ЕУ и параван држава на Балканот

Во последните години оваа проблематика постојано се изострува и добива една поширока димензија, при што не е присутна дилемата дали Унијата ќе се бори за јакнење на правната држава во оние земји-членки каде што таа е нападната, туку какви методи да се применат за таа цел.

554

Постојано се вели дека правната држава е дел од идентитетот на ЕУ. Доколу не се почитува, ЕУ како проект е под закана. Едновремено, се намалува кредибилитетот на меѓународните заложби на Унијата за зајакнување на принципот на владеење на правото во светот. На земјите кандидатки за членство тоа им се повторува како библиските заповеди.

Урсула фон дер Лајен не оставаше простор за двоумење со своите предизборни настапи дека сака да ја води Европската комисија уште пет години, укажувајќи притоа дека тие години ќе бидат обележени со тоа како ЕУ ќе се подготви да функционира од сегашните 27 на преку 30 земји-членки. Со наредното проширување треба да бидат опфатени Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан. Прашањето, смета Дер Лајен, подразбира итност.






Конкретна новост која произлезе од нејзиното годишно обраќање пред Европскиот парламент беше дека годишните извештаи за тоа како се применува владеењето на правото во земјите на ЕУ, (независно судство, слободни медиуми, еднаковост пред законот), во иднина ќе ги опфати и земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ. Целта со ова, се разбира, е да се зголемува притисокот врз земјите кандидатки.

Засега од започнатите внатрешни реформи во ЕУ не се гледа многу, освен дека главоболките во Брисел главно се поврзани со напорите како да се дисциплинираат одделни земји-членки кои скршнуваат од зацртаниот пат. И тоа пред сѐ Унгарија за која и понатаму се заговара и бара начин како да ѝ се одземе претседавачкиот мандат со ЕУ поради чекорите што ги презема премиерот Орбан, со кои „го поткопуваат европското единство и политиката на Европската комисија за поддршка на Украина“.

Во најновиот, петти по ред извештај за владеење на правото презентиран деновиве, Европската комисија констатира дека земјите-членки на ЕУ во најголем број случаи ги прифаќаат препораките во однос на неопходните мерки за зајакнување на принципот на правната држава и владеењето на правото, наведува Комисијата. Но, сепак, во неколку ЕУ-членки ситуацијата околу независноста на судовите и медиумите се уште е под закана.

Во последните години постојано се укажува дека загрижувачки тенденции се присутни и во земјите кандидатки за членство. ЕУ има „спискано“ околу 700 милиони круни за реформи во праводсутството во земјите во Западен Балкан со резултат рамен речиси на нула. Холандскиот амбасадор во Скопје тоа мошне директно и пластично го образложи во поширок контекст, дека „по 20 до 30 години поддршка за да влезете во ЕУ, прашањето е каде се милијардите, и што се случи со обуките што ги спроведувавме?“ Зошто сите нови правила и регулативи не се правилно имплементирани? Дали е тоа прашање на менталитетот, го постави прашањето во телевизиско интервју амбасадорот Коп.

За ЕУ функционирањето на правната држава и демократијата не е прашање на желба и вкус. Тоа е, всушност, егзистенцијално прашање, кое се доведува во директна врска со опстанокот на ЕУ. Појдовна основа е фактот дека не станува збор за каква било соработка, каде што две држави даваат и земаат, но целосно сепак остануваат газди во својот дом. Европската унија е интеграциски проект, во чии рамки државите даваат делови од својот суверенитет и го пренесуваат на централно ниво.

Токму поради тоа прашањето околу правната држава станува егзистенцијално. Неопходна е доверба доколку демократски држави треба да ја делат власта со други, како и разбирање и согласност на каков начин тоа практично треба да функционира. Во таа смисла, вреди да се постави прашањето во колкава мера Македонија моментно е подготвена за да може успешно да се вклучи со постепено интегрирање во еден таков систем?

Во последните години оваа проблематика постојано се изострува и добива една поширока димензија, при што не е присутна дилемата дали Унијата ќе се бори за јакнење на правната држава во оние земји-членки каде што таа е нападната, туку какви методи да се применат за таа цел.

Претходните искуства во добар дел ги потврдуваат сознанијата дека Брисел располага со ефикасни алатки за да се погрижи земјите аспиранти за членство да ги подобрат состојбите во својот двор во текот во претпристапните преговори. Но кога една земја, по приемот во полноправно членство, ќе тргне во поинаква насока, развивајќи авторитарни тенденции и ограничувајќи ги придобивките на демократијата и на владеењето на правото, камшикот на ЕУ е помалку делотворен и ефикасен.

Од вкупно 41 земја во Европа, ранглистата на World Justice Project за 2023 година покажува дека Македонија е пласирана во долниот дел на табелата, на 32. место, според степенот на функционалноста на правната држава и владеењето на правото. За утеха, подобро од една ЕУ-членка, Унгарија, која е на 34. место, или од Србија на 38. место.

Владеење на правото не може да се замаскира за граѓаните да добијат впечаток дека живеат во правна, а не во параван држава. Во Македонија практиката на однесување во политиката покажува дека владеењето на правото во многу нешта се сведува на меѓусебно напаѓање и оцрнување меѓу политичките партии, и форсирање на партиските интереси над принципите на правната држава. Но, ако владеењето на правото е поткопано, сите граѓани плаќаат цена – беше констатирано пред извесно време во дебата во Европскиот парламент. Се чини дека воопшто не е тешко да се извлече заклучок дека таквиот развој во мошне голема мера ги отсликува состојбите што континуирано ја брануваат општествената и политичката сцена во Македонија.

Затоа прашањето за менталитетот, всушност, треба да го отвори просторот за најважните реформи. А реформата на менталитетот, од најниските до највисоките слоеви и класи во општеството, без исклучок, бара темелен пристап. И, пред и над сѐ, непоколеблива принципиелност во борбата против корупцијата и криминалот.

Поврзани содржини