Мотив за масовно убиство

Многумина во Шведска се уверени, и тоа не само поради терористичкиот атентат кој се случи деновиве во училиштето во Оребро, дека нешто мора драстично да се смени кога е во прашање натамошниот развој во општеството. Во спротивно, со затскривање зад политика на ној, ќорсокакот во кој запаѓа Шведска се повеќе ќе се стеснува. И затемнува.

1,142

„Надвор, да ве нема од Европа“. И по два дена од атентатот во училиштето за образование за возрасни во шведскиот град Оребро, во кое доминантниот дел ученици се имигранти, полицијата сè уште имаше тешкотии да го дефинира постоењето на идеолошки мотив за масовното убиство, најголемо во модерната историја на Шведска, во кое загинаа 11 лица, вклучувајќи го и осомничениот сторител.

Полицијата остана при своето тврдење дека не може да се согледа јасен мотив, и покрај тоа што шведскиот национален канал ТВ4 објави снимка направена од страна на ученик заклучен во паничен страв во тоалет, на која се слушаат пукотници и некој кој гласно извикува „… да ве нема од Европа“.






Два дена по нападот медиумите останаа без податоци и за националната припадност на убиените, со образложение дека Заводот за судска медицина вложува напори со максимална сигурност да го изврши процесот на идентификација, а за што е неопходно време. Но, во очекување на резултатот, медиумите веќе објавија дека според амбасадите на Сирија и Босна меѓу убиените има лица со потекло од овие земји. Извори од полициската истрага потоа изјавија дека има „повеќе националности“ меѓу застреланите.

Во услови на енормно интересирање, вознемиреност и очекување да се појават информации во најшироката јавност, шведската влада повика на смиреност, и, како што рече министерот за правосудство Гунар Стром, граѓаните би требало да бидат крајно внимателни и да се воздржат за да не бидат понесени во погрешна насока од морето шпекулации, нагаѓања и претпоставки кои ги преплавија социјалните мрежи. Но, доколку е веќе така, на министерот повеќе медиуми му забележаа зошто се чекаше со објавување на некои податоци кои лесно се проверуваат. Меѓу другото, повеќе од пет часови се чекаше за да се објави дека осомничениот сторителот имал дозвола за користење на ловечко оружје и за полуавтоматска пушка.

Речиси цел ден помина пред да се објави и идентитетот на 35-годишниот осомничен сторител, Рикард Андерсон, кој посетувал настава во истото училиште, и притоа беше опишан како осаменик, кој во последните години се повлекол од контактите со роднините и пријателите. Според полицијата, тој најверојатно дејствувал сам, иако не би можело да се исклучи дека и други биле замешани во нападот, и дека, според досегашните наоди во истрагата, нема ништо што укажува дека се раководел од некаков идеолошки, политички мотив.

Со свесно создавање информативен вакуум, полицијата, всушност, ги поттикна самите шпекулации за кои владата предупреди дека треба да се избегнуваат, потиснувајќи го набрзина на маргините на истрагата прашањето за мотивот на масовното убиство. А со тоа, всушност, самиот се следи вообичаениот модел на размислување и градење ставови во општеството, токму онака како што се посакува тие да бидат „моделирани“. Кога сторителот, како во овој случај, е бел, етнички Швеѓанец, обвинувањата веднаш се насочуваат кон општеството. Се констатира дека веројатно навреме не му била пружена соодветна грижа од страна на надлежните институции, потфрлило училиштето кое требало да му помогне, го оставиле осамен без активности во слободното време. Грижата на општеството покажала недостатоци.

Но колку е веројатно дека сторител со потемна кожа, роден во странство, би добил ист третман? На имигрант кој би извршил кривично дело од ваков карактер веднаш би му било „залепено“, без двоумење, дека бил идеолошки поттикнат, од омраза потоната во етнички, верски и политички предрасуди, и дека неговата движечка сила била – чисто зло. „Општеството“ и заштитната мрежа на институциите во таков случај не би биле споменувани со недостатоците и пропустите во нивната работа. Кога сторителот има имигрантско потекло, казната веднаш станува колективна. Јавната осуда тогаш би звучела вака: „Ве пуштивме во оваа земја, а еве што правите“.

Вината за проблемите во шведско општество во прва рака треба да се и припише на имиграцијата и нејзината неприспособливост, неспособноста на мигрантите да се интегрираат, сите вкупно, без оглед на нивната етничка и културна припадност, и без оглед од кои делови на светот доаѓаат. Таква стереотипија наоѓа голема поткрепа и свесно се потхранува од страна на шведската екстремна десница, партијата Шведски демократи, без чија поддршка функционирањето на шведската владина коалиција во последните години не би било можно. Антимигрантските струења и превирањата на политичката сцена на сличен начин се одвиваат и во Германија, каде што екстремната десница, АфД, трпеливо чека на своите „пет минути“, да добие можност за пресудно влијание врз владините политики. Крупен исчекор на екстремната десница се забележува на многу места во Европа.

Училишниот атентат во Оребро не е прв крвав терористички напад во Шведска. Пред десетина години загинаа четири лица во училиште со голема имигрантска популација во шведскиот град Тролхатан, вклучувајќи го и сторителот, 21-годишниот нацистички симпатизер Антон Ландин Петерсон. Во тој крвав пир со меч сите нападнати биле со темна кожа. Истрагата потоа покажа дека сторителот гледал видеа за нацистичка Германија, слушал говори на Адолф Хитлер, носел германски воен шлем од Втората светска војна за време на нападот и бил заинтересиран за современите десничарски екстремистички блогери и интернет профили. Модерен феномен на психички растроен поединец кој верува дека општеството сериозно потфрлило во решавањето на проблемите. Вреди да се потсети дека во 2011 година во Норвешка, масовниот убиец Андерс Беринг Брејвик успеа да „ликвидира“ 69 учесници на младинското летно школо на островот Утоја кај Осло, главно лица со имигрантско потекло. Полицијата го најде неговиот „политички манифест“, во кој, меѓу другото, ги образложил своите погледи за „штетната идеја на мултикултурализмот“.

Шведска е една од западните земји кои во последните години доживуваат голема поларизација, означена пред сè со повеќе или помалку неконтролирано градење на приказна дека клучниот проблем лежи во неконтролираната имиграција во земјата. Се разбира, тешко е да се рече со сигурност во колкава мера најновиот случај на грозоморното масовно убиство, за кое е осомничен Рикард Андерсон, бил под влијание на тоа како луѓето од власта зборуваат за оние кои се доселиле во земјата.

Пред некој ден, на пример, шведскиот премиер и лидер на Конзервативната партија, Улф Кристерсон, тврдеше дека тековниот бран на насилство на улични банди и гангстерските пресметки во Шведска е „значајно поврзан со имиграцијата“. Вселувањето на имигранти, според шведскиот премиер, мора драстично да се редуцира за да може да биде поуспешно справувањето со растечките бранови на насилство. Но на Кристерсон едновремено му беше забележано дека ниту со еден збор не сакал да признае дека „огромното мнозинство шведски криминалци се израснати во Шведска“, дека живееле во шведски станбени области и посетувале шведски училишта. Но, црно-белата слика „ние“ и „тие“ секогаш подобро поминува и лесно се голта во јавноста.

Многумина во Шведска се уверени, и тоа не само поради терористичкиот атентат кој се случи деновиве во училиштето во Оребро, дека нешто мора драстично да се смени кога е во прашање натамошниот развој во општеството. Во спротивно, со затскривање зад политика на ној, ќорсокакот во кој запаѓа Шведска се повеќе ќе се стеснува. И затемнува.

Поврзани содржини