КАРПОШ НЕ БИЛ СЛУЧАЈНО ВИКАН КАРПОШ На денешен ден убиен бил народниот херој Христијан Тодоровски
Читајќи статија за Карпошовото востание од 17 век, гимназијалецот решил дека тоа ќе биде неговиот прекар, прво во Лесковачкиот партизански одред, а потоа во одредите во Куманово, каде името се раширило како молња.
Славниот македонски партизан и народен херој, кумановецот Христијан Тодоровски Карпош не бил нарекуван Карпош по случајност. Самиот тој во шестиот клас од гимназија прочитал текст од белградскиот весник „Политика“ за големиот јунак Карпош кој го кренал познатото македонско востание во 17 век. Не поминало многу време, a на своите соборци од Лесковачкиот одред им рекол дека сака така да го нарекуваат.
– Видиш – рекол младиот Христијан во муабет со својот соборец, Дане Цеков – како во учебниците по национална историја се кријат од нас и такви бурни настани каков што е бунтот на кратовските рудари под водство на Карпош. Па тоа име е славно во историјата на македонскиот народ. Кога ја читав статијата се возбудив. Името на Карпош треба да се памети, тоа име треба да се слави.
Дане Цеков се сеќава дека тие со Христијан оделе по улицата Доне Божинов, а се упатиле кон градскиот парк. Зборувале за многу нешта, за организацијата во Сојузот на комунисти на Југославија наречен СКОЈ, за тоа како тие треба да бидат пример за народот.
Името Христијан Карпош наскоро започнало како молња да се разнесува низ сите села источно од Куманово и Врање. Бил во неколку одреди и баталјони, а потоа станал командант. На 2 август 1943 година го формирал Вториот кумановски партизански одред. Задачата била тешка – целосно да се уништи бугарската власта во поширокиот реон на Куманово и Козјак планина.
Бугарите знаеле дека некој Карпош командува со партизаните, но не знаеле кој бил тој навистина. Прекарот ги чувал неговото вистинско име и презиме. Не за долго. Следната 1944 година, на денешен ден тој бил убиен во селото Билјача, Прешевско.
Сепак, неговото семејство куртулило од бугарски прогон затоа што било тешко да се пронајде презимето.
А кој беше оној Карпош кој во 1689 година ги крена кратовските рудари на бунт, од Скопје од Благоевград, на македонско востание против османлиската власт, беше крунисан од австроунгарскиот цар Леополд за на крајот да биде набиен на колец на Камениот мост во Скопје?
Карпош од 17 век бил ајдутин родум од Куманово. Имал жена и две деца, а во почетокот работел во рудник. Бил син на сиромашен мелничар. „Кралот на Куманово“ имал калпак, грб и сертификат од царот Леополд I, a во едно писмо од 1690 година самиот Леополд I ги става под своја заштита Македонците заедно со уште неколку други народи од Балканот.
Споменот за Карпош и ајдутството останал меѓу народот.
ЗОШТО ПИКОЛОМИНИ ГО ЗАПАЛИ СКОПЈЕ? На денешен ден гореше „градот голем колку Прага“