ОД АВГУСТ ЕНЕРГЕТСКА КРИЗНА СОСТОЈБА Владата ќе ги финансира набавките на јаглен, гас и мазут за производство на струја
Министерот за економија рече дека се бара алтернатива за рускиот гас.
Во август повторно ќе побараме прогласување на кризна состојба во електроенергетскиот сектор се со цел да имаме можност преку дополнителни мерки да интервенираме во зголемување на производството на електрична енергија од домашни капацитети, најави министерот за економија Крешник Бектеши на денешниот брифинг со медиумите на кој информираше за следните чекори и мерки кои ќе бидат превземени се со цел ублажување на ценовните шокови за граѓаните.
Тој рече дека не се планира воведување на рестрикции.
-Ќе ја имаме најтешката зима, ситуацијата е многу тешка и непредвидлива не зависи само од Северна Македонија и во земјите од регионот туку во зависност од тоа како ќе се одвива војната во Украина. Ние работиме на обезбедување на алтернативни начини за снабдување со енергенси, доколку имаме целосна забрана за увоз на гас за да може да работат и топланите и индустриските капацитети. Во делот на алтернативни извори согласно Законот е предвидено и да може да се префрлат на друг енерегенс односно на мазут – рече Бектеши.
Во однос на снабдувањето со гас за престојната грејна сезона, министерот рече дека се прават напори да се обезбедат и други извори на снабдување освен руски.
– Доколку успееме во соработка со „Булгаргастранс“ да ослободиме дел од капацитетите од гасоводот кој што го имаме со Бугарија којшто е целосно закупен од „Гаспром“, тогаш ќе може во услови доколку Русија ни ги стопре испораките на гас, да се снабдуваме со гас од Азербејџан или Турција – рече Бектеши.
Министерот информираше дека од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) во текот на вчерашниот ден се обезбедени 100 милиони евра за ликвидноста на АД ЕСМ за да може во текот на годината да има средства да купува електрична енергија доколку има недостаток и да купува јаглен и мазут за домашните капацитети за производство на електрична енергија.
– Ќе се купува електрична енергија, но и јаглен и мазут. Планирано е да работат сите три блока во РЕК Битола, ТЕЦ Осломеј, ТЕЦ Неготино, а во моментов треба да ги сочуваме хидроенергетските капацитети за да имаме електрична енергија за зимскиот период – рече тој.
Бектеши информира дека Третиот блок на РЕК Битола ќе биде ставен во функција на 1 октомври наместо на 15 ноември како што првично било планирано и оти за тоа се направени сите подготовки. РЕК Осломеј денеска ќе биде исклучен од системот за да се направат потребните ремонти и од септември да биде во функција, а следната недела ќе биде ставена во функција и една постројка во ТЕЦ Неготино. Доколку се договорат со стопанските комори ќе се активира и втората постројка во ТЕЦ Неготино од околу 90 мегавати која ќе работи само за потребите на индустријата.
Зголемен е, како што кажа, и ископот на домашните капацитети за јаглен, а потпишани се и договори за континуирано снабдување со јаглен за потребите на РЕК Битола и РЕК Осломеј со фирми од Грција и Албанија. Се очекува тоа да се направи и со фирма од Косово.
Капацитетот на акумулациите е на ниво од 50 отсто што е за 20 отсто повисоко од лани, а хидро потенцијалите од почетокот на годинава се користат само за балансирање на системот и системски усогласувања, но не и за производство на електрична енергија. Се планира тоа да се прави до ноември со цел да се зачуваат капацитетите за зимата.
Во однос на пакетот на антикризни мерки којшто беше најавен, министерот Бектеши информираше дека ќе почне да се применува во септември и ќе важат до крајот на годината, а ќе бидат наменети за најранливите категории на граѓани.
Министерот информираше дека следната недела во рамки на иницијативата Отворен Балкан во Тирана ќе се одржат работни состаноци со министерите од Албанија и Србија каде се разговара и ќе се предложат мерки се со цел да се задоволат потребите за храна и струја за граѓаните на земјите во регионот.