ФИЛИПЧЕ ЕДИНСТВЕН КАНДИДАТ НА УТРЕШНИТЕ ИЗБОРИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СДСМ „Партијата е консолидирана, се спремаме за локалните избори“
Одговарајќи на новинарско прашање дали има некаков револт кај членството што не се пријавил никој друг кандидат на партиските избори, Филипче денеска истакна дека нема.
Опозициската СДСМ утре избира нов партиски претседател. Актуелниот Венко Филипче е единствен кандидат за претседател на партијата на редовните внатрепартиски избори.
Одговарајќи на новинарско прашање дали има некаков револт кај членството што не се пријавил никој друг кандидат, Филипче денеска истакна дека нема.
– Не, напротив. Сметам дека тоа е одраз на консолидацијата на партиското членство на кое што јас интензивно работев во изминатите 9 месеци. Веќе се пријавени поголем број на гласачи што се регистрираа за гласање отколку во претходниот циклус. Имаме интензивни средби на ниво на сите општински организации и состаноци, на кои доаѓаат огромен број на членови, кои до пред некое време, едноставно покажувајќи револт, не се појавуваа на тие состаноци, а сега се присутни, присуствуваат, сугерираат, учествуваат во процесот на градење на политики. Тоа за мене е само еден знак дека консолидацијата е веќе настаната и ние продолжуваме во следниот период да се спремаме за локалните избори кои што ќе дојдат наесен – рече Филипче.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија соопшти дека директните внатрепартиски избори за претседател на партијата ќе се спроведат во општинските организации на СДСМ на 78 избирачки места, кои ќе бидат отворени од 08 до 20 часот. Регистрирани се 22.717 членови, кои имаат право да гласаат.