Дојавувачите стануваат дрски бидејќи не можат да бидат откриени, па затоа пред скоро време имаше и дојава за бомба во претседателската резиденција која е високо обезбедена. Тие се охрабрени од тоа што не можат да бидат најдени и што не можат да бидат спречени од нивните намери, па затоа секојдневните дојави за бомби во училиштата и институциите продолжуваат со ист интензитет, вели во интервју за Радио Слободна Европа професорот од Факултетот за безбедност, Злате Димовски.
– Навистина ова е голем проблем, за жал, ние се уште го немаме изнајдено соодветниот модалитет и затоа се уште имаме дојави. Затоа што не сме го нашле модалитетот, интензитетот на дојавите за бомби расте – вели професорот.
Дојави за бомби имаше и во регионот, а професорот Димовски вели дека најверојатно тамошните власти изнашле модалитети и преку провајдерите успеале да ги попречат овие дојави.
– Очигледно дека ќе мора на државно ниво да се реагира и да се побара нивно искуство, нивно знаење и вештини, коишто тие ги применија во тој контекст, за да се добијат такви податоци како да се постапи и нормално истиот тој модалитет да се примени и кај нас, затоа што го имаме речиси истиот начин на дојави за поставени бомби – вели Димовски за РСЕ.
На новинарско прашање дали е добра пракитката која навидум се користи во Србија, односно неинформирањето на јавноста доколку има бомби е добар пристап, професорот вели дека е добар, но би било надвор од разумот тоа да се прави кај нас, кога тоа се случува кај популацијата која најмногу нè засега.