ВОДА ДО КОЛЕНА, ПОПЛАВЕНИ КУЌИ, УРНАТИ МОСТОВИ 60 години од големата поплава во Скопје (ФОТО+ВИДЕО)
Во Скопје како последица на поплавата се урнати 1.050 куќи, 157 згради биле под вода, 4.445 граѓани без покрив; во Петровечко поплавени близу 4.000 хектари плодна земја. Водената стихија урнала три моста во Скопје и три во Ѓорче Петров.
Скопје се сеќава на поплавата… на денешен ден (16 ноември 1962 година) пред точно 60 години, градот го зафати поплава. Поплавени беа околу 5.000 куќи, а оваа несреќа беше предвесник на една поголема трагедија неколку месеци подоцна.
Покрај Скопје, Охрид, Струга, Титов Велес, Ресен, Кичево, Битола, Новаци, Прилеп, Тетово, Крушево, Богомила и голем број села и населби во Западна Македонија, тој ден биле погодени од водената стихија, што била резултат на вонредно силни дождови. Водите на Шарпланинскиот слив од Бистра и од другите планини што гравитираат кон Треска, запенавени и матни се струполувале во коритото на матната река Вардар.

На 16 ноември 1962 година, во текот на целиот ден и претходната ноќ, на подрачјето на Скопската околија дошло до силни врнежи, што предизвикале големи полави во Скопје, Петровец, Ѓорче Петров. Во Скопје се удавени 4 лица, пријавени до 18 часот. Во Скопје најмногу настрадале подрачјата на општина Идадија, кај градскиот парк, околината на улица Илинденска, околу главната пошта и градскиот плоштад. Во градот биле загрозени куќите по должината на улица „Цветан Димов“, поради излив на реката Серава.
Некаде околу 16:00 часот сите училишта биле распуштени. Оние ученици кои живееле блиску, биле пречекани од родителите на училишната врата, но имало деца кои живееле далеку и не можеле да си одат дома поради водата.
На новиот бетонски мост, поради силните дождови, работите биле прекинати. Но работниците не ги напуштиле своите места и заедно со стручњаците, уште од три часот изутрината, со долги железни шипки ги отстранувале големите трупци што ги носеле опасните брзаци на Вардар. Овој мост требало да биде пуштен во употреба на 29 ноември 1962 година. Кај овој мост хидрометеоролошката служба поставила водомер. Во 14:30 часот, тука бил забележан водостој за осум сантиметри повисок во споредба со 5 ноември 1937 година, кога нивото на водата било за 260 см над нормалата, односно 330 см.
Особено биле загрозени пешачките дрвени мостови: кај Народниот театар, и мостот што се наоѓа меѓу новиот бетонски и железничкиот. Поради нивната нестабилност под притисок на надојдените води, на 16 ноември претпладнето на нив бил забранет печашкиот сообраќај.
Железничкиот мост кај Воена болница бил забранет за сите возови, а движењето по Железничкиот мост кај Ѓорче Петров било дозволено со пет километри. Само еден мост на Вардар бил сигурен – Камениот мост.

Околискиот штаб за елементарни непогоди веднаш презел мерки загрозените семејства од подрачјето на Идадија и Кисела Вода да бидат сместени во осмолетката „Кочо Рацин“, а загрозените семејства од Кале и Саат Кула, во Здравствениот дом на овие општини. Во овие два пункта во градот, биле сместени и сите загубени деца.
Вардар се излеал на „Илинденска“, на плоштадот „Маршал Тито“, во Градскиот парк, кај стадионот, и секаде каде заштитните насипи биле најниски. Многу визби се наполниле со вода, а повремено делови на градот останувале без струја.
Водата ги поплавила тесните и длабоки простории на манастирот Св. Андреја, и сè во ресторанот крај езерото Матка, било под вода.
Настрадале и селата од околината на Ѓорче Петров. Пробиена била браната на новиот акумулационен базен кај село Бојане. Поради големиот водостој на Треска, било преполнето езерото кај ХЕЦ Матка, па заради тоа, водата постепено била испуштана за да не дојде до опасност и самата брана на езерото. Во Сарај биле поплавени терените за камп-куќички.

Во Скопје како последица на поплавата се урнати 1.050 куќи, 157 згради биле под вода, 4.445 граѓани без покрив; во Петровечко поплавени близу 4.000 хектари плодна земја. Водената стихија урнала три моста во Скопје и три во Ѓорче Петров.
Во голем број градови извршена била општа мобилизација на населението, на припадниците на ЈНА и Народната милиција, а биле ангажирани сите можни превозни средства.
Уште првиот ден по поплавата, свои екипи од војници и пожарникари, испратиле Ниш, Лесковац, Сурдулица, Урошевац, Косовска Митровица, Белград, Призрен и други.
Стоковната куќа „Скопје“ ја пријавила првата материјална штета од 300 милиони динари. Се претпоставувало дека вкупната штета од поплавата е преку 10 милијарди динари.

Канализационата и водоводната мрежа биле тешко оштетени, уништена била пумпната станица кај Рашче и онаа кај Козле. Сарај бил комплетно уништен, до него не можело да се пријде.
Кон напорите на Југословенската народна армија, целото население и народната милиција се придружиле младинците, кои во голема мера придонеле за давање помош на настраданите од елементарните непогоди во сите краишта на Македонија. Младинските работни бригади и групи се ставиле на располагање на штабовите за борба против елементарните непогоди. Младинските и студентските работни групи учествувале во расчистување на настраданите куќи и во спасување на загрозените семејства. Тие организирано започнале заштитување и чистење на училиштата, интернатите и другите простории. Само на 19 ноември 1962 година, на расчистување на улиците во Скопје работеле 3.830 младинци, додека на 20 ноември 1962 година, во постраданите реони во Скопје и околината вклучени биле околу 5.000 младинци.
По иницијатива на Главниот и Околискиот одбор на Црвениот крст и Штабот за борба против елементарни непогоди од општина Идадија, група младински раководители и активисти организирале префрлање и згрижување на децата од најзагрозените семејства од подрачјето на општина Идадија во центарот на Црвениот крст на Водно. Во овој прифатен центар биле префрлени 72 деца на возраст од 7 до 14 години.
Ваквата ангажираност на младинците е забележана и во други делови на Македонија: Битола, Титов Велес, Охрид, Гевгелија и други загрозени подрачја. Младинските организации помагале и при акциите на санитарните органи за вакцинирање на населението, со цел да се спречи евентуално ширење на заразни болести