ТЕТОВСКОТО ДЕВОЈЧЕ ОД НОВИОТ ВЕК Кога диџеј ќе се спои со Синтезис и со Тоше
Синоќа, во „Интермецо“ беше промовирана електронската верзија на една од најпознатите македонски народни песни „Ој девојче, девојче, ти тетовско јаболче“. Старата песна во ново и модерно руво настана како плод на соработката помеѓу диџеј Филип Деловски, групата Синтезис и оригиналните вокали на нашиот Тоше Проески
Иако закажана за 19 часот, синоќешната промоција на новата електронска верзија на старата македонска народна песна „Ој девојче, девојче, ти тетовско јаболче“, почна дури во 20 и 30. За среќа, цело ова чекање се исплатеше.
Слушнавме едно ново, модерно издание на една од најубавите македонски народни песни, а вокалот на нашиот Тоше Проески кои се задржани во оваа нова верзија на песната и секако, Синтезис, се токму она што ѝ дава најголема топлина на песната за тетовското девојче од новиот век.
„Кога ја започнав мојата музичка приказна пред околу 12 години, поконкретно првично со диџејство, без никакво претходно познавање на музичката теорија (освен тоа што наставничката во основно не тераше да свириме на флејта), никогаш не помислив дека е возможно еден ден да соработувам со едни од најголемите великани на македонската музик. Да се дели музички запис со Синтезис, најдобрата етно група на Балканот и пошироко, како и нашиот најголем непробол во македонската историја, а тоа е Тоше Проески…можам да кажам дека чувството е непроценливо“, рече Филип Деловски, диџејот кој е иницијатор и автор на овој музички проект.
За тоа како еден диџеј и продуцент стасал до реализирање на еден ваков проект и како дошло до оваа несекојдневна соработка со Синтезис, Деловски вели:
„Реалниот одговор би бил дека станува збор за голема желба, амбиција за успех, но и за малку среќа. За време на короната се роди желба да направам преработка на некоја наша етно-песна која има оставено длабок траг во македонската музика. Проектот му го испратив на еден од моите блиски пријатели, Мишел Трајковски кој е еден од најдобрите хармоникаши на Балканот и му реков во еуфорија, те молам најди ми контакт од Синтезис, направив одлична преработка. Веднаш ми го испрати контактот од професорот Ване и така започна оваа приказна“, раскажа тој додавајќи дека кога ги добил оригиналните снимени инструменти и вокали, вклучувајќи го и вокалот на Тоше, со денови го лазеле морници.
„Целта на овој проект беше првично, прославување на животот и делото на Тоше Проески, но и враќање во живот на вистинските вредности на македонската музика и освежување на старите песни кои ги оставиле нашите предци“, вели Филип.
Изданието е на „Авалон“ и како што рече Деловски, тоа е и поттик и мотив за сите негови колеги, диџеи, како и продуценти, да ја негуваат нашата музика, да преработуваат стари изданија и да создаваат нови дела.