ХАЛКИДИКИ ГОРИ НА ПОВЕЌЕ МЕСТА Во последните 72 часа опожарена е 141 локација во Грција
За само три дена во Грција бил регистриран вкупно 141 пожар, а повеќето од нив веднаш биле ставени под контрола, соопшти портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому.
Повеќе од 550 пожарникари интервенираат во трите големи пожари во Грција во три различни делови на земјата, на Лезбос, на Пелопонез и кај Еврос, кои се активни веќе неколку дена, јави дописничката на МИА од Атина.
Во областа Суфли кај Еврос во близина на Националниот парк Дадиа, пожарот избувна во четвртокот, а во текот на викендот откако огнената стихија се доближи до населени места, превентивно беа евакуирани жителите.
Рано утрово, дождот го олесни гаснењето на пожарот и напорите да се спаси Националниот парк.
Во областа, од вчера е и министерот за климатска криза и цивилна заштита Христос Стилианидис.
Вчера избувна пожар во западниот дел на Пелопонез во областа Илиа, во близина на античка Олимпија, а утрово интервенираат 159 пожарникар со седум пешадиски тима, 59 возила, четири авиони и четири хеликоптери.
Веќе трет ден, активен е и шумскиот пожар во јужниот дел на островот Лезбос во кој во саботата изгореа куќи, а превентивно беа евакуирани жители на селата во близина на приморското место Ватера.
Во гаснењето на пожарот интервенираат 83 пожарникари со пет пешадиски тима, 21 возило, шест авиони и два хеликоптери, а помагаат и пожарникари волонтери и цистерни од општините.
Во трите пожари предизвикана е и материјална штета со изгорена голема површина.
Рано утрово избија шумски пожари во Касандра и Ситонија на Халидики.
Инаку, во изминатите 72 часа, односно за само три дена во Грција бил регистриран вкупно 141 пожар, а повеќето од нив веднаш биле ставени под контрола, соопшти портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому.
Иконому истакна дека од „ланското непријатно искуство“ со пожарите извлекле поуки, се реорганизирале и оваа година можат подобро да управуваат со пожарите, како во однос на превенцијата, така и во однос на справувањето.