КАНЈЕ ВЕСТ НЕ СЕ ПРЕДАВА Најави повторна кандидатура за претседател на САД
Во првиот обид, на претседателските избори во 2020 година, раперот освои 70.000 гласови во 12 држави.
Раперот Канје Вест најави дека повторно ќе се кандидира за претседател на САД. Добитникот на Греми рече дека работи на својата претседателска кампања за 2024 година, заедно со десничарот Мајло Јанопулос, јави ДПА.
– Благодарам, прифаќам, вели Вест (45) во видеото објавено во неделата, прашан дали официјално ја објавува својата кандидатура.
Раперот се кандидираше како независен кандидат и на претседателските избори во 2020 година и доби околу 70.000 гласови во 12 сојузни држави.
Последниве неколку седмици, Вест се најде сред контроверзии поради „неколкукратни антисемитски” коментари. Инстаграм и Твитер минатиот месец привремено го ограничија пристапот до неговите профили, а „Адидас” ја прекина соработката со него.