ИМА И СЕМЕЈСТВА КОИ РЕДОВНО ГИ ПЛАЌААТ СМЕТКИТЕ, А НЕМААТ СТРУЈА Арачиновци излегоа на протест пред ЕВН (ВИДЕО)

Арачиновци бараат средба со надлежните од компанијата ЕВН, а на протестот присуствуваше и градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибрахими.

1,554

Револтирани жители на скопското село Арачиново денеска излегоа на протест пред канцелариите на ЕВН во Скопје за да го искажат својот револт поради тоа што во нивното село веќе два дена нема електрична енергија.

Арачиновци бараат средба со надлежните од компанијата ЕВН, а на протестот присуствуваше и градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибрахими.






Поддршка за арачиновци пристигна и од пратеникот од редовите на Беса, Бастри Бајрами, кој на Фејсбук напиша дека во Арачиново има и семејства кои редовно ги плаќаат сметките за струја, а сега се соочуваат со тотален мрак.

„Во моментов не сум во Скопје и премногу доцна бев известен за денешниот протест, па не бев во можност да присуствувам на протестот. Јас, како граѓанин на ова место, а особено како пратеник од оваа област, целосно го поддржувам протестот на жителите на Арачиново против ЕВН. Не може поради некои граѓани кои не плаќаат сметки да се казни целата општина. Ова е невиден случај на колективна дискриминација. Не треба да се заборави дека меѓу оние кои не плаќаат има и такви кои иако сакаат, сепак не можат тоа да го сторат поради нивната економска и социјална состојба, а за овие граѓани власта мора да изнајде решение. Апелирам до ЕВН, но и до другите државни институции што побрзо да ја решат оваа создадена ситуација. Како пратеник, ова прашање ќе го покренам и во Собранието. Ваквото исмевање со моите сограѓани мора да заврши што е можно побрзо“, напиша Бајрами.

Писмена реакција денеска пристигна и од Народниот правобранител:

„Народниот правобранител информира дека во неговата канцеларија има пристигнато претставка од група граѓани, жители на Општина Арачиново, кои наведуваат дека иако редовно си ги плаќаат сметките за потрошена електрична енергија, во ситуацијава, во услови на економска криза трпат големи материјални штети (им се расипува храната складирана во фрижидерите), но и дека не се во состојба да одржуваат лична хигиена, а кои се жалат дека во овој случај со одложување на санирањето на дефектот се дискриминирани.
Народниот правобанител во оваа прилика ги повикува на заедничка соработка и локалните власти, како и жителите на Општината, со цел што побрзо нормализирање на состојбата“, се вели во соопштението.

Инаку, од ЕВН потврдуваат дека околу 80 отсто од домаќинствата во Арачиново од пред два дена немаат електрична енергија. Оттаму објаснуваат дека во понеделникот наутро дошло до голем дефект како последица на големото преоптоварување на трафостаниците поради континуираното незаконско користење на струјата од страна на жителите.

– Во Арачиново нашите екипи често се соочуваат со вербални и физички напади од страна на жителите, што го оневозможува извршувањето на работата во целина. За да се работи мора да се создадат услови за нормално функционирање и работа, како за дефекти, така и за реконструкција и модернизација на мрежата. Сѐ додека нема нормални услови за работа и има пречка во извршувањето на работата, нема да има можност за реставрирање – велат од ЕВН.

Поврзани содржини