ХРИСТО ПЕТРЕСКИ ПАК ПОДНЕСЕ ОСТАВКА НА МЕСТОТО ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДПМ Цела „армија“ писатели го повикаа да не манипулира и да се повлече
„Подолг период Друштвото на писателите на Македонија како столб на македонската самобитност и идентитет е стожер и борец за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Со најновите организирани напади ДПМ се наоѓа пред притисоци, доведувајќи го во прашање и неговото постоење“, изјави во неделата Петрески, но денеска, два дена во оваа чудна изјава, по втор пат поднесе оставка. Првата, од пред десеттина дена, ја повлече.
Во кус допис упатен до членовите на Друштвото на писателите на Македонија и до медиумите, актуелниот претседател на Друштвото на писатели на Македонија повторно извести дека поднел оставка.
Во текстот на новата оставка се вели: „Ги известувам членовите на Друштвото на писателите на Македонија и медиумите дека денес официјално поднесов оставка на местото претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Скопје, 17.10.2023 година, Христо Петрески“.
Aктуелниот претседател на ДPM во саботата ја повлече својата оставка дадена пет дена пред тоа, тврдејќи дека таа била поднесена под притисок. Тој во неделата се обрати со соопштение во кое тврди дека самото друштво се наоѓа под притисок за неговото постоење, а меѓу другото и за прашања кои задираат во националниот идентитет и македонскиот јазик. Тој напиша:
„Подолг период Друштвото на писателите на Македонија како столб на македонската самобитност и идентитет е стожер и борец за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Со најновите организирани напади ДПМ се наоѓа пред притисоци, доведувајќи го во прашање и неговото постоење“.
Членовите на ДПМ одговорија на соопштението на претседателот Христо Петрески, барајќи тој да ги објасни и да ги аргументира своите тврдења и порачаа дека членството нема да дозволи да биде изманипулирано.
„Начинот на кој Христо Петрески се обидува да создаде матна слика во јавноста преку веќе наведевениве постапки е штетен за угледот на ДПМ во Македонија и во странство, но штетен е и за националните (и за сите други) интереси. Тој пред целото членство на ДПМ (преку кој било медиум), мора да го образложи неаргументираното тврдење испратено до медиумите за наводните притисоци и закани, како и за прашањата што наводно ги задираат идентитетот и македонскиот јазик. По последните настани, невозможно е Друштвото да продолжи со нормална работа. Следствено на тоа, ја повикуваме претседателката на Собранието, Кристина Николовска, во согласност со Статутот на ДПМ, за Вонредното изборно собрание, веќе закажано за 25.11.2023 (сабота) да подготви и да испрати до членството Дневен ред на Собранието, како и Деловник за Вонредното изборно собрание, со повик за доставување кандидатури за претседател на ДПМ и претседател на Собранието на ДПМ, за заинтересираните да можат да ги исполнат своите обврски во согласност со роковите предодредени со Статутот“, се вели во дописот на писателите.
Потписници на реакцијата и повикот од претходно се членовите на ДПМ: Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Цане Андреевски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Митко Маџунков, Санде Стојчевски, Зоран Анчевски, Љубинка Донева, Димитрие Дурацовски, Весна Ацевска, Бранко Цветкоски, Славе Ѓорѓо Димоски, Братислав Ташковски, Гордана Јовиќ-Стојковска, Гоце Ристовски, Борче Панов, Соња Стојменска-Елзесер, Лилјана Пандева, Сашо Огненоски, Оливера Ќорвезироска, Весна Мојсова-Чепишевска, Виолета Танчева-Златева, Елизабета Јончиќ, Зоран Јакимовски, Лидија Димковска, Ана Мартиноска, Билјана Црвенковска, Владимир Јанковски, Игор Анѓелков, Снежана Младеновска Анѓелков, Сузана В. Спасовска, Диме Ратајкоски, Игор Станојоски, Александра Јуруковска, Снежана Стојчевска, Марија Гиревска, Румена Бужаровска, Јулијана Величковска, Ирена Јурчева, Славица Гаџова-Свидерска, Мерсиха Исмајлоска, Драгана Евтимова, Фросина Пармаковска, Милена Ристова-Михајловска, Живко Грозданоски, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Ана Бунтеска, Иван Антоновски, Михајло Свидерски, Смиле Наумоски Брсјак и Никола Илијовски.
По оваа реакција, денеска Христо Петрески се огласи со нова оставка.
Дали ќе биде последна?