НА ПОВИДОК НОВ ПРЕКИН НА ОГНОТ ВО ГАЗА Што нуди Израел во преговарачкиот процес со Хамас?
Израелскиот претседател Исак Херцог ја навести можноста за нова хуманитарна пауза во Газа за да се олесни натамошното ослободување на заложниците, а шефот на Хамас, Исмаил Ханија отпатува во Каиро на разговори со египетските власти кои заедно со Катар посредуваат во процесот на преговорите.
Шефот на Хамас, Исмаил Ханија денеска пристигна во Каиро, соопшти палестинската исламистичка организација, а информиран извор потврди за Ројтерс дека се водат интензивни преговори за размена на заложници за палестински затвореници меѓу Израел и Хамас со посредство на Катар и Египет.
Според медиумите, Израел понудил прекин на огнот во Газа најмалку една недела како дел од преговорите за ослободување на дополнителни заложници од енклавата, пренесува ДПА.
„Ханија, кој живее во Катар, пристигна во египетската престолнина на разговори со египетските власти за развојот на ционистичката агресија во Појасот Газа и многу други прашања“- се вели во соопштението за печатот цитирано од агенцијата АФП.
И Хамас и Израел дадоа повеќекратни сигнали за можноста да се постигне ново затишје во борбите во Газа. Вчера, израелскиот претседател Исак Херцог ја навести можноста за нова хуманитарна пауза во Газа за да се олесни натамошното ослободување на заложниците.
– Израел е подготвен за нова хуманитарна пауза и дополнителна хуманитарна помош за да се олесни ослободувањето на заложниците – изјави Херцог пред дипломатите.
Интернет порталот Аксиос, повикувајќи се на двајца израелски официјални лица и „познат извор“, вчера објави дека Израел очекува Хамас за возврат да ослободи повеќе од триесет заложници.
Што нудат Израелците?
„Предлогот на Израел за најмалку еднонеделно примирје во замена за ослободување на околу 40 заложници беше посредуван од Катар. Останатите жени, мажи над 60 години и други заложници кои сѐ уште се во Газа, кои се болни или тешко ранети и на кои им е потребна итна медицинска помош, ќе бидат ослободени“ – објави порталот Аксиос.
Тоа е прв предлог на Тел Авив откако минатиот месец истече еднонеделниот договор за прекин на огнот. За време на тоа примирје беа ослободени 105 заложници, а Израел за возврат ослободи 240 Палестинци од своите затвори.
Медиумите во понеделникот објавија дека Дејвид Барнеа, шефот на израелската разузнавачка служба Мосад, го информирал директорот на ЦИА, Вилијам Барнс и катарскиот премиер Абдулрахман Ал Тани во Варшава за новите преговори со Хамас.
Хамас, која Израел, САД и неколку други земји ја сметаат за терористичка организација, претходно најави дека не сака да преговара доколку Израел не ги прекине своите воени операции.
Според израелските проценки, најмалку 109 заложници се уште се во Појасот Газа.