ДАЛИ ТРГОВЦИТЕ ЗДРУЖЕНО ГИ КРЕВАЛЕ ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА? Битиќи ќе дозволи КЗК да провери

463

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека во вторник во Комисијата за заштита од конкуренција лично ќе достави претставка за да се провери дали трговците здружено ги зголемуваат цените на основните прехранбени производи.

– Во вторник во 10 часот ќе одам во Комисијата за заштита од конкуренција да доставам преставка за да почнат да постапуваат во млечната индустрија и во други индустрии – рече Битиќи денеска одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на ИПАРД 3 програмата во Скопје.






Претходно, од Комисијата за заштита на конкуренцијата се изјаснија дека тие не можат самоиницијативно да ги проверуваат трговците дали здружено ги договараат цените и дека за да постапат потребно е да биде поднесена преставка.

Во вторник на седница на Влада, како што најави Битиќи, ќе биде донесена и мерка во делот на млечната индустрија поради недостигот на млеко со што производителите ќе може соодветно да интервенираат.

– Ние не може да им ги намалиме цените за тие да работат со загуба. Тоа никој не го очекува, но исто така не можеме да дозволиме на грбот на производителите и на грбот на граѓаните, најголемиот профит да го прават оние кои ги продаваат продуктите – рече Битиќи.

Во однос на зголемените цени на овошјето и зеленчукот, Битиќи посочи дека земјава е се уште увозно зависна, но дека домашното производство на храна е зголемено во однос на 2016 година.

– Кога имате земја која е увозно зависна за основните прехранбени производи не може да очекувате дека за пет години ќе ја направите извозно ориентирана за да обезбеди доволни количини за домашниот пазар и плус да извезе. Денеска се произведува за 70 проценти повеќе од 2016 година, но не е доволно за да обезбеди целосно домашно производство за домашниот пазар – рече Битиќи.

Поврзани содржини