„ЗА НАС Е НЕСПОРНО ДЕКА МАКЕДОНИЈА Е ВЕШТАЧКА НАЦИЈА“ Како советниците во Благоевград се оправдаа зошто нема да се отвори македонскиот клуб
Историски факт е дека до крајот на Втората светска војна термин како „македонска нација“ не се среќава во ниту еден бугарски историски извор, па ни во оние од поранешна Југославија! Терминот се појави со создавањето на Социјалистичка Република Македонија во границите на поранешна Југославија и како резултат на насилното наметнување на политиката на „културна автономија“ во Пиринско!, наведено е на општинската страница на Благоевград.
„За нас е неоспорен историски факт дека македонската нација е вештачки создадена од Коминтерната во 1934 година, дека нејзината единствена причина за постоење била да им служи на интересите на болшевичката партија и на Советскиот Сојуз и за целите на туѓа држава!“
Со ваков текст и 25 гласа „за“, а ниту еден „против“ и четири „воздржани“ општинските советници во Благоевград во Бугарија, донесоа одлука да не се дозволи отворање на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во нивната општина, наводно бидејќи се работи за антибугарска провокација, пренесува Фокус.
Во објавеното Решение на одлуката, тие велат дека терминот „македонска нација“ се појавил дури откако во Југославија била создадена Социјалистичката Република Македонија.
„Историски факт е дека до крајот на Втората светска војна термин како „македонска нација“ не се среќава во ниту еден бугарски историски извор, па ни во оние од поранешна Југославија! Терминот се појави со создавањето на Социјалистичка Република Македонија во границите на поранешна Југославија и како резултат на насилното наметнување на политиката на „културна автономија“ во Пиринско!“, наведено е на општинската страница на Благоевград.
Понатаму, во објавениот текст, од општинскиот Совет на Благоевград пишуваат дека ако некоја група на граѓани која се дефинира како малцинство, се чувствува угнетено, треба да се обрати до судските органи и да побара правна заштита според бугарското и европското законодавство.
„Уште повеќе, за нас како БУГАРИ и жители на ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА е крајно голема навреда и провокација еден голем бугарски поет, каков што е Никола Јонков Вапцаров, да наметнува туѓа национална самосвест!“
„Сметаме дека сите дејствија за создавање на организација во која група луѓе се дефинираат како „малцинство“ во рамките на нашата национална држава се грубо кршење на Уставот и законите во Република Бугарија и се водени од нашето верување дека Бугарија има владеење на правото, ние веруваме дека ако бугарските граѓани се чувствуваат „угнетено“ и нивните етнички граѓански права се повредени, тие треба да се обратат до судските органи и да побараат правна заштита, и според бугарското и европското законодавство!“, пишуваат советниците и заклучуваат:
„Исто така, сметаме дека со ваквите провокативни дејствија, Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија е грубо прекршен, сите досегашни напори за подобрување на нашите односи со Република Северна Македонија се погазени и нејзиниот пат кон европска интеграција и членство во Европската унија е попречена!“