ТЕШКО БИЛО ДА СЕ ОТКРИЕ КОЈ ПРАЌА ЗАКАНИ СО БОМБИ? Не може МВР, ама родителите од „Учебници и настава мора да има“ ги открија веднаш – Бугари се!
Бугарите си играат и со нашите деца! Ги повикувам МВР, МОН и МНР да го истражат случајот и да ја преземат работата во свои раце – пишува Драгана Спасевска, од име на иницијативата „Учебници и настава мора да има“.
Иницијативата „Учебници и настава мора да има“ во објава на Фејсбук тврди дека дојавите за бомби во училиштата пристигнале од електронската пошта „Бугарска револуција“ и ги повикаа МВР, МОН и МНР да го истражат случајот.
„Бугарите си играат и со нашите деца! Од е-маил на “Бугарска револуција” се праќаат дојавите за бомби во училиштата! Ги повикувам МВР, МОН и МНР да го истражат случајот и да ја преземат работата во свои раце и во ниту еден случај да не дозволат децата да се користат во надворешни политики и закани! Никој нема право да им го крати образованието на нашите деца, а уште помалку да предизвикува стрес и немир кај сите нас!“ – се вели во објавата на Драгана Спасевска, која вели дека е овластена да ја претставува иницијативата „Учебници и настава мора да има“.
Во досегашните информации во врска со поплавата од дојави за бомби МВР посочи дека тие доаѓаат преку тнр. ВПН мрежи (Virtual Private Network), кои служат за да се заштити идентитетот на оригиналниот испраќач и да се отежне откривање на неговата ИП-адреса.
Од друга страна, меил адресата од која наводно стигнале заканите што ги објавува „Учебници и настава мора да има“ е испратена од сервисот гугл, односно има екстензија gmail.com, а адресата гласи: [email protected]. Тоа укажува дека заканата е направена целосно аматерски и необезбедено, до мерка да може да ја открие секој барем малку компјутерски писмен корисник. А дури и може самиот да ја направи.
Сепак, останува неодговорено прашањето дали некој од Бугарија сака да ја искористи ситуацијата со напливот на закани со бомби, и да додаде масло на огнот, или пак некој одовде сака врз Бугарите да ја фрли вината за заканите, затоа што тоа му се чини најлесно или најкорисно во моментов?