ДВА ВОЕНИ УДАРИ ВО ДВЕ ПОРАНЕШНИ ФРАНЦУСКИ КОЛОНИИ Кризата во Габон тест за француската стратегија во Африка

Макрон се дистанцира, но длабочината и ширината на влијанието на Франција во нејзините поранешни африкански колонии ја прави сè освен неутрален играч.

471

Франција „со најголемо внимание“ го следи државниот удар во Габон, а нејзината влада го осуди бунтот против сојузникот на Париз, претседателот Али Бонго, објави француската премиерка Елизабет Борн.

Овие изјави не се изненадувачки, но доаѓаат натоварени со колонијален багаж. Габон е втората поранешна француска колонија во Африка која се соочи со воен удар во последните два месеци, а шеста во три години – по Мали, Чад, Гвинеја, Буркина Фасо и неодамна Нигер, чија нова инсталирана хунта можеби ќе се соочи со интервенција од западноафриканските соседи на земјата.






Во сите овие случаи, поранешниот колонизатор беше повикан да игра одредена улога, а прашањето за неговото влијание во секоја земја беше во фокусот.

Француската влада не сака да биде така гледана, иако е совршено јасно кои се нејзините сојузници. На турнејата низ неколку франкофонски земји оваа пролет, Емануел Макрон вети дека ерата на француското мешање во Африка – понекогаш со потсмев наречен „Françafrique“ – е завршена.

-Понекогаш имам чувство дека размислувањата не се смениле толку многу како нас, кога читам, слушам и гледам луѓе кои и припишуваат намери на Франција што таа ги нема, кои повеќе ги нема. Луѓето сè уште очекуваат Франција да заземе позиции што таа одбива да ги заземе, а јас ја преземам целосната одговорност за тоа. Во Габон како и насекаде, Франција е неутрален соговорник кој зборува со сите и чија улога е да не се меша во домашната политичка размена – рече Макрон по пристигнувањето во Габон.

Многу луѓе во Габон и во целиот регион тоа не го гледаат така.

Француско присуство

Франција во моментов има стотици војници постојано распоредени во Габон, кој како и другите поранешни француски колонии во регионот го користи централноафриканскиот франк, валута поврзана со еврото и поддржана со гаранции од францускиот трезор.

Француската рударска компанија Ерамет, која е втор по големина приватен работодавач во Габон, објави дека со оглед на сегашните немири, го прекинува своето работење.

За време на мандатот на Макрон, како и претходно, военото и политичкото влијание на Франција беше целосно прикажано во нејзините поранешни африкански колонии, вклучително и кога станува збор за олеснување или спречување на насилни транзиции на власта.

Како илустрација, француските авиони три дена ги бомбардираа бунтовниците во североисточниот дел на Чад во 2019 година како поддршка на тогашниот претседател Идрис Деби, кого Париз го поддржа во претходниот пуч.

Можеби најтешкиот фронт на ангажманот на Франција беше нејзината долготрајна воена вмешаност во Мали, каде што водеше речиси децениска воена операција за борба против џихадистички бунт.

Операцијата беше завршена во 2022 година по подемот на воената хунта за која Франција и нејзините сојузници рекоа дека предизвикала „повеќе опструкции“ на мисијата.

Рускиот дејствува од сенка

Но, ова за Франција е многу поважно прашање отколку само личен интерес. Навидум парадоксалното однесување на Франција кон нејзините поранешни африкански колонии во последниве години е до одреден степен поттикнато од двојните стандарди  во справувањето со насилниот џихадизам – особено во Мали – и влијанието на Русија.

Русија испорачува оружје на некои земји веќе две децении, а нејзините озлогласени платеници играат огромна безбедносна улога во многу од овие места. Последната криза во Мали беше „последната илустрација на дејствувањето во сенка на Русија да ги повлече земјите во својата сфера на влијание, една од најголемите закани со кои се соочува Африка во моментов.

-Додека планот на Кина во Африка е фокусиран на ограбување на африканските ресурси, Москва е фокусирана на спротивставување на западното влијание на континентот – објаснува францускиот политиколог Николас Тензер за Еуроњуз

Рускиот предизвик на европското влијание во Африка е сè повидлив. За време на раните фази на неодамнешниот пуч во Нигер, руски знамиња беа видени на улиците на главниот град Ниамеј, како и транспаренти на кои пишуваше „Долу Франција, да живее Путин!“.

Сепак, како што тогаш Алекс Вајнс од Чатам Хаус изјави за Еуроњуз, „Не е тешко да се поделат неколку руски знамиња. И истакнувањето на руски знамиња е повеќе израз на антизападно, особено антифранцуско расположение, отколку поддршка за Русија“.

Но, без оглед на вистинската улога на Русија во Нигер или на друго место во она што критичарите го нарекуваат „Françafrique“, Франција ретко или никогаш не се смета за „неутрален соговорник“ како што тврдеше Макрон. И тоа пред последниот во серијата драматични воени удари да ја извади на површина огорченоста против тамошното француско присуство.

Непосредно пред изборите во Габон да почнат да и отстапуваат место на воената акција, државното тело за надзор на медиумите не само што го прекина пристапот до интернет во земјата, туку и ги забрани француските радиодифузери France 24, TV5 Monde и Radio France International.

Сигналот беше дека иако Габон можеби е независен веќе шест децении, француските медиуми остануваат главен извор на информации за поголемиот дел од гласачкото тело, исто како што Елисејската палата останува најважниот надворешен играч во неговата политика.

Едно семејство управува со Габон веќе 56 години

 

Најновата воена интервенција во Габон може да стави крај на една од најдолговечните политички династии во постколонијална Африка која започна во 1967 година,кога Омар Бонго дојде на власт, а потоа на престолот го ннаследи неговиот син Али Бонго.

Претседателот на Габон, Али Бонго (64), моментално во домашен притвор по државниот удар, со доаѓањето на власт го продолжи фамилијарното владеење во африканската земја. Бонго е роден во владејачка династија, а по доаѓањето на власт вети нов почеток и модернизација на земјата, пред да се соочи со обвинение за поткуп и местење на избори.

Кампањата на Бонго за зачувување на дождовните шуми и слоновите во Габон, која го поткрепи начинот на кој тој управуваше со земјата откако дојде на власт во 2009 година, првично поттикна надеж дека тој може да донесе промени во регионот на автократите.

Но, таа слика го загуби својот сјај кога противниците го обвинија за местење на изборите во 2016 година и брутално задушување на протестите потоа.

По мозочниот удар, способноста на Бонго да остане на власт беше доведена во прашање, што резултираше со неуспешен државен удар во 2019 година додека тој се опоравуваше во Мароко.

Но, иако тој воен удар не успеа, најновата воена интервенција во Габон може да стави крај на владеењето на династијата Бонго.

За време на 42-годишното владеење на неговиот татко, Бонго бил подготвуван еден ден да стане претседател на земјата. Тој дојде на власт по спорното гласање во 2009 година. Потоа вети дека ќе ја модернизира земјата.

Ваквото ветување, тоа што се школувал во Франција, дека слушал џез и Мајкл Џексон, дека зборува англиски како мајчин јазик, но и неговиот светоглед, ги подигна очекувањата на населението, кое очајно сакаше нафтата и минералите и огромното богатство на Габон да се дели поправедно.

Но, тоа не се оствари, а длабоката нееднаквост сè уште е присутна. Речиси една третина од 2,3 милиони жители во Габон сè уште живеат под прагот на сиромаштија.

Поврзани содржини