На Ѓоковиќ повторно му е забранет влез во САД и најверојатно ниту годинава најдобриот светски тенисер нема да игра на Грен слемот во Њујорк, утринава објавија американските медиуми.
Сенаторот од Флорида, Рик Скот, објави документ во кој се наведува дека Ѓоковиќ нема да добие специјална виза, така што нема да може да учествува на турнири во САД. Покрај УС Опен, ова важи и за турнирите во Индијан Велс и Мајами. Скот додаде дека само претседателот Џо Бајден може да ја смени таквата одлука и да го одобри влезот на Ѓоковиќ и дека тоа е единствената надеж на српскиот ас.
„Штотуку ме информираа дека американското Министерство за домашна безбедност го одби барањето на Новак Ѓоковиќ за ослободување од вакцинација, што го прави неподобен за турнирите во Индијан Велс и во Мајами. Сега преостанува само уште Џо Бајден да даде изземање и да му дозволи да се натпреварува во Соединетите Американски Држави“, објави Скот.