ЕДНИ СЕ ТЕПААТ ЗА ПЛАТИ, ДРУГИ ЌЕ ГО ИЗЕДАТ ЌОТЕКОТ! Фирмите и граѓаните ќе го платат цехот од штрајковите во УЈП и Царина
Синдикатот на царинската управа најави генерален штрај и затворање на граничните премини, ако владата не ги исплати нивните додатоци. Можен е и генерален штрајк на Управата за јавни приходи.
Компаниите ќе бидат единствени губитници ако владата и вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) и Царината не се договорат за зголемување на платите и ако поради тоа се реализира заканата со генерален штрајк во двете управи – велат од Организацијата на работодавачи, која очекува брзо решение на проблемот.
Според нив, проблемот ќе биде поголем, ако запре или дополнително се забави работата на царинската управа, односно ако се блокираат граничните премини, бидејќи ќе имаат проблем со увозот на репроматеријали и извозот на стоки кој е поврзан со рокови. Проблем во работењето ќе има и доколку се запре или успори работењето и на Управата за јавни приходи.
– Ќе имаме посебно големи проблеми, ако се затворат граничните премини. Тогаш ќе се успори увозот и извозот кој е значаен за компаниите и е поврзан со рокови и со нивното нормално работење. Во однос на работењето на Управата за јавни приходи, секако нема да запре плаќањето на даноците од страна на компаниите, ама проблем ќе има со добивањето на одделни потребни документи кои ги дава оваа управа. Но, мислам дека владата ќе најде некое преодно решение до донесување на методологијата за пресметка на плати во јавниот сектор и нема да дојде до проблеми. На оваа методологија веќе се работи во економско-социјалниот совет, а кога ќе биде готова не може да се каже – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Според него, владата сама ги направи проблемите со платите во јавниот сектор, бидејќи политички ја зголеми минималната плата знаејќи дека нема пари да ги усогласи другите плати со неа. Дополнителен проблем се отвори и со зголемувањето на платите на функционерите од 78 отсто.
– Минималната плата беше зголемена без економски аргументи, односно како политичко решение кое создаде други проблеми бидејќи владата не успева соодветно да ги зголеми и другите плати на работниците во јавниот сектор. Ваквата минимална плата направи проблем и во приватниот сектор, но успеваме да го решиме. Дополнителен револт и проблем се отвори и со високото зголемување на платите на функционерите што предизвика оправдан револт кај вработените – додава Димитров.
Синдикатите на двете клучни управи – Управата за јавни приходи и на Царината се заканија со генерален штрајк, ако владата не ги зголеми нивните плати и ако не ги исплати додатоците кои заонски им следуваат. Вработените од Управата за јавни приходи почнувајќи од денеска, секој нареден ден од 10 до 12 часот, ќе штрајкуваат без да ги извршуваат работните обврски од работното место, а најавуваат и генерален штрајк доколку надлежните не ги прифаќаат нивните барања. Тие тврдат дека министерот Фатмир Бесими не прифатил да го потпише новиот колективен договор со кој се овозможува зголемување на платите.
За утре е најавено предупредувачко запирање на работата од 30 минути и на вработените во Царинската управа. Тие го бараат додатокот од 30% кој законски им следува, а ако не го добијат можно е и да ги затворат граничните премини.
Од синдикалните организации тврдат дека нема законска пречка за зголемување на нивните плати и исплата на додатоците, и за нив, е нејасно зошто министерството за финансии не дозволува да се исплатат најавените зголемувања.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, вчера повторно се повика на подготовката на новата методологија, а пресметка на платите за јавниот сектор која, за да го оправда фактот дека не дозволува зголемување на платите во двете управи иако стави потпис на зголемувањето на платите во министерството за финансии во чиј состав влегуваат и овие управи.
– За сите вработени во јавниот сектор ќе се воспостави методологија за плати која ќе биде системско решение и гарантирано право на вработените во јавниот сектор во однос на заштита од инфлација и следење на продуктивноста на економијата, односно конкурентноста на стопанствотo – повтори и вчера Бесими.
Тој рече дека не знае кога ќе биде донесена новата методологија за која се преговара меѓу синдикатите и владата.
Синдикатите кои ја водат постапката со владата за новата методологија на пресметка на платите во јавниот сектор, велат дека процесост е запрен откако тие го отфрлиле предлогот на влатата. Тие тврдат дека процесот намерно се одолговлекува од страна на владата за да се покрие проблемот со обезбедувањето пари за покривање на платите на работниците и да се овозможи функционерите и во наредните месеци да ги земаат платите зголемени за 78%.
– Процесот на преговарање за пресметката на платите е запрен откако синдикатите не се согласија со владиниот предлог за основица за пресметката на платите во јавниот сектор да биде минималната плата. Проблем е и динамиката на реализирање на зголемувањето на платите. Ние бараме да биде веднаш, а владата предлага тоа да бие постепено. Во моментов немаме одлучено како ќе реагираме, со оглед на случувањата во ССМ – вели Игор Герасов, член на претседателството на Сојузот на синдикатите.
Според она што беше кажано од Економскиот социјален совет, владата предлага во дефинирањето на бруто-плата да се земе минимална бруто-плата и на тоа да се додаде бројот на бодови и вредноста на бод, а вредноста на бодот да ја носи Собранието. Предлогот на синдикатите е во основната бруто-плата да се дефинира просечната бруто-плата, помножена со коефициент на сложеност на работното место.