ПАРИТЕ ДОАЃААТ И СИ ОДАТ Администраторот на „Конти“ ги теши измамените граѓани

Министерот Тошковски ги повика сите кои што учествувале како жртви во овој потенцијален кривично-правен настан, да се обратат до МВР за да се истражи делото и соодветно да се постапи откако во јавноста изби аферата за нова пирамидална измама на интернет во која околу 14.000 Македонци си ги заробиле парите и ги загубиле.

1,504

„Парите доаѓаат и си одат, да сме живи и здрави и ве молам без обвинувања, секој беше свесен дека еден ден може да дојде до ова“, им порача администраторот на платформата „Конти“ на корисниците кои ги изгубија парите.

Како што е познато, околу 14.000 македонски граѓани стравуваат дека се измамени од платформата „Конти“ за вкупно милиони евра, а секој од нив за по неколку илјади евра.






Веста дека платформата „Conti“ преку која македонски граѓани вложуваа и заработуваа од „гледање“ најави на филмови ќе престане со работа ја вознемири јавноста и ја откри измамничката шема во која најмногу биле вовлечени граѓани од Кавадарци, Радовиш и од Велес.

Групата на „Телеграм“ почна да згаснува, а корисниците повеќе немаат приливи на Бајненс платформата за тргување со криптовалути.

„Здраво екипо, еве јас како админ да се огласам и изјаснам. Голема е веројатноста трансакциите да не се реализираат и тука нема што да се крие. Ве молам без обвинувања, никој не беше со сила натеран да вложува. Многу добија, а и многу изгубија, и тоа е факт. Колку знаете вие, толку знае и градскиот агент и админите, -чисто да знаете. Сите ќе бидеме среќни сево ова да не е вистина, но мора да се соочиме со реалноста.

Значи, никој не беше теран со сила ни да вложува, ни да залетува, еве лично јас го немав купено пакетот од 3000 $. По природа сум човек што размислува малку поразумно и не брза, што е најважно и во секој бизнис воедно.

Парите доаѓаат и си одат, да сме живи и здрави и ве молам без обвинувања, секој беше свесен дека еден ден може да дојде до ова. Дај Боже да проработи, но и јас сум со доза на голема резерва така што, пак ќе повторам, да не се бара вината во некој друг, да се прифати целата ситуација смирено и да се размислува разумно.

Во иднина целиот проблем барајте го во системот на оваа држава кој е нефункционален и нѐ тера на кој било начин да дојдеме до пари, не за друго ами за егзистенција“, напиша администраторот на групата на „Телеграм“ оградувајќи се од секаква одговорност, иако граѓаните го обвинија токму него за ширење на „Конти“ и убедување дека можат да заработат преку ноќ.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски викендов апелираше граѓаните да внимаваат со потенцијалните инвестиции во апликации и информира дека досега не е поднесена ниту една кривична пријава поврзани со „Конти“. Тој ги повика сите оние кои што учествувале како жртви во овој потенцијален кривично-правен настан, да се обратат до МВР за да се истражи делото и соодветно да се постапи.

 

Поврзани содржини