ЛУДИЛО БЕЗ ГРАНИЦИ – ФРЛИЈА КУЧЕ ОД 7. KAT ВО ТЕТОВО, УМИРАШЕ ВО АГОНИЈА!? Се бараат најстроги казни за сторителите
Настанот ги вознемирил жителите на Тетово, многумина од нив се јавиле во полициска станица да пријават насилство врз животно, но наишле на игнорирање и потсмевање.
Среде бел ден, наочиглед на граѓаните, од недовршена зграда во центарот на Тетово насилници вчера фрлиле бездомно куче од 7. кат, по што тоа умрело на асфалтот во агонија која траела 20-тина минути, јавуваат очевидци, а потресно видео од настанот се споделува на социјалните мрежи.
Според организациите за заштита на животните, станува збор за бездомно куче кое влегло во зградата која е уште во изградба, па инвеститорот повикал пожарникари и со нивна помош, со стап кучето било истуркано на неоградената тераса и било присилено да скопкне од 7. кат, зошто немало како и каде да избега.
Настанот ги вознемирил жителите на Тетово, многумина од нив се јавиле во полициска станица да пријават насилство врз животно, но наишле на игнорирање и потсмевање.
Организациите за заштита на човековите права, како и многу граѓани кои го видоа видеото на Фејсбук, се огорчени од монструозниот чин, како и од игноранстскиот и неодговорен однос на органите на прогонот. Тие потсетуваат дека многу случаи на насилство врз животни остануваат неистражени и неказнети, што само ги поттикнува насилниците.
„Дали во Македонија владее колективно лудило и безредие, и ова ќе биде само еден во низата фрапантни случаи на насилство кои ќе помине неказнето, или конечно некој ќе се одважи и постапи, да изврши истрага и да додели казна затвор за екстремна свирепост и мачење и убиство на животно?“ – прашува организацијата Анима Мунди во својата реакција.
Тие бараат МВР итно да ги лоцира виновнитците, да покрене кривични пријави за нив и тие да одговараат според законот. Исто така бараат дисциплински постапки од полицајците, како и од
други службеници на линијата 112, кои одбиле да реагираат и да постапат по повиците.
Активистите за заштита на животните укажуваат дека и правосудните органи не му пристапуваат сериозно на проблемот на насилство и нехуман третман на животните.
Тие потсетуваат дека обвинителот Борче Јанев ја отфрли кривичната пријава против лицето кое во јуни 2023 година беше пријавено дека влечело куче врзано за неговото возило на отворен пат.
И покрај тоа што јавниот обвинител констатирал дека осомничениот навистина со неговото возило влечел бездомно куче, во образложението навел дека „возењето било колку што може поспоро, кучето во ниту еден момент не е влечено по асфалтот, односно патот, за да може да се смета дека страда и дека има болки или маки“. Активистите сметаат дека ваквата одлука е скандалозна, противзаконска и уште повеќе го поттикнува бруталното однесување кон животните, како ова во Тетово.