📷 СЕ ЗАПАЛИ И ИЗГОРЕ АВТОБУС НА ПРЕВОЈОТ СТРАЖА Во несреќата нема повредени патници
Несреќата предизвика застој во сообраќајот и долги колони возила кои чекаа во место патот да биде расчистен, јавија очевидци на настанот.
Автобус со патници, кој се движел кон Охрид, се запали денеска на патот Гостивар – Кичево, пред планиснкиот превој Стража, предизвикувајќи застој во сообраќајот и долги колони возила кои чекаа во место патот да биде расчистен, јавија очевидци на настанот.
„Денеска, во 11 часот и 20 минути во СВР Тетово пријавено е дека на магистралниот пат Гостивар-Кичево, на околу три километри пред месноста „Стража“, настанал пожар во автобус кој се движел кон Кичево. На посоченото место веднаш се испратени полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Гостивар и екипа од гостиварската Територијална противпожарна единица. Нема повредени лица“ – наведуваат од МВР.
Според очевидците, на местото на несреќата можело да се види оган и голем чад, а автобусот целосно изгорел.
Според Центарот за управување со кризи, во автобусот имало патници, но никој од нив не бил повреден. ЦУК во 11:25 минути добил итен повик на телефонот 112. по што веднаш биле известени противпожарните екипи на Гостивар, кои излегле на самото место и го изгаснале пожарот. Набргу сообраќајот е нормализиран.