МИЦКОСКИ НЕ ОЧЕКУВА ПРЕЛЕВАЊЕ НА ПРОТЕСТИТЕ ОД СРБИЈА ВО МАКЕДОНИЈА „Ја следиме состојбата и не се мешаме во внатрешни работи на други земји“
Ние имаме работи што дома треба да си ги решаваме и ниту имаме амбиција, ниту сакаме да бидеме дел од внатрешните работи на која било една земја во светот, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Нормално е да ја следиме состојбата во Србија, неодговорно би било да не ја следиме состојбата со нашите соседи и врз основа на тоа сме подготвени за предизвиците, доколку постојат такви, имаме разработено сценарија, но, не очекувам прелевање кај нас, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Прашан за случувањата во Србија и информациите од тамошните медиуми дека „структури од соседни земји на Србија, наводно учествуваат во некакви сценарија“, Мицкоски рече дека нашата политика е јасна, „ние ниту сакаме да ни се мешаат во нашите внатрешни работи, ниту пак ние ќе се мешаме во внатрешните работи на која било друга земја“.
– Нашата домашна задача е наша домашна задача, а домашната задача на другите земји си е нивна домашна задача. Доколку некој побара помош од нас, советодавна, каква било, тука сме во рамките на законите и Уставот на Македонија да овозможиме такво нешто. Доколку не, повторно ние ќе си ја гледаме нашата задача, затоа што ние имаме работи што дома треба да си ги решаваме и ниту имаме амбиција, ниту сакаме да бидеме дел од внатрешните работи на која било една земја во светот – изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по поставување камен-темелник на реконструкција на локалниот пат Драчево-Мотел Китка.
Во главниот град на Србија денеска попладне се очекува да почне голем протест предводен од судентите во блокада, што се смета за кулминација на три и пол месечните демонстрации поради загинувањето на 15 лица при уривање на реконструирана настрешница на железничката станица во Нови Сад.
Студентите бараат политичка и правна одговорност за несреќата во Нови Сад. Протестот во Белград доаѓа по масовните собири организирани од студентите во Нови Сад, Крагуевац и во Ниш. Владата и српскиот претседател Александар Вучиќ тврдат дека барањата на студентите се исполнети. Студентите и академската заедница го отфрлаат тоа.