22 ФУНКЦИОНЕРИ МУ „ПУКАЛЕ ВО ГРБОТ“ На денешен ден пред 120 години е роден Методија Андонов-Ченто

Кога во 2013 година беа отворени архивите на АСНОМ од страна на Комисијата за верификација на фактите беше увидено дека членови на тогашниот судски совет на Окружниот народен суд во Скопје, кои му пресудиле на Ченто биле Панта Марина, Лазар Мојсов и Коле Чашуле. Комисијата тогаш изјави дека можно е да ги лустрира и погорните ешалони кои можеби биле вмешани во процесот, како што е Лазар Колишевски.

11,840

Големиот македонски син, прилепчанецот Методија Андонов-Ченто одлежа девет години во затворот во Идризово, само затоа што се залагал за обединета Македонија. На денешен ден во 1902 година бил роден првиот претседател на повоена Македонија и на АСНОМ, а толку оспоруван, што архивите на УДБА за неговото затворање беа отворени дури во 2013 година, кога беше дознаено дека 22 функционери биле вмешани во процесот против него.

Тогаш, Врховниот суд на Република Македонија го рехабилитираше Ченто како жртва на монтиран процес во 1946 година, судење во кое иронично бил наречен „ванчомихајловист“ и „бугарофил“.






Методија бил роден на денешниот стадион во Прилеп. Неговите родители, Андон и Заха потекнувале од селата Леништа и од Плетвар. Уште од млад ја бранел македонската кауза. Завршува средно трговско училиште и отвора бакалско-угостителски дуќан да си обезбеди егзистенција. Во 1930 година се жени со Василка Спирова Поп-Атанасова, а прилепчани не прифаќаат оти тој претходно живеел со неа.

Ченто со Василка и децата

 

Во 1935 учестува на изборите како заменик-кандидат, а во 1938 како кандидат на листата на Здружената опозиција, залагајќи се за поголема слобода на Македонците и отворање на училишта на македонски јазик. Иако добил најмногу гласови, сепак поради државната манипулација со изборниот систем, Ченто не бил избран за пратеник.

Одбил да соработува со Бугарите, станал комунист

Уште на почетокот на бугарската окупација, Ченто, како и многу други Македонци, добива покана да соработува со бугарската власт. Тој оваа покана ја одбива и започнува соработка со Македонското движење за ослободување на Македонија. Неговата продавница во Прилеп станала свратилиште на македонските комунисти од градот.

Србите го затвориле оти организирал Илинденски демонстрации

Неговиот прв судир со српските власти бил кога во 1940 година, како организатор на Илинденските демонстрации во Прилеп и бил затворен во Велика Кикинда. Поради своите залагања за воведување на македонски јазик во наставата во училиштата, повторно бил затворен во затворот Баина Башта. Бил осуден на смрт, но бил ослободен во последен момент на 15 април 1941 година.

Ченто за време на интернацијата во затворот во Чучулигово во Пиринска Македонија

 

Македонија да им се остави на Македонците

Пред Втората светска војна, бидејќи бил многу почитуван во прилепската чаршија, бил претставник на прилепскиот трговски еснаф, а во периодот од 1935 до 1940 година бил претставник на прилепските трговци во Индустриско-трговската комора во Скопје.

Тука повторно дошол во конфликт со српската власт, велејќи дека Македонија треба да се остави на Македонците и дека тие од неа ќе направеле развиена економска земја. Ваквите негови изјави биле пренесени во Белград и оценети како сепаратистички и автономистички.

Во 1942 година повторно бил уапсен, бил интерниран прво во с. Мелница (близу бугарско-турската граница), а потоа во логорот Чучучигово, Петрич (пиринска Македонија). По неговото ослободување од интернација, Главниот Штаб на НОВ и ПОМ на 21 август 1943 година, му исраќа писмо во кое го повикува да се приклучи на НОБ. На иницијатива на Кузман Јосифовски – Питу, Ченто се приклучил на Народноосободителното движење на Македонија.

Младиот Ченто како дел од фудбалскиот тим „Соколи“ од Прилеп

 

Лазар Мојсов, Марин и Чашуле му пресудиле

Кога во 2013 година беа отворени архивите на АСНОМ од страна на Комисијата за верификација на фактите беше увидено дека членови на тогашниот судски совет на Окружниот народен суд во Скопје,  кои му пресудиле на Ченто биле Панта Марина, Лазар Мојсов и Коле Чашуле.

Комисијата тогаш изјави дека можно е да ги лустрира и погорните ешалони кои можеби биле вмешани во процесот, како што е Лазар Колишевски.

Бил против праќање на Македонците на Сремскиот фронт

Ченто тогаш се залагал за обединување на Македонија. Тој за време на Втората светска војна за време на антифашистичката војна често не се согласувал со одлуките на тогашниот југословенски и македонски раководен врв. Тој бил против праќањето на македонските партизани на Сремскиот фронт. Ченто цело време дејствувал и се залагал за обединување и за поголема самостојност на Македонија.

Се разболел во затвор, не добил пасош од Тито

Ченто бил уапсен на 14 јули 1946 година пред својата куќа во Прилеп, а во јавноста  било соопштено дека Ченто бил фатен на границата со Грција во обид да избега од татковината. На 8 август против него е поднесен обвинителен акт, а на 19 ноември е изведен пред суд по што доби затворска казна во затворот во Идризово во Скопје.

Девет години и четири месеци одлежа во Идризово. Поради нарушено здравје бил пуштен дома. Од Тито побарал да му дадат пасош за да отиде да се лекува во Швајцарија. Пасош не добил, а на 24 јули 1957 умира од во Прилеп од рак на желудникот.

Општина Гази Баба не го заборава Ченто

Денеска со почеток во 18:15 часот во паркот Ченто, каде што пред точно 20 години е поставен споменикот на Методија Андонов Ченто заедно ќе ја оддадеме нашата должна почит кон него, информираше Општина Гази Баба преку соопштение.

Покана до граѓаните упати и градоначалникот Бобан Стефковски кој во објава на својата официјална страна на фејсбук, каде напиша:

„Запишано е дека ‘Држава која нема својата историја, има народ без иднина’, а Македонија има долга и богата историја која имаме должност да ја негуваме. За таа цел Ве поканувам денеска 17.08.2022 година (среда) со почеток во 18:15 часот во паркот Ченто, каде што пред точно 20 години е поставен споменикот на Методија Андонов Ченто заедно да ја оддадеме наша должна почит кон него“, напиша Стефковски.

На настанот е потврдено присуството и на членови на семејството на Методија Андонов Ченто.

Поврзани содржини