РАСАДНИК ЌЕ СЕ ГРАДИ НА МЕЃУНАРОДЕН КОНКУРС Општината бара да има парк шума од 100.000 м2
За овој дел од Кисела Вода се предвидува изградба на градинка, основно училиште, верски објект, урбана парк – шума од минимум 100.000 м2, спортско-рекреативни содржини, високо образование со ботаничка градина.
Општина Кисела Вода објави Меѓународен конурс за идејно решение за Расадник, што е прв таков конкурс во Македонија после 1965 година. Конкурсот ќе биде отворен четири месеци.
– Денес финализираме едно големо ветување за одговорно, стручно и хумано планирање на ликот на оваа урбана заедница. Ја спречивме намерата на претходното раководство за изградба на 99 згради во Расадник, спречивме катастрофа, а после неколкумесечна сеопфатна подготовка, со големо задоволство сакам да ве известам дека го објавивме Меѓународниот конкурс за Расадник – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната презентација на конкурсот.
Насоките на Општината кои се наведени во конкурсот предвидуваат изградба на детска градинка, основно училиште, верски објект, урбана парк – шума од минимум 100.000 м2, спортско-рекреативни содржини, високо образование со ботаничка градина.
– Се надеваме дека овој меѓународен конкурс ќе биде предизвик и можност за професионална надградба за стручњаците од оваа област, а обезбедената парична награда, како достоинствена валоризација на инженерскиот труд од страна на Општина Кисела Вода ќе биде само дополнителен поттик. За наградите во износ од 15.000, 8.000 и 3.000 евра за прво, второ и треторангираниот, како и за двата откупа во износ од по 2.000 евра, ќе одлучува 9-члена жири комисија. Во неа има врвен меѓународен експерт од областа на архитектурата и урбанистичкото планирање, како и претставници од домашната стручна јавност, но вклучени се и граѓаните преку Партиципативното тело за урбанизам на Општина Кисела Вода – додаде Ѓорѓиевски.
Конкурсот трае до 11 ноември, кога ќе се знае бројот на пријавени трудови и ќе почне процесот на евалуација кој треба да заврши заклучно со крајот на декември оваа година.
– Упатувам повик за учество на конкурсот до домашната и до меѓународната експертска заедница, до сите оние кои знаат дека кога уредувате јавен простор, вие дизајнирате нечиј дом, нечие соседство, го креирате правецот на развој на тој дел од градот. До сите кои верувате дека луѓето се важни и дека не може да уредуваме градење без да уредуваме живеење – изјави Ѓорѓиевски.