ТРАМП МОЖЕБИ ЌЕ ПОМОГНЕ ВО СПОРОТ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА Македонски аналитичари се оптимисти
На прашањето дали може да очекуваме евентуална поддршка од Америка во однос на можност за уставни измени со одложено дејство, односно нивно стапување во сила по завршување на преговорите, на што инсистира Владата, за деблокада на нашата евроинтеграција, ни поранешниот амбасадор во САД, Васко Наумовски, ни аналитичарот Марко Трошановски не отфрлаат таква можност.
Убедливата победа на Доналд Трамп на претседателските избори во Соединетите Американски Држави потврдија дека потфрлија анкетите на јавното мислење кои покажуваа изедначени изгледи за победа со неговиот противкандидат, демократката Камала Харис. Во однос на нашиот евроинтегративен пат, не се исклучува можноста од посредување од страна на Стејт департментот за деблокада на процесот, велат во изјави за МИА поранешниот амбасадор во САД, Васко Наумовски, и аналитичарот Марко Трошановски.
Прашан за коментар на исходот од изборите и какви промени очекува во американската надворешна политика, особено за регионов, Наумовски потенцира дека истражувањата на јавното мислење повторно потфрлија, за разлика од анкетите коишто покажуваа изедначени рејтинзи на Доналд Трамп и на Камала Харис и дека Трамп ги доби гласовите во таканаречените колебливи држави.
– Претседателот Трамп успеа да го подобри својот резултат и да освои многу поголем број гласови во сојузните држави коишто ја носат победата. Главниот фокус на новата американска администрација се очекува да биде во економијата што беше една од причините за овој пресврт во американската политика и истовремено да се направат определени промени во надворешната политика, со што ќе се врати она лидерство на САД на глобалната сцена – вели амбасадорот Наумовски, кој е професор на Правниот факултет во Скопје.
Пред сѐ, вели тој, тоа се однесува на улогата која што може да ја преземе САД во завршувањето на војната помеѓу Русија и Украина и со тоа да се придонесе за стабилизација на Европскиот континент, и во економска и во политичка и во безбедносна смисла, што неминовно ќе има последици и врз регионот на Балканот.
Според Наумовски, не се очекува некаква драстична промена во билатералните односи помеѓу САД и Македонија бидејќи ние немаме никакви отворени прашања, но, вели, можни се определени промени во однос на затворањето на отворените прашања коишто сѐ уште постојат на Балканот и во тој контекст да се постават основите за натамошна целосна интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, што во суштина е и една од целите на долгорочната американска надворешна политика.
Според аналитичарот Трошановски, анкетите потфрлија во прогнозите за победникот бидејќи резултатите даваа изедначени шанси на двата кандидата и она што е исход, вели тој, засега покажува дека победата на Трамп е поголема од тоа што се очекуваше. Тој смета дека тоа дополнително ќе ја зголеми постоечката поларизација во американското општество кое досега, како што посочува, достигнала невидени нивоа на антагонизирање помеѓу двете главни струи, поделени помеѓу поддршката за Трамп и за демократската кандидатка Харис.
– Што се однесува до Европа и до Западен Балкан, голема е загриженоста, верувам помеѓу повеќето европски лидери, за овој исход од американските избори, меѓутоа секако дека тоа може да биде и можност за дополнително збивање на европските редови во смисла на зголемување на заедничкиот надворешен долг, на поголема финансиска поддршка на економијата, реформите коишто Марио Драги ги навести од 800 милијарди евра, потребни да се вбризгаат во економијата на ЕУ за да остане конкурентна на светски план итн. Загриженоста што се однесува до потенцијалното ослабување на НАТО или напуштање на Америка на НАТО, мислам дека се помалку извесни, иако би можело да се очекува заладување на односите. Сепак сме во еден глобален геополитички конфликт – оценува Трошановски.
Едностраното наметнување примирје или мировен договор помеѓу Русија и Украина што го заговараше Трамп, вели тој, исто така е спротивно на интересите на Брисел.
– И се разбира, потенцијални ексалации на трговските војни со реципрочни мерки, коишто беа одбележје на неговиот претходен мандат, како во контекст на Европа така и во контекст на Кина, и на крајот влијанието врз крајната десница, која што потенцијално би ја имал Трамп во ЕУ. Тие се области во кои треба да бидеме загрижени и постои загриженост, но од друга страна може да му помогне на европскиот континент, којшто е во некаква лимбо состојба и недоволна соработка и лидерство од страна на Германија и Франција, конечно да направи болни, но потребни реформи на ЕУ – оценува Трошановски.
На прашањето дали може да очекуваме евентуална поддршка од Америка во однос на можност за уставни измени со одложено дејство, односно нивно стапување во сила по завршување на преговорите, на што инсистира Владата, за деблокада на нашата евроинтеграција, ни Наумовски ни Трошановски не отфрлаат таква можност.
– Една од стратешките традиционални цели на САД е да се постигне целосна стабилизација на Балканот и негова интеграција во ЕУ и сите прашања коишто се поврзани со оваа тема, секако би можеле да бидат дел од потезите коишто САД ќе ги повлечат во овој регион во наредниот период. Во тој контекст, можни се поддршка и охрабрување на одредени процеси коишто ќе придонесат за решавање на билатералните прашања коишто го попречуват проширувањето на ЕУ – вели Наумовски.
Секако дека може да очекуваме, вели тој, тоа и досега беше правено од страна на Стејт департментот во смисла на поддршка на процесот, меѓутоа преговарачките позиции на Бугарија и на Македонија, во контекст на украинската војна, и во контекст на тоа што Бугарија е една експонирана држава на источниот фронт со многу поголемо значење во сегашен контекст, секако и влијаеше на тоа да не биде секогаш во наш интерес евентуалната поддршка на Америка во овој спор, таа ќе превагне кон Бугарија.
– Дали оваа администрација ќе направи некаков поголем исчекор во оваа насока, мислам дека постои таков интерес и кај европските лидери и кај Америка да се поттикне некаков модалитет којшто ќе ги овозможи уставните измени. Но, за тоа се чека формирање стабилна влада во Бугарија бидејќи немате реално соговорник од другата страна – посочува Трошановски за МИА.