Викендот на гордоста Скопје 2022, што оваа година ќе се одржува во два термина, од 2 до 11 јуни и од 15 до 17 септември, е фестивал за квир култура, уметност и теорија, чијашто цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување, или, со други зборови, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети обележани од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст, како квир, ексцентрични и неуспешни.
Ова го соопшти Тимот на Викендот на гордоста Скопје 2022, додавајќи дека настаните ќе се одржуваат во Музејот на современа уметност, Мала Станица, МКЦ, Театар комедија, КСП ЈАДРО и во Станица 26.
Годинешниот фестивал ќе се отвори на 2 јуни, во 20:30ч, во Музејот на современа уметност, со изложбата „Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија“, курирана од Славчо Димитров и Биљана Тануровска – Ќулавковски. Ќе бидат претставени архивски материјали и дела од Волфганг Тилманс, Нора Стојановиќ, Милош Коџоман и Драгољуб Бежан, Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Јане Чаловски, Кочо Андоновски, Наташа Гелева, Музејот на современа уметност Скопје, STEAM ROOM, Александар Георгиев, Викторија Илиоска и многу други. За време на отворањето на изложбата ќе биде изведен во живо и најновиот перформанс на Христина Иваноска, како и најновото кореографско дело на Александар Георгиев.
„Оваа архива на современи квир/феминистички перформативи во Македонија ќе го опфати периодот од последните 4 декади. Во рамки на истата се истражуваат и се вклучени различни уметнички перформативни практики, кои ние ги забележуваме како феминистички перформанси и пракси во рамки на визуелните и изведбените уметности, како и квир перфоманси, секојдневни квир и клупски кореографии во 1990-тите и денес, зачетоците на родовите студии и теорија, политички перформанси, и други фестивали и пракси кои ги истражуваме и читаме во полето на поставениот проблем и тема“, објаснува организаторот.
Публиката ќе може да проследи и перформанси на Џули Толентино и Стош Фила (САД) на 3 јуни во МСУ. Џули Толентино е култна американска уметница со филипинско и салвадорско потекло, која во своите перформанси/инсталации ги истражува меѓупросторите на расата, родот, релационалноста и архивот.
На 4 јуни, исто така во МСУ, ќе се претстави легендарниот Дејвид Хојл (ВБ), познат во 1990-тите години како Дивајн Дејвид.
Во рамки на јунската програма орфанизаторот најавуваме и јавно предавање на Јасмина Тумбас (САД), која на 7 јуни во МСУ ќе ја претстави својата последна книга објавена од Manchester University Press – „Јас сум Југословенка!: феминистичка изведувачка политика за време и по југословенскиот социјализам“. Тука се и перформативни презентации на Џесмин Херн, заве мартоарџоно, Џеј Бoj и Сара А.О. Роснер (САД) во Мала станица, а во соработка со Локомотива, после две години, јунското издание на фестивалот ќе се затвори на 11 јуни, со нашите омилени ПичПрич и СРАМОТА! – Вечер на раскажување квир приказни.
Во септемвриската програма публиката ќе проследи танцова претстава на францускиот кореограф Матје Окемије, перформанс на Јулишка Стенгеле од Австрија и вечер на воугинг и дрег забава.
Оваа година каталогот за фестивал е проследен со првиот превод на македонски јазик на францускиот филозоф Жан Лик Нанси. Примерок од каталогот ќе можете да си земете на отворањето на Фестивалот.
Фестивалот е во организација на Коалиција Маргини и ЛГБТИ Центарот за поддршка.