Потонувањето на Европа
Жална е таа Европа – или таа еу, како сакате – претставувана од вакви луѓе кои глумат демократи, од држави коишто сѐ уште не можат да се откажат од монархиите но на другите им делат лекции што и како треба да работат и живеат. Оттука, кога македонскиот премиер им вели дека наместо Балканот да се европеизира Европа се балканизира, па и валканизира, тоа не е само фраза за гласачите дома, како што некои наши провинциски мудреци тоа сакаат да го претстават. Зашто денес, ваква каква е, прашање е дали еу воопшто и заслужува да се споредува со Балканот!?
Кажано со митолошки речник, белиот бик којшто доаѓа преку океанот не е баш вљубен во Европа, уште помалку во еу (малите букви се…), и приказната не завршува на Олимп кадешто Европа – принцезата од Тир – треба да стане кралица, туку таа е потопена во темните студени води на Атлантикот. Успаната „убавица“ Урсула која себеси очигледно се гледа како персонификација на митската Европа, сосе дремливите придружнички Калас и Кос, не ни сонуваа каква бомба ќе им фрли Трамп во креветите и ќе ги разбуди од бајковитиот сон дека не само што не се најубави туку и дека не се баш ни така умни како што мислеа, уште помалку важни за светот на „големите“. А шрапнелите од бомбата косат и сѐ друго околу, не бремзајќи ги многу ни умислените големини од типот на Макрон, Шолц, Стармер и компанија. Кои де факто се големи само пред сопствениот одраз во огледалото, или како Нарцис, во езерото на нивната немоќ.
Но, да не се разбереме погрешно: не се радувам, уште помалку ликувам, кога го читам одамна белокосиот и наводно умен Штајнмаер како плаче дека „новата американска администрација има сосема поинаков поглед на светот од нашиот, кој не ги почитува воспоставените правила, партнерството и зголемената доверба“. Па дури ни кога онаа хистерична русофобка Калас, криејќи се зад впечатокот дека „САД сакаат кавга со нас, но ние не сакаме расправија со нашите пријатели“, повторно повикува на крв. Како и оној од Финска, кој бара отворање на некакви нови фронтови контра Русија. На европскине слепци очигледно никако да им стане јасно дека „белиот бик“ воопшто не ги гледа како пријатели носејќи сосема нови пораки од преку Атлантикот. И дека ќе ги потопи и нив, не само унијата.
И впрочем, целата повеќегодишна мизерија викана еу можете да ја видите на „заедничката“ фотографија после вонредниот состанок на (дел од) европските „лидери“ во Париз и заклучокот на смешнион Шолц дека „Украина не смее да биде заобиколена“. А таа, Украина, за којашто божем решаваат европејските глави, ја нема никаде на масата! Како што впрочем го нема ни „заедништвото“ на таа еу, коешто овде го претставуваат двајца без тројца „лидери“, елитистичко-автократски дезавуирајќи ги останатите полноправни членки на унијата. Но затоа таму е Кир Стармер, една тажна „лабуристичка“ фаца како сенка на некогашната британска политика, кој не се знае кого претставува, и зошто. На чело, се разбира, е „тетка“ Урсула, пропадната германска политичарка која – без избори – некој ја смести да управува со безмалку цела Европа. Ама затоа, Путин бил автократ, нели? А до неа, како десна рака, крволочниот Руте, по кого белиот бик допрва ќе тргне.
И тоа е всушност историска фотографија на европскиот срам последниве три децении, на сѐ уште живиот и безобразно витален империјалистички дух којшто никако не се помирува со падот на царствата и колонијалната моќ, со рамноправноста на луѓето и државите, со демократијата како цивилизациска вредност и придобивка. Но затоа е силна во книшкото пропагирање на стандардите и вредностите што мора да важат за другите, во смислувањето на механизми и манипулативен инструментариум за сеење демократска магла и залажување на помалите, помалку важните, „нецивилизираните“…, коишто баш тие, „цивилизираните“, ќе ги внесат во „високото“ друштво. Ништо од тоа не важи кога се во прашање нивното богатство и интереси – лични, групни и империјални!
Жална е таа Европа – или таа еу, како сакате – претставувана од вакви луѓе кои глумат демократи, од држави коишто сѐ уште не можат да се откажат од монархиите но на другите им делат лекции што и како треба да работат и живеат. Оттука, кога македонскиот премиер им вели дека наместо Балканот да се европеизира Европа се балканизира, па и валканизира, тоа не е само фраза за гласачите дома, како што некои наши провинциски мудреци тоа сакаат да го претстават. Зашто денес, ваква каква е, прашање е дали еу воопшто и заслужува да се споредува со Балканот!?
И кога го пишувам ова, не го велам заради лутина или гнев за нејзините валкани игри (не само) со Македонија. Напротив, не смееме да не веруваме дека (и) во таа Европа и понатаму има сериозни и умни луѓе, демократи во самото нивно битие, дури и луѓе – иако не многу – кои креваа глас против неправдите што еу бирократијата неказнето ги нанесува на помалите европски држави коишто сѐ уште ѝ веруваат и „се крстат“ во членството во таа политикантска зандана на демократијата и духот.
Што, впрочем, директно в лице им го кажа и американскиот потпретседател, во самото срце на Европа. И дека е лага, голема лага дека опасноста за Европа доаѓа од Русија или од Кина туку таа доаѓа – одвнатре, од самите бирократски, авторитарни, квазидемократски и псевдолиберални структури во Брисел и „кремот“ на еу и пошироко. Им лепеше Ванс шамари еден врз друг нарекувајќи ги со секакви имиња и посочувајќи им примери за нивната манипулативна „демократичност“, за нивното отстапувањето од некои од најфундаменталните вредности! Европските „папи“ беа конечно и неотповикливо – демаскирани!
Но очигледно и таквите зборови се сериозно немоќни пред еу бирократијата и „кремот“ на бриселскиот башибозук кој, повторно, смислува нови и нови самоодржливи ујдурми и манипулации со цел да го неутрализира првиот удар. Најновата, утврдена во Париз, се вика „мир преку сила“ како форма којашто треба да му удоволи на Трамп за зголемување буџетскиот придонес во трошоците за одбраната. Тие, впрочем, односно најбогатите меѓу европските монархии, не ги исполнуваа ни оние претходни 2% што биле договорени на ниво на НАТО, не пак сега да трошат цели 5%! И мислат дека така лесно ќе го прелажат „белиот бик“?
А во таа бајка ја вклучиле и нашана „Црвенкапа“ во Алијансата – онаа која фрлаше „бомби“ врз Министерството за правда за да се смести во фотелјата на Министерството за одбрана – а сега мудрува со соцреалистичката флоскула „да се подготвуваме како мирот да ќе трае сто години и како да утре ќе започне војна“. Па згора пелтечи и за некакво „знаење, искуство, вредност којашто Алијансата ќе ја цени“. Па токму таа е пример за беда од „знаење, искуство, вредност“…!
И на крај, повторно морам да се вратам кај белокосиот но со кратка памет Штајнмаер кој, повторно плачливо, повикува дека не е во интерес на меѓународната заедница овој поглед на светот на новата американска администрација „да стане доминантна парадигма“. Што ќе рече дека треба да остане нивната парадигма, онаа буржоаската, лажливата, безобразната, манипулативната…, за целата таа структура да продолжи мирно да ги проживее своите последни денови.
Зашто тие мора да бидат последни или Европа нема да ја има. Барем не онаква каква што ја познава(в)ме, онаа од, на пример, 1968-та, или 1789-та, Европа на вистински вредности и умни луѓе. А ако е така, не гледам баш зошто би ни требала. Или, поточно: што би научиле од неа?
Затоа, да се вратам на насловот, „белиот бик“ е раката што само ќе ја подбутне кон океанските длабочини. Зашто таа одамна е давеник што се фаќа за сламка, а сламката – ја нема. А впрочем, флоскулата „мир преку сила“ има и многу, многу скриени значења што допрва ќе ги откриваме.
Извор: Теодосиевски уметност