Трпевизам и трајчевизам

Секојдневно ги слушаме вешто инструираните „вдахновени“ изливи за актуелните настани во светот, за автократите и диктаторите со крвави раце, ама остануваме слепи пред оној петнаесетметарски споменик во слава на најголемиот познат масовен убиец во светската историја, насаден во самиот епицентар на Скопје! А зошто, бидејќи е – „наш“?!

1,547

Во држава во којашто зборот култура се слуша многу, многу ретко односно во којашто не се говори за културата, тешко е да се говори и за културна политика. Во држава во којашто не се говори за природата на нејзиниот политички систем и идеолошките и културните вредности отелотворени во тој систем, е уште потешко да се говори за културата и потенцијалната културна политика. Во земја во којашто највисоките државни политичари ниту еднаш во мандатот не го изговараат зборот култура е речиси невозможно да се разговара за каква и да ѐ културна политика. Македонија (и понатаму) е – таква земја: се вее како исушена трева по светските/европските настани, ја разјадуваат властодржечко-лукративни поделби и страотни омрази (повторно на лукративна основа!), речиси буквално се самоуништува заради нејасни подметнати интереси, диригирано се поведува по грст полуписмени „аналитичари“ дебело платени за нивните „упатства“ за однесување на јавноста во дадени ситуации… Зошто ѝ е на таква земја – културна политика? Се разбира дека не ѝ треба, ниту пак некој покажува особен интерес да ја има. Културата односно културната политика, очигледно е веќе, не ѝ треба дури ни на – културата. Да беше поинаку, зарем културата така гласно ќе молчеше?

Затоа, впрочем, и настојувањата на еден грст луѓе, се разбира стручни за таа проблематика, на потребата од дефинирање на некаква културна политика на државата, е често јалова, подложена дури на подбив или, најчесто, на игнорирање. Но што пак не е во оваа држава, нели? Што не е подложено на подбив, на плукање, на пцовки… во овој македонски симулакрум од страна на керберите на власта, особено ако изречените нешта не се еднолинијски со „политиките“ на владеачката коалиција (која и да ѐ и каква и да ѐ), ако дури покажете нормална доза на национално чувство и патриотизам (инаку веднаш прогласен за национализам) држејќи се притоа настојчиво до вековните лозунзи дека наведната глава сабја не ја сече, дека ние сме мала држава и затоа мора да голтаме сѐ што поголемите ќе ни сервираат… итн. Трпевизмот и трајчевизмот се поголеми и посилни од секој груевизам и/или заевизам! Ние се гордееме кога ги продолжуваме традициите поразите успешно да ги промовираме во победи со помош на разработената семејно-партиска и квази-експертска машинерија составена од минорни суштества кои глумат интелектуалци за триесет сребреници. Извинете, но оваа држава упорно сака да ни претстави некакви чудни човечиња – мајкини и таткови гологлави и гологази синчиња без еден ред сериозен труд/книга за областа на нивната наводна експертиза – подготвени да поплукаат сечиј поинаков напор само ако е во нивен личен и интерес на партијата на власт (како менлива категорија)! Ама сакаме да се претставиме и како фактор, па дури и да држиме лекции како „(…) држава која триесет години успева да го сочува домашниот и меѓународниот мир“. Ние, го сочувуваме „меѓународниот мир“? Деновиве пак, секојдневно (ќе) ги слушаме вешто инструираните „вдахновени“ изливи за актуелните настани во светот, за автократите и диктаторите со крвави раце, ама (ќе) остануваме слепи пред оној петнаесетметарски споменик во слава на најголемиот познат масовен убиец во светската историја, насаден во самиот епицентар на Скопје! А зошто, бидејќи е – „наш“?! И колку години стоеше оној Ќосето пред судовите и не им пречеше на сегашниве „демократи“ и „интелектуалци“?  Оттука, која, и каква културна политика воопшто може да се димензионира на една ваква интелектуално трусна почва?






Но, од друга страна, и за среќа, културата е жилава материја и не така лесно се предава на луѓе од онаков ков. Без оглед кој колку ја спомнува, или цени, таа е тука, отсекогаш била, со крената или со наведната глава како денес, ама опстојувала, повеќе или помалку. Денес – помалку, благодарејќи на оваа полуписмена политикантска булумента закрепостена во слугувањето на неколкумина самонаречени интелектуалци кои секојдневно блујат омаловажувачки за народот/нацијата гнасотии промовирани од власта како длабокоумни политички „анализи“. Сеедно, културата мора и ќе преживее, независно дали ние денес или утре ќе имаме демократска и проевропска – иако овој збор полека кај нас станува омразен, за жал – културна политика, или тоа ќе остане долг за некои (да се надеваме) не така далечни генерации. Сепак, она што можеме/мораме денес да го направиме е (барем) да поставиме некои основи за утре, за некои поразбрани и подалекувиди политичари и интелектуалци. Барем тоа можеме да го направиме!

А всушност, можеби првото што треба да го направиме е да преповториме некои постари „материјали“ и поуки односно да почнеме со обратниот процес: што културата не е!? Потоа, можеби, полесно ќе дојдеме до одговорите што културата е односно треба да биде. На пример, прво, културата не е играчка за неспособни политичари, уште помалку е поле за обука на неуки и културно неписмени „интелектуалци“ кои глумат министри. Сето тоа тогаш се претвора во загубени (за културата) години и само го зголемува количеството плевел во таа област. Зашто, штетата што ја прават таквите луѓе е долгорочна и ненадоместлива на краток рок. А впрочем, нам плевелот во културата ни е веќе прекуглава, не ни треба уште. Второ, културата и уметноста се две различни нешта. Поточно, уметноста е дел од културата, но не е единствен и не е најважен. Културната политика треба во еден сегмент да се грижи и за развојот и поддршката на уметноста, но тоа не е нејзина главна задача, не е дури ни фиксиран приоритет. Трето, културата односно културната политика на државата не се занимава со партиската (не)култура и нејзините клиенти/абоненти. Со нив ќе се занимава дотичната партија, од свои а не од јавни средства. Понатаму, културата не е трамбулина за финансирање „кариери“ на шестокласни уметници или амбициозни аналфабети. Јавните пари во културата наменети за финансирање на квалитетни проекти го подразбираат токму тоа: квалитет. Едновремено, културата – јавните институции во неа – не се лична дневна соба на партократијата и нејзините пулени распоредувани на фотелјите, двоседите и троседите. А пулени кои сакаат да глумат директори имаме за извоз. Културата во основа означува/подразбира тесноспецијализирани кадри обучени за одредени специфични работи и задачи што треба да „произведат“ најдобри резултати. Сето друго е импровизација, партизација, често непотизам и кронизам, клиентелизам… итн. Потоа, културата не е пазар – иако може да биде, но тоа е друга тема – каде што „производите“ се мерат според некакви меркантилни вредности. Таа тоа не е и не може да биде во држави од профилот на Македонија. Но, едновремено, културата/уметноста не е ниту прибежиште/засолниште на сѐ што е неуко, полуписмено, приучено, полустручно, умислено… бидејќи тогаш и резултатите односно „придобивките“ ќе бидат на тоа и такво рамниште. А ние сме одамна веќе на тоа ниво. На крајот, иако не како последно: културата не е селско буниште по коешто ќе шетаат коекакви „идеолошки“ и непотистички петлиња и кокошки и ќе го распретуваат ѓубрето. Не, културата е сериозна, единствена, специфична, драгоцена… област во којашто секоја глупост стократно се враќа. Во негативна смисла, се разбира!

Извор: Теодосиевскиуметност

Поврзани содржини