Дали сме навистина толку глупав народ?

За среќа, „глупавиот“ македонски граѓанин умее да си ја покаже „глупоста“ на избори. Но оние што ја добиваат довербата врз таа и таква „глупост“ на граѓанинот, мора и да ја оправдаат. Барем во случаите со мега скандалите, колку и да ги има.

3,203

На прашањето од насловот, коешто понатаму ќе го објаснам, има само еден валиден одговор: не, не сме. Иако многумина, ама баш многумина, се обидуваат да нè убедат токму во тоа, тоа да ни го наметнат како товар, некакво историско и современо бреме што нè оптеретува секој божји ден, не ни дава рационално да размислуваме …, ама не ни ги оправдува ниту грешките. Ако ги имаме, нели.

И мојот одговор на прашањето од насловот не е некакво мое сензационално откритие, туку не постои ниту еден научен доказ дека во историјата, некогаш и некаде, живеел – глупав народ. Зошто тогаш ние би биле исклучок, без оглед на напорите на многумина, дома и надвор? Но факт е дека ние сме изморен народ, измалтретиран, тормозен и низ историјата и низ совремието, осиромашен дури до гола кожа … Ама глупави – не сме.






Но, факт е дека постојат глупави поединци и групи кои веруваат дека постојат глупави народи кои можеш да ги „возиш“ вдолж и попреку, да ги шеташ „по кровови“ и да им продадеш сè и сешто, па дури и рог за свеќа или лага за вистина. И како и секаде низ светот, такви поединци постојат и кај нас. Во голем број. И тие стануваат безобразни и доминантно агресивни во кризни времиња, во пресвртни мигови, обидувајќи се низ сплетки, манипулации и слаткоречиви флоскули да сочуваат некакви свои позиции, да интервенираат во полза на одредени групи и политикантски опции. А велам доминантни зашто се солидно етеблирани во системот, во дел од медиумите, на универзитетите, во институциите и во кулоарите на власта – на секоја власт! – и, се разбира, вгнездени се во задниците на одделни меѓународни фактори, но особено на платните списоци на познати „идеолошки“ финансиски организации. И ние, во тој поглед, како и некои други екс-социјалистички земји, сме нагледен пример за тоа!

Но, да го дообјаснам она со глупавиот народ. Иако мислам дека и нема особена потреба, но сепак: прашањето за нас како потенцијален „глупав народ“ се наметнува заради јавниот однос и постапки на оние погоре спомнати поединци и групи кои така грчевито и насилнички се борат да ни докажат некои нивни „вистини“, сместувајќи нè низ нивните „лекции“ на страната на глупоста, ограниченоста, тоталната ирационалност … бидејќи ние, наводно, а заради глупоста, не ги разбираме. А впрочем тие и не кријат дека нè сметаат за глупави. Инаку, зарем би се однесувале така и зарем би ги говореле сите оние идиотизми што ги говорат?

Во нивните актуелни политикантски автопромотивни пелтечења доминантни се три точки: Трамп, еу и новата македонска власт, а за сите три точки појдовна основа односно како црвена нишка се провлекува мега скандалот „Аферата usaid“ (малите букви се …)! Тој скандал е алфа и омега на секој нивен јавен настап, директно и индиректно, а зад сцената, како и секогаш, стојат – парите. Трите спомнати точки како главни нивни финансиски извори сега – пресушуваат. Па оттука и паниката. Да не ќе мораат сега во животот нешто и да сработат? Да одат на работа од 08.00 до 16.00 часот како сиот нормален свет и да живеат од плата?

Или, ако сакате, по отворањето на мега скандалот „Аферата usaid“, наместо акција од страна на државата, ние гледаме групна агресија токму од поединци и групи повеќе или помалку вплеткани во скандалот, или пак познатиот обратен процес на општ јавен молк, којшто целно сака да упати дека, демек, тие не се тие и ништо не знаат за тоа иако објавените списоци речито говорат што е што и кој е кој. Поточно, ако следите барем дел од американските медиуми, испаѓа дека кај нив се поактуелни димензиите на вплетканата Македонија во аферата отколку што тоа е во македонската јавност. Тој наш хроничен молк, особено на оној дел кој милува да се нарекува интелигенција, отворената агресија на некои од главните актери во скандалот, но и таинствениот молк на државните органи небаре usaid делела во земјава семки и кикирики, е убиствен. И тоа им дава за право на оние неранимајковци – кај нас, во еу (малите букви се) и во светот – да нè сметаат за глупав народ.

Па затоа, на таков „глупав народ“ е нормално јавно да му сервирате „тези“ дека Трамп – токму тој што ја затвори чешмата викана usaid – е неонацист, рекетар, тупав, манипулатор, малоумен …, дека го гледа светот како „real estate“ од којшто може да грабне што ќе посака и сл. Ама затоа „госпожа“ Мелони не се поистоветува со таквите придавки, а „тетите“ Урсула, Калас и Кос се врв на европската интелигенција, немаат врска со десницата, па некоја и со удба (малите букви се …), оној Руне е демократ а Шолц … (ајде барем малку да бидам пристоен, иако не заслужуват). А впрочем и нашион пазарџија беше „левичар“ пар екселанс, „демократ“ во битието, „полиглота“, „морална вертикала“ …, како впрочем и неговиот „наследник“. Обајцата, и не само тие туку и онаа Царовска, Ангеловска, Грковска, Маричиќ …, а особено криминалните им пајташи од дуи (малите букви се …) беа, нели, врв на македонската интелигенција, носители на мудроста и прогресот, разбира се. Но и ова ново раководство на сектата, сите до еден бисери на локалната простотија! И мислат – глупавиов народ верува!

Ама, повторно, Трамп е – криминалец и никаков, а излапениот Бајден беше цвеќе. Иако токму тој Бајден, со изгубени избори и ден пред конечно да си оди дома, го помилува својот син Роберт, однапред го помилува целото свое семејство (Џејмс, Сара, Валери, Џон и Френсис), однапред ги помилува сите членови на Конгресот, административци и полицајци кои на каков било начин учествувале во истражувањето и гонењето на учесниците во настаните од 6-ти јануари, па д-р Антони Фаучи (главниот „ковид стратег“), генералот Марк Мили за сè што сторил од 2014 година до денот на помилувањето (sic!) итн., итн. Ама, нели, Трамп е лошиот, а Бајден е добриот, демократот кој однапред си го помилува семејството?!

Тогаш, каква е таа, ве молам, перверзија од навидум нормални луѓе, „независни“ умови и (наводно) видни членови на ова општество? Кој и каков е тој нивен морал?

Како што, впрочем беше чиста перверзија и онаа циркусијада со убедувањето на вечно гладната за комплименти еу дека Македонија односно македонскиот граѓанин, бидејќи е толку прост и глупав, дава нескриена поддршка на евроинтегративниот процес од цели 62%? Зашто, нема друго објаснување освен „глупоста“ на македонскиот граѓанин за тој и толкав процент после сè што му приреди токму таа еу. Што не го прави граѓанинот само глуп и прост, туку и малициозно сугерира дека е мазохист кој ужива во децениските тормозења од „елитата“ на еу. Впрочем, пред само десетина дена тој процент беше одвај 52% – но кај други анкетари! – а претходно и помал, но после сите хаварии на криминалнана еу, после сите понижувања, па и шамарите од „стратешкиот парнер“, кај нас довербата во неа наместо да опаѓа – расте. Е во тоа сакаат да нè убедат некои од локалниве „независни“ мудреци како промотори на јавното мислење, здружено со остатокот од „зелените невладини“ и слични идиотски приколки.

И на таквите ништо не им значи ни фактот што и сите европски дипломати во земјава се „изненаѓени“, па и „позитивно расположени“ од резултатите на најновата наменска анкета за поддршката на македонските граѓани на евроинтрегративниот процес денес. Иако ја знаат вистината, нели, дека ние не сме имале 62% дури и во најдобрите денови на процесот, не пак денес, после сè. Се разбира, нештата видени низ убави и по мерка скроени розови очила секогаш им се допаѓаат на луѓето, па и на амбасадорите Рохас, Дрексел, Агелер и другите. А сето тоа сепак е интересно совпаѓање со зборовите на оној куклар Зеленски дека Трамп живее во некаков „руски меур од дезинформации“ со нашиов довчерашен – но очигледно уште актуелен! – македонски бајковит еу балон во којшто нон-стоп нè убедуваат разноразни шмеќери и кафеански „аналитичари“, љубители на зелено, припадници на секти и акционерски друштва маскирани во политички партии.

За нашиве локални кловнови проблемот е само во „времето што лета“, но не и „Бугарите во Устав“, па протоколите во процедура, па идните условувања … За нив никаков проблем не е ни што источниот сосед, наспроти регистрираните 8.000 Бугари во Албанија, не бара промена на Уставот (и) таму. Зошто? Знае дека нема да го добие, упатствата од еу се други, поинакви, што ли? Ама „нашиве“ се согласуваат и со Борисов дека „тази впрос не е впрос“ и не треба да се спомнува? Како што никој од нив не спомнува ниту од каде сега никнаа овие 62%? Од „зелената“ политика?

И во една таква локална констелација, а наспроти европскиот хаос, „глупавиот“ македонски граѓанин доживотно „вљубен“ во еу повторно успева да изнуди нова река од фини зборови од амбасадорската фела за неотповикливата желба на унијата да помогне во нашиот евроинтегративен процес (долг повеќе од две децении), за неопходните реформи во земјава (оние кои сектана сега, кога пак usaid би ја ставила на власт, би ги спровела „додека трепнеш“ иако со прст не мрдна цели седум години). Таква помош впрочем нудеше и оној смешко Шолц кога пред парламентарните избори ни ги претставуваше водачите на сектата како врв на нашите политички стремежи, оние истите неспособни и неуки политиканти но затоа вешти криминалци. Ама не му помина заложбата!

Сега, „реформираната“ секта и „зелената“ армија повторно сакаат да нè убедат дека „политиката е одговорна работа“ иако политикантите од нивниот сој имаа(т) право да бидат крајно неодговорни, дека „управувањето со институциите и со животите на граѓаните е уште поодговорна“ откривајќи ни ги новите автократски „влажни сништа“ за управување дури и со нашите животи итн. Па и и дека „не треба да создаваат проблеми“ туку дека истите треба да се решаваат, иако секој божји ден од нивните седум години беше проблем врз проблем!

За среќа, „глупавиот“ македонски граѓанин умее да си ја покаже „глупоста“ на избори. Но оние што ја добиваат довербата врз таа и таква „глупост“ на граѓанинот, мора и да ја оправдаат. Барем во случаите со мега скандалите, колку и да ги има.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини