренитите промени кои се случуваат и тоа што многу луѓе ќе одговараат од изминативе години што довеле до овој хаос.

Тие што хушкаат на протести и насилие по социјалните мрежи од политички инструирани структури, се истите што сакаат се да биде – како до сега.

За 8 месеци Мицкоски и ВМРО покажаа дека кога системот се менува нема ваши или наши, македонци или други. Има виновни кои ќе одговараат. Македонија беше земја во стечај, која пред 8 месеци доби управител што ја враќа на прав пат на успех. Почна да ги чисти тие што ја довеле во стечај и тоа им смета на истите.

Затоа верувам и треба сите да се воздржите од секакви коментари и да верувате. Правда ќе има, како што ги стига шверцерите, како што ги стига трујачите, како што ги стига перачите на пари, како што ги стига криминалците што ја цицале државата, ќе ги удри од земја и овие што довеле до тука.

И да, некаде прочитав дека системот ги изгоре, цел свет ни ги лекува повредените. За да го смениме системот, сите треба да ги поддржиме промените кои се случуваат и ги прави Владата, за потоа да направиме нов систем сите заедно каде што ќе тргнеме сите од себе и нема да бараме повеќе за ништо „врски“ и да ни се прогледува низ прсти, за да не бидеме повеќе држава на солидарноста, туку ние да бидеме тие што ќе искажуваат солидарност, ќе праќаат лекари да лечат настрадани кога ќе се случат несреќи низ светот и ќе му вратат на светот со солидарност, за солидарноста што до сега ја добивавме.

Поврзани содржини