ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЛЈАНОВСКА-ДАВКОВА ВО МОМЕНТОВ НЕ Е БЕЗБЕДНА! Професор Пивоваров повикува да се свика Советот за безбедност

Мораме сериозно да размислиме да ставиме точка на ваквите работи. Ако треба и од нула да ги почнеме безбедносните служби со нови лица и нови обуки, без разлика колку време ќе треба – вели професорот по безбедност Владимир Пивоваров.

0

Според поранешниот национален координатор за гранично управување и професор по безбедност, Владимир Пивоваров, треба сериозно да ја разгледаме ситуацијата со наводите за шпионажа во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Тој вели дека вербалните докази треба да се поткрепат со материјални.

– Убаво пишува дека МВР добило наредба од обвинителот да изврши вештачење на мобилни телефони, компјутер, енкриптери…така да после тоа можеме нешто конкретно да зборуваме. Доколку постои ваков настан, тоа е срам за безбедносниот систем и жално е што за државата, вакви афери се провлекуваат уште од 99-та година со користење на техничка средства за политички и разузнавачки цели. Мора да се состане Советот за безбедност. Зошто е тој? Ако имало нешто, во најмала рака, Советот требаше да оддржи седница на која ќе имаше конкретни информации. Јавноста е сериозно загрижена – изјави Пивоваров за „Локално“.






Според него, доколку ова се случува во највисоката државна институција како Кабинетот на претседателката, тогаш што останува во пониските структури.

– Политичарите треба да сфатат дека безбедносните служби се државни институции. Вака ако продолжиме не знам каде би стигнале. Сепак, ние сме партнер во најсилната Воена алијанса и таму не сме сами да правиме што сакаме и како сакаме. Какво гледање и размислување ќе имаат тие луѓе кон нас – прашува Пивоваров.

Тој е дециден дека сите разузнавачки служби си гледаат интерес на својата држава и нормално е дека тие имаат намера да продрат во мекото ткиво онаму каде што може да го добијат тоа што е потребно, како разузнавачките информации што ги примаме како членка на НАТО.

– Тоа е сериозен проблем бидејќи АНБ е контраразузнавачка служба. Еден систем без потсистем на контрола создава хаос и тоа се покажува ако навистина сме немале контрола врз тие луѓе на тие позиции. Мораме сериозно да размислиме да ставиме точка на ваквите работи. Ако треба и од нула да ги почнеме безбедносните служби со нови лица и нови обуки, без разлика колку време ќе треба. Подобро да почнеме од нула откако вака да се давиме во калта – оценува експертот, додавајќи дека во моментов, претседателката апсолутно не е безбедна, доколку се потврдат сомнежите.

– Мислам дека прво таа треба да покрене иницијатива и да се одважи, да каже доста е веќе и дека треба да функционираме како секоја нормална држава. Нормално дека секоја странска служба ќе сака да навлезе во ваква ситуација и да прибира вакви информаци. Затоа имаме контразузнавачки служби – треба да го штитат системот од влијанијата од странските разузнавачки служби – вели Пивоваров.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отворило предистражна постапка по наводите за шпионажа во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Од Министерството за внатрешни работи и од Вила Водно биле побарани документација и компјутери кои ќе се проверуваат.

Инаку, Обвинителството почнало предистрага по добиена анонимна кривична пријава, потпишана од „група вработени во МВР“, за сомнежи за преземање податоци од компјутерскиот систем во кабинетот на претседателката. Според пријавата, се копирале и енкриптирале податоци, т.е. се шифрирале во таен код за наводно да завршат кај разузнавачки служби во странство. Под сомнение е ИТ-администратор во претседателскиот кабинет, кој наводно бил поврзан со странска разузнавачка служба.

Поврзани содржини