ВИКАЈТЕ СЕ ДИКИПЕДИЈА, ЌЕ ВИ ДАДАМ МИЛИЈАРДА Маск вели дека познатата енциклопедија пати од уредниците со висок ранг

Опцијата за Белешки на јавноста на Икс која Маск ја оцени како подобра од Википедија не е новина на Икс, таа ппорано се викаше „Birdwatch“. Белешките може да ги напише секој на одреден пост, но неговата белешка нема да се појави на Икс сѐ додека посебен алгоритам не одлучи дека за коментарот гласале дека е валиден и објективен доволно корисници, и тоа корисници со различни мислења.

649

Еден од најбогатите луѓе во светот иронично ѝ понуди на онлајн-енциклопедијата Википедија да се преименува во Дикипедија, а дека тој ќе даде милијарди долари за возврат. Илон Маск на социјалната мрежа Икс, чиј сопственик е, напиша дека „Википедија е инхерентно хиерархиска и затоа е предмет на пристрасност на уредниците од повисоко рангирање, независно од нивните заслуги“.

Тој вели дека има голема, „фундаментална“ разлика меѓу „Community Notes“, во превод Белешки на јавноста, со она што го прави Википедија. Тој го објасни механизмот Белешки на јавноста.






Според него, механизмот им овозможува на корисниците да додаваат појаснувања на објавите што многу луѓе ги сметаат за контроверзни, но бара консензус од „луѓе со историски различни гледишта“, рече тој.

„Клучно, дури и јас, како контролен акционер на компанијата, не можам да го сменам исходот на забелешката“, додаде Маск.

Белешките на јавноста не се новина на Икс, тие постоеја и пред Маск и се викаа „Birdwatch“. Нив може да ги напише секој на одреден пост, но неговата белешка нема да се појави на Икс сѐ додека посебен алгоритам не одлучи дека за коментарот гласале дека е валиден и објективен доволно корисници, и тоа корисници со различни мислења.

Дополнително, самиот алгоритам е отворен за јавноста, односно неговиот код може да го смени секој и со тоа да смени исходот.

 

Објавата на Маск беше реакција на повикот на коосновачот на Википедија, Џими Велс, кој побара да бидат донирани средства. Маск напиша дека не се потребни големи пари за енциклопедијата да продолжи.

„Буквално можете да ставите копија од целиот текст на вашиот телефон!“, напиша Маск.

На ова некои твитерџии (иксаџии) напишаа дека статиите на Википедија се уредуваат и до десет милиони пати месечно.

 

Не му е првпат на Маск да биде во клинч со коосновачот на Википедија. Во мај годинава, Џими Велс го критикуваше Маск дека потклекнал на притисокот на Турција и дека го цензурирал говорот на неговата мрежа Икс во пресрет на изборите во земјата.

„Што направи Википедија: ние застанавме цврсто зад нашите принципи и се боревме пред Врховниот суд на Турција и победивме. Тоа е она што значи слободата на изразување да се третира како принцип, а не како слоган“, инсистираше Велс, одговарајќи на објаснувањето на Маск за ситуацијата.

Додека Википедија се промовира себеси како неутрален извор на знаење, критичарите ја обвинуваат дека таа се откажала од овој суштински принцип.

Коосновачот Лери Сангер во август ја осуди енциклопедијата како место каде што американските елити и страшила водат „информативна војна“ во јавноста.

Поврзани содржини