ТАРАВАРИ НЕ РАЗГОВАРАЛ ЗА ВЛЕЗ ВО ВЛАДАТА, ЗАСЕГА Прво да биде избран лидер на партијата, па ќе видиме, рече в.д. претседателот на Алијанса
Тој порача дека ќе продолжи да ја критикува власта без оглед дали е дел од неа, или не. И ако во овој момент биде прашан дали има корупција и криминал, неговиот одговор ќе биде дека има.
Засега не разговараме за влез во Владата, то прашање ќе го разгледаме по изборот на претседател на партијата – изјави денеска в.д. претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари по завршувањето на средбата со премиерот Димитар Ковачевски во Владата.
– Разговаравме за европскиот пат, борба против корупцијата, функционирањето на правната држава, европските закони што се блокирани во Собранието, за кои Алијансата цело време дава поддршка. Немаме официјални разговори за влез во Владата. Кога ќе има, ќе бидеме транспарентни и ќе го кажеме тоа – изјави Таравари.
Тој додаде дека во моментот нема ниту официјална, ниту неофицијална понуда за влез во Владата. Ги негираше информациите дека на Алијанса ѝ биле понудени бројни ресори за да влезе во Владата, но сепак, како што посочи, ако евентуално започнат со преговори, ќе постават свои услови.
– Имаме црвени линии што би биле неопходни. Кажавме дека и како опозиција ќе ги презентираме пред цела јавност, а тие мерки ќе бидат наш услов за влез во Владата – додаде претседателот на Алијанса.
Таравари рече дека нема намера да им се извини на политичките партии кои побарале извинување, таа одлука останува на членството и на партиските тела. Тој рече дека со ВМРО-ДПМНЕ се во комуникација, како и со сите други партии, но не им се допаѓа вокабуларот што го користи таа партија во последно време.
– Во одредени општини имаме и коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Пред 4-5 месеци се дистанциравме од Данела Арсовска, а ако не грешам по месец-два и ВМРО-ДПМНЕ се дистанцира од неа. Меѓутоа, вордингот што го користи ВМРО-ДПМНЕ во последно време воопшто не ни се допаѓа. Мислам дека ги намалуваат капацитетите за соработка со албански партии, не само со Алијанса за Албанците. Имам впечаток дека ВМРО-ДПМНЕ веќе се натпреварува со Левица која е понационалистичка партија, што искрено нам ни штети – вели Таравари.
Тој порача дека ќе продолжи да ја критикува власта и вели дека и во овој момент ако биде прашан дали има корупција и криминал, неговиот одговор ќе биде дека има.
– И секојдневните скандали што ги слушате, неколку од нив, на пример, скандалот со Орошенко тоа беше иницирано од АА, за Тетовскиот универзитет вчера имавме за корупција и за непотизам, повторно е од Алијанса за Албанците. Така што, ние ќе продолжиме со истите критики без разлика дали ќе бидеме дел од Владата или надвор од Владата – рече Таравари.