ОСУДА ЗА СЕКСИСТИЧКИ НАВРЕДИ ОД „БАЛИСТИТЕ“ Пешевска бара Обвинителството да поведе истрага

246

Најостро го осудуваме инцидентот во Тетово предизвикан од припадници на навивачката група „Балисти“, кои објавија видео на кое се слушаат извици со етнички и сексуални навреди извикани повеќепати, реагира денеска Жаклина Пешевска, претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничка.

Со ваквиот однос се забележува и говор на омраза од навивачката група Балисти по повод 30-годишен јубилеј. За овој скандалозен инцидент не слушнавме никаква реакција од надлежните институции, од МВР и ги повикуваме веднаш најостро да го осудат и санкционираат овој чин со кој се шири говор на омраза и сексизам – вели Пешевска.






Таа очекува и политичките партии, меѓународните организации за заштита на човековите права, женските организации, како и Клубот на пратенички во Собранието најостро да го осудат ваквиот начин на делување со што би се спречиле идни вакви дејствија.

Пешевска додаде дека ова не е прв инцидент од оваа навивачка група. Таа потсетува дека пред четири години ваквиот начин на ширење меѓуетнички тензии завршил и со физички напади.

– Власта наместо да толерира, а со тоа и да одобрува вакви инциденти, најитно да преземе превентивни мерки, а за навредливите скандирања и говорот на омраза, потребно е Обвинителство да го прецизира кривичното дело и да се покренат адекватни постапки за лицата учесници во случајот – рече Пешевска, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува ова девијантно однесување.

Поврзани содржини