Кого лаже Џулијан Васало?

Дали нашиве политичари, кои со 2030 година го лажат народот, влијаеле и на него, не е јасно. Во секој случај, тој тера вода на нивната воденица, што е тешка шпекулација и уште пострашна измама. Се разбира, доколку спомнатиот не е – видовит. Без тоа, шансите Македонија да влезе во Унијата во следните барем 20 години, се рамни на – нула.

1,785

Името ви е апсолутно непознато, нели? И мене. Арно ама, човекот да ти бил заменик – шеф на Делегацијата (Амбасадата) на ЕУ во земјава. И, не само тоа. Да ти имал и видовитост. Ги викнал новинарите на брифинг и речиси сите тајни им ги кажал („Вечер“ и „Слободен печат“, од 4/10/2022).

Рекол дека нема да шпекулира за датум кога Македонија ќе стане дел но дека – „ЕУ ќе преферира Македонија да ги стигне Црна Гора и Србија, кои веќе одамна преговараат со Унијата и ако има политичка волја во земјата, 2030 година е реална цел“! Дали нашиве политичари, кои со 2030 година го лажат народот, влијаеле и на него, не е јасно. Во секој случај, тој тера вода на нивната воденица, што е тешка шпекулација и уште пострашна измама. Се разбира, доколку спомнатиот не е – видовит. Без тоа, шансите Македонија да влезе во Унијата во следните барем 20 години, се рамни на – нула.






Прво, ако Брисел навистина „преферира“ Македонија да ги стигне Црна Гора, која преговара од средината на 2012, и Србија, која тоа го прави од почетокот на 2014, тоа е крајно некоректно кон овие две земји. Впрочем, ако е тоа навистина така, тогаш Васало не смеел јавно да го каже. Тоа мора да биде голема политичка тајна. Или, ни се додворувал?

Второ, јасно е дека Унијата нема да се проширува следните 10-тина години, а тоа веќе ја преминува 2030. Јавна тајна е дека Франција и Германија, двете локомотиви на Унијата, се против проширувањето бидејќи преку 60 проценти од нивните граѓани тоа не го прифаќаат. За таа цел беше измислена и новата процедура на преговорите за членство. Многу е тешко да се верува дека некој од кандидатите ќе ги задоволи новите критериуми. Македонија најмалку бидејќи Бугарија и Грција нема да го дозволат тоа, во никој случај.

Трето, човеков се дрзнува да ја критикува опозицијата која – „во еден момент ќе треба да преземе одговорност и да докаже дека е за евроинтеграција, како што тврди“! Ова е ем мешање во внатрешните работи, ем делење лекции. Меѓутоа, тоа не го измислил тој и е само мал дел од жестокиот притисок врз опозицијата да го свитка ’рбетот, да капитулира на национален план, и да прифати промена на Уставот. На 26/7/2022, уште подиректно, истото го соопштија комесарот Вархеи и шефот на Васало, Гир. Според мкд.мк, првиот порачал – „Опозицијата во Македонија да се отрезни, ги помина демократските црвени линии“!? Додека вториот, според Канал 5, не опоменал дека – „Македонија мора да ги внесе Бугарите во Уставот, како што бара Бугарија, инаку по скринингот ќе запре процесот“!? Тој нагласува дека самите сме ја презеле обврската за Уставот ама, се разбира, не кажува дека тоа беше ултиматум на неговите од Брисел.

Четврто, и клучно, неспорен факт е дека Брисел ја уцени Македонија со вклучување на неколку стотици измислени Бугари во Уставот. Како и Васало, и тамошните лидери не се сетија на положбата на барем стотина илјади Македонци во Бугарија, кои не уживаат никакви малцински права. Барем, мораа да се прашаат зошто не се спроведуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права? Место тоа, некојси Гир и Васало, сега ни држат лекции дека, со Бугарија, сами сме се обврзале за промена на Уставот и, демек, од нас зависел напредокот кон Брисел!? Васало дури се осмелил да оцени дека – „со внесувањето на Бугарите во Уставот, нема ништо фундаментално да се промени“. Оваа површност може и да му се прости бидејќи суштината на бугарските аспирации кон Македонија и не мора да му биде до крај јасна. Тие не сакаат да бидат малцинство туку конститутивен народ во Уставот. Со оглед дека сега и Брисел е сериозно ангажиран во затворањето на „Македонското прашање“, кога Македонците ќе мораат да ги прифатат „бугарските корени“, ако сакаат во ЕУ, тогаш државата автоматски станува втора бугарска. Васало нека си ја заработува платата, ама со усул. Македонците не се слепи иако нивните „генијални водачи“ не ги оспориле бугарските фантазмагории, и затоа се тие сега и бриселски.

Петто, или Васало се правел недоветен, или новинарите така ги третирал. Им рекол – „Знаеме дека Македонија и Бугарија дискутираат меѓу себе за историјата. ЕУ не се занимава со историја. Ние ја оставаме историјата зад себе и одиме напред. Во ЕУ сакаме да гледаме напред а не да гледаме на работите од минатото“!? Зарем не му кажале дека токму Брисел, преку Берлин и Париз, не присили да ги прифатиме бугарските историски и нецивилизациски синдроми во преговарачката рамка?

Сепак, да го потсетиме. Во точка 5 од преговарачката рамка стои дека (главен?) критериум за Македонија ќе биде – „посветеноста за добрососедски односи …, вклучително и преку постигнување на видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително … и Договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017 година, КАКО И ГОДИШНИТЕ ПРЕГЛЕДИ И МЕРКИ ЗА НЕГОВО ЕФЕКТИВНО СПРОВЕДУВАЊЕ според член 12“ … Васало мора да знае дека „годишните прегледи“ се однесуваат исклучиво на реализацијата на бугарските историски будалштини во однос на Македонија. Се мисли на резултатите на заедничката историска комисија. Мора да му е познато дека Софија ултимативно ни наметнува дека историјата ни е заедничка, односно бугарска. Со уцени и блокади, Софија сака да докаже дека ние сме – Бугари, а Брисел тоа го става како критериум во преговарачката рамка и бара „ЕФЕКТИВНО СПРОВЕДУВАЊЕ“. И, сега, како тоа ЕУ не се занимавала со историја? Всушност, Васало нека ги прочита членовите 2, 3 и 4 од заклучоците на Советот, и ќе види дека со нив се велича протоколот од втората меѓувладина комисија со Бугарија, со којшто прифативме и заедничка историја, и понижувачка промена на Уставот, и …

Како изгледа, никој од новинарите не го прашал – а, зошто за Македонија не важат Копенхашките критериуми, туку важат некакви бугарски фантазмагории?

На крај, мора да се признае дека заменик – шефот на Делегацијата е во право кога кажува дека Македонија има слаб капацитет на апсорпција на фондовите доделени од Унијата, што е крајно сериозна критика на Владата. Ние сме сиромашна држава, а кога некој ни дава пари, не сме способни да ги искористиме! Јасно е до каде сме, нели? И еден друг важен факт ни соопшти Васало: нашето законодавство е само 27 отсто хармонизирано со тоа на Унијата. Исклучително талентираниот Маричиќ, пак, кој забранува да го користиме терминот „македонски/а/о“, не уверува дека правото ни е со околу 50 проценти сообразено со Унијата, иако еднаш спомна и 40. Разликата е сепак огромна.

Поврзани содржини