ПОЛИТИЧКА МАГИЈА, ПАВЛЕ ГИ ЗАСИЛИЛ И ОПОЗИЦИЈАТА И ВЛАСТА!? Заминувањето на ДС од владата дочекано со ретко виден консензус

За првите тоа е сигурен знак дека „бродот на оваа коалиција тоне“, а за вторите дека тој и онака бил „најслабата алка“ во владиното мнозинство.

2,226

Заминувањето на Демократскиот сојуз и на нејзиниот лидер и единствен пратеник Павле Трајанов од владината коалиција ја израдува опозицијата, но не ја загрижи многу власта. За првите тоа е сигурен знак дека „бродот на оваа коалиција тоне“, а за вторите дека тој и онака бил „најслабата алка“ во владиното мнозинство, така што неговото заминување не само што не ја ослабува туку ја зајакнува владината коалиција.

Збогувајќи се од владата на Димитар Ковачевски, Трајанов посочи дека ќе ги поддржува „само проектите за имплементација на европските стандарди, а со цел влез на Македонија во ЕУ“. Тој беше дециден:






– Нашите ставови не се совпаѓаат со ставовите на владејачката партија. Нема логика за опстојување, ако постојано ги прифаќате, условно кажано, ставoвивте на постариот брат – рече Трајанов.

Тој повеќепати изрази резерви за промена на Уставот за да се внесат Бугарите во него, на начин како што предлага СДСМ, а отворено го критикуваше, како што рече, нарушувањето на етничкиот баланс во извршната власт, во која и претходно со ДУИ и Алтернатива, а уште повеќе сега, со влегувањето на Алијанса на Албанците, бројот на министри Албанци и останати високи функционери го надминува бројот на министрите Македонци. Според Трајанов, тоа е спротивно на принципите на правична застапеност, содржани во Охридскиот Рамковен договор, односно вградени во Уставот. Исто така Трајанов се пожали дека неговите идеи, заложби и предлози се игнорираат од поголемите партнери.

– Ниту една од програмските определби не се имплементирани. Имавме договор за Македонија да биде една изборна единица, во оваа насока имаше и закон кој помина на собраниските комисии, меѓутоа е блокиран бидејќи претседателот Талат Џафери не ја закажува седницата на која треба да се расправа за законските промени. Тоа беше една од најглавните определби. Понатаму, бевме за тоа да има реформи во судскиот систем и во оваа насока имавме закон за преиспитување на факти и докази користени во судски постапки, а сега е блокиран и не се расправа за него. Третата работа е борбата против корупцијата – баравме неселективна борба и во таа насока имаме проект кој предвидува формирање агенција за борење против висока корупција, но немаме поддршка – рече Трајанов.

Коалицијата колку се шири толку се стеснува

Откако Алијанса за Албанците влезе во Владата, а Алтернатива излезе и најави дека ќе делува како опозиција, Демократски сојуз е втора партија кој ја напушта коалицијата. Без тројцата пратеници од Алтернатива и еден од Демократскиот сојуз, се намалува мнозинството на владината коалиција. Влезот на Алијанса ќе го зајакне владиното мнозинство со 8 пратеници, но против се најмалку 3 пратеници од ДУИ, од тнр. „Огнена група“ која делува против потпретседателот на партијата и прв вицепремиер Атран Груби. Покрај нив, во опозиција сега е и Трајанов, а дискутабилно е како ќе гласа и пратеникот од Алтерантива Скендер Реџепи Зејд, кој делува како независен пратеник. Ова значи дека новата Влада на СДСМ, ДУИ и Алијанса ќе може да смета на поддршка од максимум 65 или 64 пратеници. Ако се суди по гласањето на дневен ред на седницата, тој беше усвоен со 64 пратеници.

ВМРО-ДПМНЕ: Сите бегаат од бродот што тоне

Одлуката на Трајанов и ДС да ја напушти коалицијата наиде на одобрување од опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ:

„Со Ахмети и слугата Ковачевски нема иднина. Сите бегаат од бродот кој тоне. Прво беше Алтернатива, а сега Демократскиот сојуз. Ја поздравуваме одлуката на Демократскиот сојуз да излезе од владата и ги охрабруваме другите партии да го следат таквиот пример и да не се соучесници во неспособниот систем кој ја распаѓа државата“ – соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

За опозицијата ова е уште еден знак дека се потребни предвремени парламентарни избори.

Таквата одлука е потврда дека на рати се распаѓа владината коалиција, за да на крај се заокружи и остане само „Пазар 3“ коалицијата составена само од партиите обединети за тендери и криминал.Таквиот пакет групно ќе биде убедливо поразен на избори. Ако власта се одржува со тендери и криминал, на избори народот не се купува со криминал и тендери и тие ќе бидат поразени.

Полицаецот Трајанов знае кога да замине“

Заминувањето на ДС ги охрабри опозиционерите и опозициски настроената јавност дека тоа е „добар знак“ за скор крај на оваа влада. Во коментари на социјалните мрежи новинари и јавни личности напоменуваат дека „Трајанов, како човек со големо полициско искуство, има информации дека оваа влада е во залез, и навреме, како многупати досега, менува страна“. За други пак ова е „чудо невидено, Трајанов да замине од власта“

За професорката Гордана Силјановска Давкова, која е и пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, заминувањето на Трајанов и ДС е сигнал за раситнување на владината коалиција, кое според неа ќе продолжи дури и внатре во СДСМ.

– Мислам дека и во оваа коалиција, тоа го потврди Демократски сојуз, има раскол. Тврдам дека и меѓу пратениците на СДСМ има различни мислења по ова што се случува. Не сите се послушни, бидејќи ова нема врска со социјалдемократија – рече Силјановска Давкова гостување на ТВ Сител.

СДСМ: Ништо не се менува

Според СДСМ, одлуката на Демократскиот сојуз да премине во опозиција во суштина не менува ништо.

Владината коалицијата и парламентарно мнозинство се силни и стабилни и успешно ќе може да продолжат да ги носат важните закони во Собранието за реформите во економијата и за европскиот пат на државата. Во текот на вчерашниот ден беа усвоени Законите за Иницијативата Отворен Балкан и Договорот со ФРОНТЕКС, од интерес на сите граѓани.

Добро е што Демократскиот сојуз и пратеникот Павле Трајанов и понатаму го поддржуваат европскиот пат на државата. Ова е важно за иднината на нашата земја.

СДСМ и владејачкото мнозинство е отворено за соработка и со други партии и пратеници кои се за продолжување на европскиот пат. Уверени сме дека има и пратеници во ВМРО-ДПМНЕ кои што се подготвени да се ослободат од заложничката ситуација во која ги сместија Апасиев и Мицкоски“ – се вели во соопштението на СДСМ.

За провладината јавност разделбата со Трајанов е очекувана одамна, со оглед на неговото минато и неговата политичка линија што ја држеше изминативе месеци

„Павле мисли дека уште некој го доживува како јунак од славните Осумтемина и дека може да живее на стара слава“ – коментираат приврзаници на владата на Фејсбук. Според нив, тој кокетира со патриотизам, со месеци „на ситно лови националистички поени, не презема одговорност и не даваше целосна поддршка на политиките на владата, чиј дел беше.

Според некој од нив, Трајанов, со проширување на коалицијата не е толку важен за обезбедување парламентарно мнозинство и ја губи моќта во владата, па не може да се „пазари“ за функции и вработувања, како порано.

Не се седи на две столици

За професор Ѓорѓи Спасов, кој е поддржувач на СДСМ, заминувањето на Демократскиот сојуз и Павле Трајанов, не само што не ја ослабува владината коалиција и нејзината парламентарна поддршка, туку напротив.

– Со оваа реконструкција се обезбедува стабилно мнозинство за владата, без оглед на бројките. Дури и да биде исто мнозинството, тоа обезбедува поголема стабилност во работата на парламентот отколку она претпходното, бидејќи тоа веќе беше доведено во прашање и со активностите на „Огнената група“ и врз основа на барањата на Трајанов, премислувањата на ДОМ, па и на Алтернатива. Со влегување на Алијансата владата се спасува од една ситуација цело време да виси на конец. Тоа можеше да биде деликатно при секое свикување на Собранието. Со влегување на осуммина од Алијансата се компензираат тие тројца „огнени“ пратеници од ДУИ и тројцата од Алтернатива и се создава простор за едно многу постабилно мнозинство. Тоа е еден прагматичен чекор. Не е најдобро, подобро ќе беше Алтернатива да останеше во владата, но можеби се чувствуваат гневни, незадоволни, зашто во еден момент беа пресудни за спас на оваа влада, а сега им се чини дека се третирани како употребена крпа. Веројатно не се задоволни од поделба на „колачот“ во оваа ситуација, но можно е нивната цел да е поврзана со подобро позиционирање на политичкиот пејсаж. Сега, кога веќе и Алијанса влегува во владата, и на некој начин се „лепи“ за ДУИ, Алтернатива смета дека ѝ одговара навереме да се позиционира како опозиција и така да ги дочека следните избори – вели Спасов.

По најавата на идното опозиционерско дејствување на ДС, функционери од оваа партија почнаа да поднесуваат оставки, а дел се очекува да бидат сменети. Денеска оставка поднесе заменик министерот за локална самоупрата Зоран Димитриевски. Трајанов и експонирани членови на оваа партија со кои се обидовме денеска да стапиме во контакт, не беа достапни за коментар.

Поврзани содржини