АВТОБУСИТЕ ПАРКИРАНИ НА ТРУПЦИ Продолжува агонијата во ЈСП, возачите возат со распукани гуми
Плусинфо разговараше со неколку вработени во ЈСП Скопје кои велат дека поради проблеми со гумите, намален е бројот на автобуси кои циркулираат низ градот, затоа што оние кои не можат да се сервисираат се оставени на „трупци“ и чекаат да добијат нови гуми за да може повторно да бидат пуштени во сообраќај.
Хаосот во Јавното сообраќајно претпријатие никако да стивне откако минатата недела Градот за првпат остана без јавен превоз. Сега во прашање е безбедноста на патниците, бидејќи автобусите по скопските улици се возат со распукани гуми, иако заврши тендерот за набавка на пневматиците, но нив сѐ уште ги нема во сервисите на ЈСП.
Плусинфо разговараше со неколку вработени во ЈСП Скопје кои велат дека поради проблеми со гумите, намален е бројот на автобуси кои циркулираат низ градот, затоа што оние кои не можат да се сервисираат се оставени на „трупци“ и чекаат да добијат нови гуми за да може повторно да бидат пуштени во сообраќај.
– Автобусот кој го возам има распукана една гума, па поради тоа отидов до сервис да ја сменам. Кога пристигнав таму, им кажав на сервисерите за проблемот, а тие ми одговорија: „Нема проблем, бирај која сакаш гума, оваа или оваа“ и притоа ми покажаа со прст кон празно место каде што немаше ниту еден пневматик. Им реков: „Луѓе што е работата, па немаме ниту една гума. Што ќе правиме? Распукана е целата гума. Не дај боже ќе направиме беља“, а тие само ги креваат рамениците – вели нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен.
Тој претпоставува дека најверојатно се доцнело со тендерот за набавка на нови гуми што го распишал ЈСП, па додека не пристигне новата пратка, нашиот соговорник вели дека ќе продолжи да вози со распукана гума, ризикувајќи го сопствениот живот и животот на патниците кои ги превезува.
За овој голем проблем со кој се соочуваат возачите на ЈСП ни потврди уште еден вработен во ова претпријатие, кој исто така сакаше да остане анонимен, зашто стравува од санкции од раководството.
– Милион отсто ви гарантирам дека е така, гума нема ниту за лек, тој што ви кажал не ве излажал. Возиме со никакви гуми, целите распарталени и стравуваме да не ни пукнат сред возење. Но не е само тоа проблем, проблем има и со резервните делови на автобусите, особено двокатните, затоа што делови за нив нема, па поради тоа сервисерите се принудени од здрави автобуси да вадат делови за да можат да оспособат други 3-4 автобуси – ни вели соговорникот.
Возачите се жалат дека хаос владее во ЈСП Скопје. Платата за септември им доцнеше неколку дена од законски предвидениот рок, поради што ги паркираа автобусите во гаража, но возачите сега стравуваат дека ќе се повтори истото сценарио кога ќе треба на нивните сметки да легне октомвриската плата.
Јавното сообраќајно претпријатие на 22.07.2022 година има распишано тендер за набавка на автобуски гуми, а согласно тендерската документација, техничката спецификација и прифатената понуда на 01.09.2022 година е донесена одлука да се склучи договор со Друштвото за услуги и трговија на големо и мало Турбомакс ДОО експорт-импорт Скопје. Договорот меѓу двете страни е потпишан на 10.10.2022 година во висина од 21.220.884 денари или 345.055 евра со времетраење од една година.
Поради овие проблеми со кои се соочуваат возачите, поради кои е загрозена безбедноста на патниците кои се превезуваат во автобусите на ЈСП Скопје, како и на сите учесници во сообраќајот, поставивме прашања до Јавното претпријатие која е причина зошто во сервисите нема резервни гуми, кога треба да почне испораката на новите гуми за кои е склучен договор и зошто доцни, но оттаму ни рекоа дека дополнително ќе добиеме одговор.
ЈСП Скопје на 02.02.2022 има склучено договор со Трговскоо друштво за производство, промет и услуги Мотоцентар ДОО експорт-импорт Скопје за набавка на гуми во висина од 5.313.540 денари или 86.399 евра. Во 2021 година претпријатието нема извршено набавка на ниту една гума, а пак во 2020 во април е склучен договор со Друштвото за производство, трговија и услуги ТДА ТРЕЈД ДООЕЛ увоз-извоз Скопје за купување гуми за што биле платени 9.114.320 денари или 148.200 евра, а еден месец подоцна е склучен нов договор за набавка на гуми овој пат со Трговското друштво за производство, промет и услуги Мотоцентар ДОО експорт-импорт Скопје за кој ЈСП платило 9.589.860 денари или 155.933 евра.