„НИЕ НАВИГИРАМЕ, А ВО ХОДНИКОТ ВИКОТНИЦИ И ТЕПАЧКИ – И КАКО НЕ БИЛ ЗАГРОЗЕН АВИОСООБРАЌАЈОТ?!“! Контролори на летање сведочат за упадот на бандата на Незири
„Сите бевме многу вознемирени. Како да не бидеме? Додека ние работиме со навигација на авионите, надвор во ходникот слушаме викање, расправање, тепачки... Кој може да се концентрира во таква ситуација? Како тоа не била загрозена безбедноста на авиосообраќајот, кога контролорите работеа во таква незивесност и вознемиреност?“ – велат револтирано контролори на летање со кои разговараше Плусинфо.
Во исчекување на денешната одлука на Владата за разрешување на директорите и на управниот одбор на Македонска навигација (М-НАВ), поради скандалозниот насилен упад на неовластени лица под водство на партиски функционер од ДУИ, меѓу контролирите на летање владее неизвесност, гнев, но и решеност да истраат во поддршката за синдикатот во борбата оваа важна и стручна институција да се извлече од, како што велат, „партиските канџи на ДУИ“.
Контролори на летање со долгогодишно работно искуство, кои се сведоци на многу настани во изминативе повеќе од две децении, со кои разговараше Плусинфо, велат дека ова е клучен момент, „да се биде или не“ за оваа чувствивтелна и важна институција.
– Сега е моментот државата да расчисти со екстремниот партиски радикализам, со долгогодишната злоупотреба на оваа институција. Доколку тоа не го стори, ние ќе ја продолжиме борбата и ќе го одржиме најавениот штрајк, а македонското небо ќе биде затворено за авиосообраќај – велат контролорите на летање со кои разговаравме.
Тие велат дека нападот на партиските насилници под раководство на Беќим Незири од ДУИ, е кулминација во постојаната тортура што оваа партија ја врши во ова јавно претпријатие. Поради високите плати, кои се над 2.000 евра, а за директорските функции достигнуваат и до 6.000 евра бруто, ова претпријатие е најатрактивано за наградување и вдомување партиски кадри, роднини, пријатели…
Сета тепачка е за високите плати
И тоа се прави пред сè од партијата ДУИ, исклучиво по национална линија, со кршење на сите процедури, конкурси. Наметнување контролори на летање оди потешко, поради строгите услови и тестирања што ги наметнува меѓународното тело Еуроконтрол – иако се прават и такви напори, лани беше поништен цел конкурс зашто не „поминале“ партиските миленици. Полесно оди „пикањето“ партиски миленици, несоодветно образовани, без стручност и без никаква селекција, во т.н. придружни служби, кои во М-НАВ и онака се превработени. За споредба, од околу 300 вработени во М-НАВ, само стотина се контролори на летови, а останатите се инженери, техничари, компјутерџии, административци, преведувачи, секретарки…
Оваа пропорција ја нема никаде во светот, велат контролорите. Во „нормалните“ земји најмногу што може да се случи односот да биде 1:1, а овде е 2:1 во корист на помошниот персонал.
Последниот прием на кадри без никаков конкурс во придружните служби ја прелеа чашата, покрај многуте други проблеми во оваа служба, па Синдикатот на М-НАВ најави штрајк, кој е подржан од сите контолори на летање.
– Она што најмногу ги боли е тоа што во контролата на летање постои единство. Односно, постои интеграција – токму тоа за што наводно ДУИ се залага! Барањата на синдикатот ги поддржуваат и контролирите Албанци, кои ги има околу 20 од вкупно стотина колку што сме во службата. Партиските насилници беа дојдени токму нив да ги „дисциплинираат“, за да можат потоа штрајкот да го прикажат како „националистички“, па така да го дискредитираат.
Ги боли што не успеаја да нè скараат со колегите Албанци
– И пред еден месец, кога беше најавен штрајкот, Незири, кој е вработен во М-НАВ, редовно зема плата, но никогаш не доаѓа на работа, беше дојден да врши притисоци врз вработените контролори Албанци да се дистанцираат од штрајкот. Но, тој план им пропадна, па посегнаа по насилни методи, невидени никаде во светот во ваква институција – велат нашите соговорници.
Како што е познато, Беќим Незири, претседател на огранокот на ДУИ за Чаир, и уште седуммина партиски насилници во џипови, на 4 јануари неовластено ги минале безбедносните бариери на Контролата на летање, се заканувале, викале и истепале еден од контролорите Албанци. Малку фалело насилниците да влезат и во салата каде што работат контролорите на летови. Тие раскажуваат како изгледаало да се работи во такви услови .
– Сите бевме многу вознемирени. Како да не бидеме? Додека ние работиме со навигација на авионите, надвор слушаме викање, расправање, тепачки… Кој може да се концентрира во таква ситуација? А ова е многу чувствителна работа, бидејќи секоја и најмала деконцентрација може да доведе до кобна грешка! Безбедноста на авиосообраќајот беше сериозно загрозена. Не треба да се случи инцидент за тоа да се констатира, тоа е веќе катастрофа – велат контролорите.
Нив им пречи што Агенцијата за цивилна воздушна пловидба оценила дека не била загрозена безбедноста на авиосообраќајот, што според нив не е точно.
Работевме во услови на зголемен ризик
– Како тоа не била загрозена безбедноста на авиосообраќајот, кога контролорите работеа во таква незивесност и вознемиреност? И кој го констатира тоа – Илир Мехмеди од АЦБ, партиски другар на директорот на М-НАВ? Ние бевме свесни дека тоа е состојба на зголемен ризик и побаравме од директорот да биде редуциран интензитетот на сообраќајот, односно да се намали капацитетот на контролата, што е можно да се направи со пријавуавање до надлежните тела, но директорот одби! Со тоа самиот лично го зголеми ризикот во авиосообраќајот – вели еден од контролорите, кој бил на смена во моментот на инцидентот.
Според информации на контролорите, директорот на М-НАВ, Фахрудин Хамиди, деновиве зел боледување поради нарушено здравје, наводно поради стресовите на работно место. Тие знаат дека Хамиди има вграден стент и дека тоа може да биде изговор за евентуално негово повлекување од функцијата од здравствени причини, што според нив не би било во ред.
– Државата мора да расчисти со ектремниот партиски радикализам на ДУИ. Потребно е да се разрешат одговорните, за еднаш засекогаш да се прекинат партиските притосоци во М-НАВ и да се врати професионализмот во оваа важна институција. Додека не е доцна – велат контролорите на летање со кои разговараше Плусинфо.