„ВСИЧКО ШТЕ Б’ДЕ ОКЕЈ“ Ковачевски му се јавил на бугарскиот премиер, ветил брза разрешница за тепачката во Охрид

Бугарскиот премиер побарал од страна на локалните власти итно да бидат преземени сите неопходни мерки за заштита на Бугарите во земјава „од какви било инциденти предизвикани од омраза".

711

Премиерот Димитар Ковачевски денеска имал телефонски разговор со неговиот бугарски колега Галаб Донев, во кој дал уверување дека случајот со претепаниот oхриѓанец, кој бил секретар на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети” од Охрид, ќе добие разрешница, јави бТВ.

Според телевизијата, Донев го осудил нападот врз Христијан Пендиков и во разговорот со Ковачевски го означил како целосно неприфатливо, опасно, криминално дело извршено врз државјанин на Република Северна Македонија со бугарска самосвест.






Донев побарал од страна на локалните власти итно да бидат преземени сите неопходни мерки за заштита на Бугарите во земјава „од какви било инциденти предизвикани од омраза”.

Реакција пристигна и од бугарскиот претседател Румен Радев, кој објави дека „категорично ги осудува систематските кршења на правата на Бугарите во Република Северна Македонија и всадувањето омраза кон нив”, од што, како што вели, „резултат беше нападот врз Бугаринот Христијан Пендиков во Охрид”.

„Декларираните амбиции за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија и преземените заложби за реформи и зајакнување на демократските норми во земјата се разидуваат со реалноста во која живеат Бугарите кај нашиот југозападен сосед“, напиша Радев на Фејсбук.

Тој соопшти дека Бугарија е подготвена да организира воздушна евакуација на Пендиков и да обезбеди негово лекување и дека уште еднаш ќе го сврти вниманието на шефовите на држави и влади во Европската Унија, како и на европските институции и на Советот на Европа, кон прашањето за почитување на правата на Бугарите во Република Северна Македонија.

„Систематското кршење на нивните права беше основа на ставот на Бугарија дека европската интеграција на Република Северна Македонија треба да се заснова на вистински напредок во искоренувањето на јазикот на омраза кон Бугарија и Бугарите и почитување на правата на македонските Бугари“, додава Радев во објавата на Фејсбук.

Дилерско-криминална пресметка?

Полицијата денеска приведе тројца охриѓани осомничени дека синоќа физички нападнале свој сограѓанин во угостителски објект на кејот „Македонија” во Охрид.

Како што соопшти МВР, полициски службеници од СВР Охрид во рамки на преземените мерки и активности во координација со охридското ОЈО за расчистување на случајот со физички напад врз 21-годишниот охриѓанец Х.П., ги привеле С.К., С.К. и И.С. од Охрид.

фото: БГНЕС

Претходно, портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски за МИА изјави дека синоќа околу 22.30 часот во полицијата било пријавено дека тројцата приведени прво во, а потоа и надвор од посочениот угостителски објект, физички го нападнеле Х.П., кој притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во охридската Општа болница, каде му била укажана лекарска помош.

Како што дознава МИА од извори во истрагата, против Х.П. во текот на декември полицијата покренела кривична пријава под сомнеж за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори” според член 215 од Кривичниот законик.

„СВР Охрид поднесе кривична пријава против Х.П. (22) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори. При преглед извршен во атарот на охридското село Лескоец, полициските службеници кај него пронашле и одзеле кокаин“, се наведува во соопштение на СВР Охрид од 17 декември.

Како што објави претходно СДК, синоќешниот инцидент во Охрид најверојатно претставува дилерско-криминална пресметка. Според очевидци во угостителскиот објект, синоќа околу 22:30 часот веднаш што во угостителскиот објект влегле тројцата денеска приведени, Х.П. почнал да ги пцуе и навредува, по што тие го извадиле надвор и го натепале, при што му биле скршена вилицата.

Очевидците посочуваат дека при вербалната расправија меѓу четворицата во ниту еден момент не станало збор за политика, за бугарски или македонски идентитет и јазик или за говор на омраза на таа тема. Инаку, полицијата, како што наведува СДК, и за тројцата приведени има досиеја дека во повеќе наврати се пријавувани за нарушување на јавниот ред и мир.

Во меѓу време, бТВ повикувајќи се на Амбасадата на Бугарија во Скопје, јави дека бугарската Влада почнала „акција за евакуација на Христијан Пендиков”, кој синоќа беше повреден при напад од три лица во Охрид и за таа цел во земјава бил испратен авион од типот „Фалкон”, заедно со екипа на Воено-медицинската академија составена од двајца лекари и медицинска сестра. Се очекува авионот да пристигне во Бугарија околу 19.30 часот по локално време. 

Поврзани содржини