ЗАПАДОТ НИКОГАШ НЕМА ДА СЕ ИСПЕРЕ ОД СРАМОТ Путин вели дека во Украина се користи „одвратен метод на измама“ како некогаш во Југославија
Рускиот лидер го обвини Западот дека го користи овој „одвратен метод на измама“ за време на операциите во Југославија, Ирак, Либија и во Сирија.
Со зборовите „тие никогаш нема да се исчистат од својот срам“ рускиот претседател Владимир Путин денеска ги обвини западните земји и НАТО дека го разгоруваат огнот на војната во Украина „навикнати да веруваат дека можат да се извлечат со сè“ како „поранешни колонијални сили“. Сепак, тој вели дека Русија е непобедлива.
Опкружен со четири руски тробојни знамиња, Путин ѝ порача на руската политичка и воена елита дека Русија „внимателно и доследно ќе ги решава задачите пред нас“.
– Тие се речиси горди и уживаат во своeто предавство… Цело време додека во Донбас гореше и се пролеваше крв, додека Русија искрено бараше… мирно решение, тие си играа со животите на луѓето. Играа, како што велат во одредени кругови, со наредена палуба – говореше Путин.
Рускиот лидер го обвини Западот дека го користи овој „одвратен метод на измама“ за време на операциите во Југославија, Ирак, Либија и во Сирија.
За Путин договорите од Минск од 2014 и 2015 година биле „дипломатски спектакл и блеф“. Тој вели дека самите западни земји го признале ова, алудирајќи на изјавите на Ангела Меркел дека договорите ѝ дале време на Украина да зајакне.
Рускиот претседател ја обвини Украина дека ја започнала војната.
– Тие ја започнаа војната, а ние користиме сила за да ја запреме – рече Путин додавајќи дека Русија направила сè за да избегне војна, но дека Украина поддржана од Западот планирала да го нападне Крим контролиран од Русија, анектиран од Русија во 2014 година.
Западот, рече Путин, го пушти џинот од шишето во мноштво региони ширум светот со сеење хаос и војна.
– Народот на Украина стана заложник на режимот во Киев и неговите западни владетели, кои ефективно ја окупираа оваа земја во политичка, воена и економска смисла – објасни Путин.
– Тие имаат намера локалниот конфликт да го преточат во глобална конфронтација, ние вака го разбираме и соодветно ќе реагираме – подвлекува Путин.
Да се победи Русија, рече тој, е невозможно. Шефот на Кремљ рече дека Русија никогаш нема да попушти пред западните обиди да го подели своето општество, додавајќи дека мнозинството Руси ја поддржуваат војната.
Кога зборуваше за анексијата на четири украински територии минатата година, доби овации во изложбениот центар Гостини Двор на само неколку чекори од Кремљ.
Тој побара од публиката, во која имаше пратеници, војници, шефови на шпиони и шефови на државни компании, да застане во знак на сеќавање на оние кои ги загубија животите во војната.
Путин вети посебен фонд за семејствата на загинатите во војната.