ЦРНИОТ ПАНТЕР, БЕЛИТЕ ЛАГИ И ПАНИКАТА (3) Чуден некој пантер, ни јаде, ни пие, само се шета и се фотографира
Легендарната приказна за црниот пантер оваа доцна есен ги возбуди духовите во Србија, но и пошироко на Балканот. Во еден момент пантерот беше тргнал на југ, кон Македонија. Во меѓувреме, црниот пантер исчезна од медиумите, но остана приказната за една голема медиумска манипулација. Во обид да се утврдат фактите не само за фабулата и за „доказите“ со кои беше поткрепена, туку и за начинот на кој се ширеше медиумската бајка, Плусинфо контактираше со повеќе експерти од Македонија, но и од соседна Србија. Ова се сознанија до кои дојде нашето истражување.
Црниот пантер, кој оваа доцна есен се појави во српските медиуми, но и пошироко во медиумите на Балканот, предизвика многу егзалтации не само на читателите, туку и на институциите во соседна Србија. Иако никогаш недокажаното присуство на пантерот во Унгарија и во Војводина е регистрирано на Фејсбук уште во 2021 година, една вест од средината на ноември годинава требаше да ја увери јавноста дека опасноста поминала и дека пантерот е – убиен.
Двајца ловџии во местото Бања Јунаковиќ во Апатин во Србија се фотографирале со животно за кое тврдат дека е убиениот црн пантер. Фотката ја објави првично српски Курир и таа беше кулминација на серијата непроверени и лажни вести кои го зафатија регионот, откако со молскавична брзина се прошири манипулацијата дека низ Војводина шета црн пантер, кој бил избеган од Унгарија. А ете, вештите ловци, чии ликови на спорната фотографија се заматени, го уловиле!
Не баш многу вешт фотошоп
Како што веќе пишувавме во претходното продолжение на ова истражување, фотофорензичката анализа на оваа фотографија со помош на онлајн-алатки потврди дека веројатно станува збор за едитирана фотографија или за монтажа. Но, Плусинфо се реши да ја испита веродостојноста на оваа медиумска содржина со консултација со експерти, луѓе кои се занимаваат со форензика, со трасеологија и со лов на егзотични животни.
За таа цел консултиравме еден домашен и еден странски извор. Домашниот извор е искусен ловец и организатор на лов со меѓународно реноме, застапен во неколку најпрестижни публикации во САД и во светот. Името на компанијата и на изворот нема да го соопштиме бидејќи промоцијата на ловниот туризам е спротивна и на етичкиот став на медиумот, но и на компанијата.
Како и да е, нашиот домашен „форензичар“ веднаш ги препозна елементите на фотографијата кои укажуваат дека таа е фотомонтажа. На фотографијата навистина се двајца српски ловџии (со оглед на фактот што фотографијата ја поседуваме и без заматените ликови, лесно може да се утврди и нивниот идентитет) и тие навистина стојат пред уловено животно. Но, животното не е црн пантер, туку „обична“ дива свиња. Врз неа е монтирано телото на пантерот. Но, тоа е направено недоволно вешто. Со мало зумирање на фотката се забележува дека во близина на десната рака на ловџијата, зад пантерот, недоволно искусниот „фотошопер“ оставил и малку крзно лод друго животно. За искусните ловџии нема никакви дилеми – тоа е крзно на дива свиња.
Ова ни го потврди и Антон Тончев, македонски бизнисмен со долгогодишно искуство на страстен ловец со меѓународно портфолио.
Нашиот втор извор е Србислав Стојшиќ, познат форензичар од областа на криминалистиката, трасеолог и искусен ловец со меѓународно реноме. Тој исто така ги потврди мислењата на нашиот домашен извор. Интересно е дека за Стојшиќ се проблематични сите фотографии од пантерот коишто беа објавени, а пред сè првата снимка од неговите шепи, која беше преземена од унгарски извори.
– Денешната технологија во изработка на фотографии и техничките можности за уредување ми даваат за право со право да се сомневам во сите објавени слики. Фотографиите од отпечатоците од шепите апсолутно не одговараат на отпечатоците на големите мачки, кај кои при бавно движење канџите не се оцртани на подлогата, додека на фотографиите тие јасно се гледаат длабоко втиснати во подлогата. Единствениот претставник на родот мачки чиишто канџи постојано штрчат е африканскиот гепард спринтер – изјави Стојшиќ за Плусинфо.

Заблудата и митот за црниот пантер
Полека се враќаме на почетокот на нашето истражување, за да ги утврдиме сите спорни факти во врска со многубројните написи, во „драмата“ со црниот пантер која траеше безмалку цел месец и после која „опасното животно“ исчезна и од терените и од медиумите како никогаш да не постоело.
Плусинфо ги утврди основните карактеристики на животното кое жовијално се нарекува црн пантер. Во тоа ни помогна и зоологот Диме Мелоски од Македонското еколошко друштво (МЕД), како и другите експерти со кои разговаравме на оваа тема. Зборот пантер доаѓа од латинскиот назив за некои видови на мачки. На пример, Panthera leo е лав, а Panthera pardus е леопард.
Црната боја на леопардот или на јагуарот е последица на меланизмот. Тоа е мутација која што се јавува кај овие видови, нешто што го потврдуваат и зоолозите. Доказ за тоа, вели нашиот експертски извор, е фактот што и кај пантерот шарите се исцртуваат под црната боја, ако погледнеме слики од леопард или од јагуар. Според тоа, целосно црната боја на фотката со нашите двајца ловџии е дополнителна интервенција.
– Не постои целосно црн пантер, иако постојат митови дека ако таков некаде постои, тоа сигурно ќе биде во Етиопија и тој ќе мора да биде резултат на генерации и генерации црни пантери кои пред него постепено ги губеле своите шари од леопард – вели нашиот изворот.
Иако небитна за суштината на манипулацијата што е тема на ова истражување, расправата за бојата на црниот пантер може да упати и на претпоставката како со еден мит е поткрепена лагата на креаторите на лажната вест. Дали тоа значи дека и самите се експерти во оваа област? Интересно прашање во секој случај.
Ако постоел, нема шанси да не го уловеле
Втората голема манипулација е поврзана со „авантурите“ на црниот пантер. Српските медиуми објавија фотографии и видеа на кои пантерот трча во Војводинската рамница како на тренинг, шета во урбани средини и дури се појавува и на улица. На Јутјуб осамна и видео од наводното прво забележување на пантерот на границата со Србија и Унгарија. Унгарските власти реагирале, а српската полиција останала на штрек.
– Eкстремно сe мали шансите животното да им избегало на властите во Унгарија и во Србија и на професионалните ловџии во рамниците на Војводина. Станува збор за терен кој не е тежок, нема планини, карпи, реки, прооден е. И Србија и Унгарија се велесили во ловот. Пантерот лесно би можел да биде уловен со кучиња, истите оние кои се користат за гонење диви свињи. Кучињата би го натерале пантерот да се качи на дрво и би го опколиле. Друга работа е да се појави леопард во Шумадија, на пример. Но, Војводина е рамница со проретчени шуми во блокови. Српските ловци би можеле да одат со кучиња и неколку тимови и да ги испитаат блоковите еден по еден, поставувајќи замки со месо – објаснува нашиот извор.
Што јаде тој пантер, во кој ресторан?
И уште една дилема укажува на манипулацијата. Каде и што јаде тој пантер во Војводина? Во медиумите не е објавена ниту една фотографија на удавено животно.
– Животното, да постои, би гладувало во вакви услови. Тоа значи дека тоа со сласт би ја изело мамката со месо. Ловот би бил лесен, бидејќи дивите мачки се враќаат на местото од каде претходно јаделе или заклале животно. Животното може лесно да се следи откако ќе биде познаена трага од неговите шепи од страна на експерти – вели нашиот извор, врвен познавач на однесувањето и на навиките на леопардот.
На ова забележување се надоврзува и нашиот извор од Србија, форензичарот Стојшиќ. Тој нагласува дека нема нити еден пријавен случај на убиени животни во Србија од страна на пантерот, нема остатоци од заби, што е многу сомнително.
– Освен што се одлични ловци, сите членови на родот мачки се и лешинари, се хранат со мрша. Досега не е пронајден или пријавен ниту еден труп на домашни или диви животни, каде што имало видливи траги од заби на пантер, од канџи или од фекалии. Иако во регионот каде што наводно е забележан пантерот интензивно се лови во овој период од годината. Тоа вклучува лов на зајаци и фазани, лов на патки, лов на лисици како и масовен лов на диви свињи. Искрено мислам дека веста за пантерот е од кујната на хакерите кои немале друга работа, па од унгарските медиуми собрале некакви полуинформации за бегството на голема мачка од приватна зоолошка градина. А вистината е дека тие малку знаат за навиките на животните – категоричен е Стојшиќ.
Не трча вака пантер, ниту седнува како крал на сред бел ден
Заедно ги анализиравме и снимките од пантерот кај местото Фекетиќ. Брза снимка која наводно ја снимил некој камионџија. На другата снимка, кај селото Сонте, пантерот прилично бавно се движи на дневната светлина, за на крајот и да седне под сенка. Нашите извори се категорични – само лав би бил толку самоуверен да одат така полека при бегство.
Pozdrav iz Apatina 😎 pic.twitter.com/Fb3DvmTavi
— Mifi (@mifi_so) November 12, 2022
Што се однесува до снимката на која црниот пантер наводно трча, нашиот извор вели дека без сомнение станува збор за монтирано видео.
– Пантерот не трча на ваков начин. Ова ми личи на некоја друга мачка. Едноставно, пантерот вака не се однесува. Или, погледнете ја другата снимка – пантерот седнува среде бел ден. Тоа е невозможно. Од овците коишто наводно ги заклал немаме фотографии. Лажната вест дека заклал овци можеби ја прошириле селаните во Србија, за да добијат отштета од државата – вели нашиот локален форензичар.

Легендата е закопана – или не е?
За разлика од зоологот Диме Меловски, кој вели дека најблиската популација на овој животински вид, барем историски, е во Јужна Турција и дека останува можноста животното да избегало од зоолошка градина или од приватно заробеништво во кое дошло преку црниот пазар, нашиот извор од Македонија не верува во оваа приказна:
– Мислам дека пантерот, ако воопшто постои, не излегол од зоолошка градина, како што тоа беше речено во некои од медиумите. Никаде не видов потврда за ова. Исто така, немам слушнато некој во приватно заробеништво да чува црн пантер. За лавови и леопарди да, сум чул. Но пак ќе речам, Унгарците се професионалци и ако имало било каков инцидент таму, тие би го успале или би го усмртиле животното уште пред да стаса до српската граница. Можете да бидете уверени во тоа.
Да се потсетиме дека првичната вест за пантерот е лиферувана во Унгарија, кога полицијата во градот Кечкемет одговорила на пријава на анонимен граѓанин. Но, најинтересното нешто е дека оваа вест во Унгарија била актуелен лани, кога и се случуваат објави во тамошните медиумите. Српската телевизија Прва ја пренела веста лани исто време и чудно е зошто фамата во српските медиуми е обновена и засилена до паника една година подоцна.
Наместо заклучок. Истражувањето на Плусинфо, спроведено во консултација со експертски извори, изнесе на виделина многу факти во прилог на основаната претпоставка дека приказните за црниот пантер од Апатин и Војводина, всушност, е лага и манипулација, поткрепена со текстуални и фото и видео содржини креирани од лица кои не се добри познавачи на зоологијата, на трасеологијата и на ловот. Тешко е да се претпостави која би можело да биде целта на една ваква масивна манипулација. Освен ако не станува збор за т.н. самогенерирачка лажна вест, која поради својата атрактивност и неспорна њузвредност буквално пламнува во интернет медиумите и на социјалните мрежи.
За среќа, црниот пантер веќе не е актуелен. Можеби се подготвува за дочек на Нова година и на Божиќ. Веројатно легендата за него веќе е закопана. Иако, никогаш не треба да се исклучи можноста да се случи чудо и тој повторно да „воскресне“ некаде на друго место.

ЦРНИОТ ПАНТЕР, БЕЛИТЕ ЛАГИ И ПАНИКАТА (1) Како една непотврдена вест направи психоза на Балканот