ЗИМСКИ УТРА И ЛЕТНИ ДЕНОВИ Славчо Попоски предвидува дека ноември ќе биде натпросечно топол

Од Управата за хидрометеоролошки работи соопштија дека продолжува периодот на стабилно и претежно сончево време. Утринската температура за време на викендот наместа ќе се спушта под нулата.

373

Топлото време ќе продолжи и во првите денови од ноември, кога температурите и врнежите ќе бидат исти како и во повеќегодишните прогнози, вели за Плусинфо метеопрогнозерот Славчо Попоски.

– Нашата територија и понатаму во следните седум до десет дена ќе се наоѓа под влијание на стабилна и сува воздушна маса. Времето ќе биде сончево, повремено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен и од североисточен правец – вели Попоски.






Како што вели тој, од утре температурите ќе бележат тенденција на постепено опаѓање и до сабота ќе опаднат за околу 5 степени во споредба со денешните. Максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 19 до 24 степени. Наутро температурите понекаде, особено во Малешевијата, ќе се спуштаат до околу 0 степени, што значи дека ќе биде постудено во утринските часови.

Во Скопје продолжува стабилното и претежно сончево време. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец а температурите ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 20 и 23 степени.

– Во ноември очекуваме натпросечно топло време со можност за повремени разладување на времето. Секако ќе недостигаат и понатаму поинтензивните врнежи, што значи релативно сушниот период продолжува и во ноември. Барем според сегашните анализи – додава Попоски.

Од Управата за хидрометеоролошки работи соопштија дека продолжува периодот на стабилно и претежно сончево време. Утринската температура за време на викендот наместа ќе се спушта под нулата.

– Утринските температури до среда ќе бидат во интервал од минус 2 до 10 степени, а максималните дневни ќе достигнат до 26 степени – соопшти УХМР.

Поврзани содржини